манастир во Кривопаланечко From Wikipedia, the free encyclopedia
Свети Јоаким Осоговски или Осоговски манастир — манастир на околу 3 км североисточно од Крива Паланка, во прегратките на дабовата шума на Осоговските Планини, посветен е на пустиножителот и чудотворец св. Јоаким Осоговски.
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Свети Јоаким Осоговски | |
' | |
Македонска православна црква | |
Епархија | Кумановско-осоговска |
Архијерејско намесништво | Кривопаланечко |
Местоположба | |
---|---|
Населено место | Крива Паланка |
Општи информации | |
Покровител | св. Јоаким Осоговски |
Архитектонски опис | |
Портал |
Основан е уште во XII век, познат и по името Сарандапор. Токму во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век живеел испосникот св. Јоаким Осоговски. Тогаш во овие краишта се подвизувале и прочуените св. Јован Рилски, св. Прохор Пчински и св. Гаврил Лесновски.
Во непосредна близина на Крива Паланка (2 км од центарот) се наоѓа познатиот македонски манастир Свети Јоаким Осоговски, кој е стар 1003 години и е позната и доста посетена туристичка атркација. На 28 август секоја година во манастирот се одржува традиционалната прослава на верскиот празник Света Богородица на која доаѓаат и повеќе од 20000 луѓе од градот, околината и други градови од државата.
Географската положба, природните и климатски услови имале пресудно значење за развојот на цивилизациите. Археолошките наоѓалишта, материјални остатоци и археолошкиот материјал го потврдуваат континуитетот и еволуцијата на животот речиси низ сите епохи. Во третиот век пред нашата ера бележиме значајни моменти од историјата на поширокиот регион на североисточна Македонија и западна Бугарија. Во овој период врз старо селиште, во времето кога на овој простор владеело тракиското племе Дентелети, бил формиран градот Пауталија (денешен Ќустендил). Од податоците, поточно од географската карта на Ќустендил, го регистрираме античкото име за Кривопаланечко - Ремисијана. До кога опстојувало името Ремисијана за Осоговието не се знае. Може да се претпостави, по аналогија на ословувањето на околните градови дека опстојувало и во римскиот период. Оваа област во византискиот период, со доаѓањето на Словените, го имала името Осоговие. Областа пак во делот на Осоговието каде што е изграден манастирот се нарекува Сарандопор, има грчко потекло и во превод значи четириесет, а се однесува на четириесетте брода, слапови и свиоци на Крива Река. Средновековието на овој простор историски и археолошки има три развојни етапи. За нашето истражување е значајна втората етапа, кога оваа култура масовно се ширела и се прифаќала. Најзначајниот атрибут на оваа култура е основањето на манастирот Свети Јоаким Осоговски во XII век, како црковно - духовно и културно јадро за овој регион.
Историјата на манастирот Св. Јоаким Осоговски започнува со доаѓањето на светителот во областа на Осоговието и неговата света мисија на подвизување. Едно од кривопаланечките најавтентични преданија, кое во колективната меморија е присутно повеќе од девет века, знае за присуството на Норманите, кои на почетокот на осумдесеттите години на XI век навлегле во Македонија. Од тие војски св. Јоаким Осоговски бил вознемирен на своето подвизување во село Градец. Тоа било причина да избере ново место за подвизување. За таа цел ја избрал пештерата во месноста Бабин Дол, во непосредна близина на денешната локација на манастирот Св. Јоаким Осоговски. Иако нема пишани документи за црковното наследство и организација во Кривопаланечко за периодот пред доаѓањето на св. Јоаким бројните археолошки наоѓалишта во кои повеќе од петнаесет се спомнуваат под името црквишта и манастиришта одат во прилог на претпоставката дека св. Јоаким дошол во средина со развиен црковно - духовен живот.
