Remove ads

Остроготите уште познати и како Источни Готи биле племенска групација која околу 3-от век се оделила од основната маса на готските племиња. Во тој ран период тие ги населувале териториите источно од реката Днестар, северното крајбрежје на Црното и Азовското Море.[1]

Thumb
Мозаик на кој е претставена палатата на Теодорих Велики кој се наоѓа во базиликата Сан Аполинаре Нуово.

Остроготски племенски сојуз

Кон средината на IV век во црноморските степи бил формиран еден крупен племенски сојуз на чело со Остроготите, предводени од кралот (Х)Ерманарик. Покрај Готите, во сојузот влегле и некои сарматски и словенски племиња. Источно од готскиот сојуз, во степите на Долна Волга и Северен Кавказ веќе бил формиран племенскиот сојуз на Хуните, кои во средината на столетието ги поразиле Аланите и станале непосредни соседи на Остроготите. Неизбежниот судир помеѓу двата сојуза се случил во 375 година.[2] Во решавачката битка, лесната хунска коњаница имала очигледна предност над готската пешадија и им нанела на Готите тежок пораз. Кралот Ерманарих, не можејќи да го поднесе поразот, се самоубил, сојузот се распаднал, а поголемиот дел од Остроготите продолжиле заедно со Хуните да се движат кон запад и да ги остваруваат нивните интереси.

Remove ads

Кралството на Остроготите

По распаѓањето на хунскиот племенски сојуз со Битката кај Недао во 454 година, Остроготите во Панонија се ослободиле од власта на Хуните и, откако излегле од сојузот со Гепидите, станале федерати на Источното Римско Царство. Остроготските воени одреди биле користени како наемници во византиската армија. Кон крајот на 5-от век на чело на Остроготите застанал Теодорих од познатиот род Амал. Тој бил воспитуван во Цариград, каде што извесно време престојувал како дипломатски заложник. На дворот на царот Зенон (474-491) заземал висока положба, а добил и патрицијска и конзулска титула. Тоа не му пречело неколкупати да се крева против Царот и да го загрозува главниот град на Византија. За да ги упати Остроготите подалеку од престолнината Зенон го упатил Теодорих во Италија, наложувајќи му да ја ликвидира власта на Одоакар.

Thumb
Остроготското кралство

Освојувањето на Италија

Во Италија веќе постоела државата на Одоакар. Имено тој, во 476 година заедно со група на наемници во римска служба, кренал востание и го симнал од престолот царот Ромул Августул, последниот западно-римски цар. На неговото место не бил поставен нов император, туку Одоакар (476-493) ја зел власта во свои раце и формирал свое кралство со центар во Равена, кое ги опфаќало териториите на Италија, Далмација и Сицилија, а ја признавало врховната власт на источно-римскиот цар Зенон. Притоа, Одоакар ги испратил во Цариград царските инсигнии, што им припаѓале на западно-римските цареви, а за возврат, од Цариград бил признат за намесник на Царството и ја добил престижната титула патрициј. Но Одоакар водел самостојна политика и владеел независно од царевиградскиот двор, што предизвикало силна опозиција во Италија и незадоволство во престолнината на Византија. За да стави крај на независната политика на Одоакар и да се ослободи од притисокот на Остроготите кои ги населувале византиските територии (вклучително и територијата на Македонија), царот Зенон ги насочил воените сили на Остроготите во Италија.

Походот на Теодорих кон Италија и создавањето на Остроготското кралство

Кон крајот на 488 година, Остроготите, на чело со Теодорих, се упатиле кон Италија. Се смета дека броеле околу 100.000 луѓе, од кои 20.000 биле војници. Во неколку битки Теодорих успеал да ги победи војските на Одоакар, а потоа со него склучил мировен договор за поделба на Италија. Но овој договор не траел долго. Теодорих со измама успеал да го ликвидира Одоакар кога му дошол на посета и потоа навлегол со својот народ во Италија. Во 493 година било формирано Остроготското кралство, на чело со кралот Теодорих (493-526). Покрај Италија, новата држава ги зафаќала и териториите северно од неа, до Дунав, денешен Тирол, Швајцаревија, дел од Баварија, Австрија, Панонија, Илирија на источниот брег на Јадранското Море, како и Сицилија. Престолнина на кралството станал градот Равена.[3][4]

Државна организација

Готското население не се рамномерно населило на целото географско подрачје на Апенинскиот Полуостров туку заземало само одредени области во северна и средна Италија.[5] Во јужна Италија биле поставени само готски воени гарнизони. Остроготското кралство функционирало на принципот на успешна синтеза на остатоци од римските државни и политички институции со формите на „варварските“ начела на управување. Во својата држава Теодорих дозволил религиозна слобода (по 520 г.), кое што во практика означувало дека во недрата на остроготската држава паралелно дејствувале епископи од аријанската црква со оние од папскиот престол. Земјата била поделена со месното население на тој начин што на Готите им била дадена третина од владеењата на римските земјопоседници. Оваа третина им е дадена на Готите во прв ред за сметка на приврзаниците на Одоакар, којшто во свое време заграбил една третина од земјата на Италците. Но по се изгледа оваа земја не била доволна за Остроготите, поради што бил земен дополнителен дел од земјата на римските земјопоседници.[3]

Thumb
Остроготски обетки

Владеењето на Теодорих

Теодорих се титулирал како „римски патрициј и крал на Остроготите“. Неговата кралска титула, по молба на папата и римскиот сенат, била признаена од источноримскиот цар, а самиот Теодорих декларирал дека ќе ги почитува римските закони и ќе го запази постојаниот административен систем. Остроготскиот владетел се стекнал со завидно реноме и кај соседните „варварски“ владетели, поврзувајќи се со нив преку династички бракови: Тој самиот се оженил со сестрата на кралот на Франките Хлодовик, својата ќерка ја омажил за Аларих II, кралот на Визиготите, а својата сестра ја дал за жена на тиришкиот владетел. На својот двор, во својство на советници, ангажирал видни римски филозофи, од кои најзначајни меѓу нив биле Касиодор и Боетиј.[6]


Remove ads

Пропаста на Остроготското кралство

Наследниците на Теодорих

По смртта на Теодорих Велики кралствто започнало забрзано да пропаѓа. Тој бил наследен од неговата ќерка Амалсунта (526-534), која, заради востановениот мир со Византија била симната од престолот од страна на остроготските воени структури.

Војната со Византија

Како одговор на симнувањето на кралицата Амалсунта, во 535 во Италија започнале да продираат војските на византискиот цар Јустинијан I. Оваа војна започнала со низа големи византиски победи. Еден дел од византиската војска навлегол во Далмација, додека вториот дел под водство на Велизар ја освоил Сицилија, се пробил понатаму во Италија и брзо ги зазел Неапол и Рим. Но потоа настанала жестока борба. Велизар во Рим морал да издржи долга опсада, додека најпосле не успеал да се пробие на север, да ја заземе Равена и да го совлада храбриот крал Витигес, кој бил одведен во Цариград како заробеник(540). Меѓутоа под енергичното водство на Тотила, Готите повторно се дигнале. Велизар претрпел неколку порази. Одвај генијалниот стратег и вешт дипломат Нарзес успеал по долго и заморно војување да го скрши отпорот на непријателот. Најпосле по дваесетгодишни тешки и променливи борби, Остроготското кралство било освоено од страна на Византија (555).[7]

Remove ads

Наводи

Литература

Надворешни врски

Wikiwand in your browser!

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.

Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.

Remove ads