Единствените податоци со кои располага науката за животот, делото и периодот во кој живеел св. Јоаким Осоговски (Сарандопорски) се црпат во неговото житие. За времето во кое живеел св. Јоаким Осоговски постојат повеќе претпоставки. Според Константин Иречек, св. Јоаким Осоговски живеел во XI век. Тој со ова само го потврдува сознанието првиот пустиножител меѓу Словените. Св. Јован Рилски живеел во X век во времето на бугарскиот цар Петар, а св. Јоаким, св. Гаврил Лесновски и св. Прохор Пчински во XI век. С. Душаниќ, компарирајќи ги податоците од житието, смета дека св. Јоаким се родил во првата половина од XI век и умрел кон крајот на истиот век.
Според житието, Бог решил да го прослави својот испосник и да го обнови неговото свето место во времето на византискиот цар Манојло (1143-1180), по смена на цела една генерација од неговата смрт, што значи дека поминале 50-80 години. Ако ова време се одбие од владеењето на царот Манојло, за чие пак време во Сарандопор дошол свештеникот од Овчеполието Теодор, излегува дека св. Јоаким Осоговски умрел кон крајот на XI или почетокот на XII век. Бугарскиот академик Јордан Иванов смета дека животописните податоци се најважни за да се определи времето кога живеел св. Јоаким Осоговски. Со оглед на тоа што свештеникот Теодор, откако се замонашил и го добил името Теофан, изградил манастирска црква и во неа ги положил моштите на светецот 50 години по неговата смрт во времето на царот Михајло, смртта на светецот треба да се пресмета 50 години наназад т.е. кон крајот на XI и во почетокот на XII век, животот во втората половина на XI а изградбата на манастирот во средината на XII век. Смртта на светецот Георги Трајчев ја определува кон крајот на XI век и почетокот на XII, а манастирот е изграден кон средината на XII век од игуменот Теофан во времето на византискиот цар Манојло Комин. На теренот на Македонија во IX и X век се јавиле првите можности и услови за развиток на монашкиот живот, со што се развил и култот на домашните светители.
Влијанијата на еремитското монаштво (осаменичко испошништво и подвизување) доаѓаат од Византија. Тоа првично било изразено од Охрид. Монаштвото во практика кај Словените го вовеле св. Климент и св. Наум. Во нашата црковна традиција се граделе два начина на остварување на монаштвото - киновитско и еремитско. Киновитско монаштво претставувало организиран облик на заедница на монаси кои живееле заедно во манастир. Еремитско монаштво го карактеризира осаменички испоснички живот, во чија основа лежи и повисок монашки подвиг. Еремитско монаштво кое во почетокот го прифатил нашиот св. Јоаким го карактеризира сила, волја и верба во Бога, а страдањето пустиножителството и испосништвото се само минлива нишка од животот низ која се остварува чинот на себепредавање на Бога со самоизмачување и стремеж за остварување на сестран однос на интелектуална љубов кон Бога, низ духовен аскезис.
Почетното заживување на подвизништвото јужнословенските простори се поврзува со северните краишта на Македонија. Конкретно околу планините Осогово и Козјак кај Крива Паланка, Куманово, Врање и во Злетовските Планини. Тројца од четворицата духовни браќа имале судбинска врска со Осоговието св. Јован Рилски, св. Гаврил Лесновски, а особено св. Јоаким Осоговски, кој својот пустиножителски подвиг и подвизувачка мисија во името на Бога ги поврзал и ги остварил во Осоговието.
Освен житието на св. Јоаким Осоговски науката не познава други пишани документи и извори за основањето на манастирот. Житието на св. Јоаким е зачувано во преписи од XV век наваму. Преписите се менувани и дополнувани со настани, случки и епизоди од животот на светителот. Најстариот препис на житието се чува во Синодалната библиотека во Софија и датира од XV век. Житието повеќепати е објавувано и тоа според ракописот од XVI - XVII век, од В. И. Ламански во Санкт Петербург во 1864 г. од С. Новаковиќ во Белград во 1867 г., од академик Јордан Иванов во Софија во 1931 г., од Теодосија Леков во 1789 г. во Хиландар и од Д. Маринов во Софија во 1900 година. Последната верзија ја отпечатил архимандритот Кесариј (игумен во манастирот) во 1912 г. во Софија. Според житието, Господ решил да го возобнови и подигне местото на св. Јоаким Сарандопорски во времето на византискиот цар Манојло Кемин.
На Бога му било угодно самиот чин на градба да ја изразува промислата и полнотата на словото. Затоа овоземниот живот на св. Јоаким Осоговски била доволна причина со божја промисла да се оствари словото на лобосот на ова парче света земја, во конкретен облик црква, светилиште, манастир. Промислата сакала манастирот да не биде ничија задужбина, а самиот св. Јоаким да биде ктитор на својот манастир.
Артикулацијата на овој свет градителски чин била предодредена преку свештеникот Теодор од Овчеполско. Тој во сон преку Божјо видение ја примил врз себе светата и кратена цел.
„Господе мој, слушнав за светиот отец наш Јоаким, кој живее во пазувите на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, со неговите свети молитви и со Божјата помош и мене кутриот ми се посака на ова место и со неговите молитви Господ и нашите чекори да ги упати кон исполнувањето на Божјите заповеди“
„Оди чедо, со мир Божји, со благодати“.
„Се разбуди Теодород сонот и разбра какво видание и каков благослов прими, го прослави Бога и светиот и не кажа што виде. И дојде пак во спомнатото место, се насели таму и рече: Овде е покојот мој за цел век, овде ќе се населам бидејќи го засакав ова место“. По малку време откако Теодор се замонашил и го добил името Теофан како прв игумен, со помош на месното население ја изградил првата манастирска црква. Чинот на основањето на Осоговскиот манастир се случил така како што било запишано. Педесет години од упокојувањето на светителот, неговите мошти Теофан ги поставил во саркофаг во внатрешноста покрај западниот дел на црквата, каде што и ден денес ја искажуваат својата исцелителна и лечебна моќ. Така во овој дел од македонската земја се појавил непресушен вруток на духовно јадро околу кое X века пулсира црковниот, духовниот и културниот живот во Кривопаланечко и пошироко со и низ манастирот Свети Јоаким Осоговски.
Некои фрагменти од житието, како оној дека игуменот со калуѓерите ги пеел часовите пред црквата, се искористени од С. Новаковиќ и од некои современи автори за тезата дека првично бил изграден мал храм. Кој е тој мал храм? Од денешните два храма помалиот е посветен на Света Богородица, а не на Свети Јоаким Осоговски. Претпоставка е дека пред изградбата на Големиот храм посветен на св. Јоаким Осоговски (1847/51) год. под темелите се наоѓа во првиот храм на св. Јоаким Осоговски. Археологијата и воопшто науката сè уште ја немаат дефинирано оваа претпоставка. Дали со основањето на манастирот во XII век се изградени два храма и кај е првоизградената? За ова сè уште нема одговор. Како и да е, најстар црковен објект денес во манастирскиот комплекс е црквичката Рождество на Пресвета Богородица која датира од XII век. Манастирот Св. Јоаким Осоговски се наоѓа на неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен во прекрасните падини на Осоговските Планини во месноста Бабин Дол. Првичната локација според житието се вика Манастирски Рид.
Двата храма, едниот посветен на св. Јоаким и другиот на Света Богородица се сместени на пространо и питорескно плато со камбанаријата. Географската диспозиција на двата храма, како и разиграноста на придружниот архитектонски ансамбл, го прават еден од најмонументалните манастири на Балканот. Со основањето, манастирот Св. Јоаким Осоговски станал дел од историските текови на животот, дел од вечната смисла на животот на кривопаланчани и на нивната заветувана света должност на својот патрон и заштитник да му изградат манастир и да му воспеат химна на вечното животворно слово. Вистинскиот храм ги сплотил луѓето низ векови и им дал надеж во допирот со вечноста.
Длабокото верување на кривопаланчани во моќта на св. Јоаким Осоговски наоѓа најавтентичен израз во колективната меморија која на пластичен начин од колено на колено регистрирала и зачувала повеќе преданија во кои доаѓаат до израз чудата, исцелителноста и заштитничката моќ. Чудотворното дејство на св. Јоаким Осоговски во повеќето кривопаланечки преданија е поврзано со неговиот манастир, за кој, како што е кажано во житието, тој самиот се грижел. Оттука и преданијата посебно ја афирмираат светителската заштитничка функција врз манастирот, но и пошироко врз Кривопаланечко, со што се потхранува влијанието кај верниците изразено низ психолошкото и моралното воздејство на интерактивната врска на народот со манастирот и народната традиција во Кривопаланечко воспоставува врски на Свети Јоаким Осоговски со Свети Јован Рилски, со Свети Прохор Пчински и со Свети Гаврил Лесновски, која доаѓа до израз и во житието на Свети Јоаким Осоговски, каде што тие се споменуваат како „чесна четворка, богоизбрано друштво, трудољубиви Христови работници, кои излегоа со ралото да направат бразда и да посеат семе духовно и да го дожнеат достасаното класје добродетелен плод на Христа да му принесат. Припадноста на иста вера, на иста идеја, ја поттикнува народната традиција да го прифати тврдењето дека тие биле браќа, испуштајќи ја на моменти духовната врска која е основа за воспоставување на Љаков однос. Најстаро кривопаланечко предание, кое подоцна е пренесено и во други краишта и од разни автори толкувано и како пчинско или лесновско, освен што покажува дека се проширило. Со ништо не ја загубило својата автентичност и изворност. „Четворицата големи сподвижници, браќата Јоаким Осоговски, Прохор Пчински, Јован Рилски и Гаврил Лесновски целосно посветувајќи се на христијанското учење, решиле ова да го остваруваат одделени од светот во една пештера во Лесновската Гора. Речиси триесет години браќата се подвизувале, не потклекнувајќи им на искушенијата.
Откако се разбрало за нив, решиле да се разделат и секој сам да се одаде на испосништво. Се договориле да вечераат и да си легнат. Кој прв ќе се разбуди да појде кај што сака, не кажувајќи им на другите. Прв се разбудил св. Јован Рилски, кој бил и најстар. Тргнал во пат на правец на исток и приквечер стасал на планината Рила, каде што и останал. По него се разбудил св. Прохор Пчински, тргнал на запад и барајќи највисока планина се запрел на Козјак Планина, Свети Јоаким Осоговски отишол на планината Осогово, во месноста Сарандопор, св. Гаврил Лесновски се разбудил последен, видел дека сите заминале, па решил да остане во Лесновската Гора. Кривопаланечките преданија се во тесна врска со житието на св. Јоаким Осоговски, со тоа што цените се дополнуваат и се збогатуваат со мотивски елементи, па дури и се надградуваат. Таков е случајот со преданието што го кажува Протореј - страврофор.
Добрислав Бошковски, архијерејски намесник, во кое е потенцирана заштитната функција на светецот врз својот манастир во турскиот период, за време на патрониот празник на св. Јоаким Осоговски, во манастирот се собрале голем број луѓе по традиција за да му одадат почит на патронот на ова народно светилиште и заштитник на Крива Паланка. Од Крива Паланка кон манастирот со аскер се упатил турскиот паша со цел за да го растури црковно - народниот собор. Во ова не успеал, зашто луѓето дале силен отпор. Револтиран, посегнал по моштите на Свети Јоаким. Само што се спуштил со придружбата во Бабин Дол во местото Крстот (Света Вода), веднаш се фатил, како да го прободел меч. Наредил да се вратат моштите во манастирот. Во истиот момент се почувствувал здрав како ништо да не било. Веднаш потоа напишал писмо до великиот везир во Истанбул и ја опишал непријатната случка, залагајќи се за заштита на ова свето место. Наредбата што стигнала од Истанбул се однесувала на директна заштита на манастирот, со забрана никој да не смее да посегне по неговата светост. Оттогаш е поставен турски знак кај манастирот како сведоштво за овој настан, но и како заштитен знак. Следното предание, иако во дел почива врз фантастичен мотив во суштина ја потврдува моќта на крстот и верата, светецот конечно да дојде до избраното место - Бабин Дол во Осоговската Планина.
Свети Јоаким се доселил првин по долината на Крива Река покрај левиот брег, во месноста каде што денес се ословува како Пашина воденица во с. Кркља. Мислел дека ова треба да му биде избрано место за неговата мисија на подвизување. Арно ама забележал дека тука поминала лисица. Ова ќе биде пат, тука ќе поминуваат луѓе, а јас нема да имам мир, си мислел светецот. Тргнал да бара друго посоодветно место. Се упатил низ течението на Бабин Дол. Тогаш пред него се појавил нечестивиот во облик на змеј. Светецот не се престрашил. Со крстот в раце тргнал напред. Змејот буквално се распрснал пред силата на крстот. Ова место и ден-денешен се вика Крст. Тука веднаш се појавил извор на света вода, која е лечебна и не пресушила до ден-денес полни десет века. Во блиската околина на Крстот, Свети Јоаким ја пронашол пештерата во која во мир долги години се подвизувал живеејќи испоснички живот со вера и љубов во Бога. Во преданието се кажува како месноста во која се подвизувал св. Јоаким Осоговски го добила името Бабин Дол.
Разбрале Турците по освојувањето на овие простори за силата на св. Јоаким Осоговски и за големото влијание што го остварил врз месното население во Кривопаланечко, а тоа не им се допаднало. Сакале да го пронајдат манастирот во секоја цена и да ги застрашат калуѓерите за да не го шират влијанието на светецот. Никој не им кажувал каде се наоѓа манастирот. Недалеку од Крива Паланка на исток, сретнале една баба, се посомневале во неа и ја распрашувале за манастирот. Откако не добиле никаков одговор, ја врзале и ја мачеле, по што таа им рекла да ги следат гуските и шатките што од Крива Река се враќале и угоре низ потокот и ги проколнала Бог да им плати за злоделата.
Така Турците ги откриле испосничките ќелии на осоговските калуѓери во месноста Царски Двори (денес остатоци - ѕидини над Крстот), ги убиле калуѓерите и разурнале дел од манастирот мислејќи дека со тоа ќе го уништат ова народно светилиште, а со тоа и верувањето на светителската моќ на свети Јоаким. По ова манастирот уште повеќе зајакнал, а калуѓерите десет века гордо му служат на свети Јоаким и на Бога.
По таа случка, месното население овој дол го нарекол Проклет Бабин Дол, а потоа името се трансформирало во Бабин Дол.
Следното предание исто така кореспондира со житието. Во него се содржани два мотива. Едниот се однесува на изборот на свети Јоаким Осоговски на местото за градба на манастирот, а вториот ја потврдува исцелителната моќ на светецот.
Кривопаланчани решиле на својот светец и заштитник да му изградат манастир. Меѓутоа, никако не можеле да се решат за местото на изградба. На неколку чесни луѓе светецот им се јавил на сон и им рекол дека тој го фрлил својот испоснички стап во близина на пештерата во која се подвизувал. Таму каде што ќе го најдат стапот - да го изградат манастирот. Местото не било погодно за градба. Настанало разочарување. Светецот повторно им се јавил на сон и посочил попристапно место, она на кое денес е изграден манастирот.
На местото каде што бил пронајден испосничкиот стап на светецот, бликнал извор со исцелителни и лечебни својства, кој не пресушил до денес.
Народното предание го опишува патешествието на Свети Јоаким Осоговски од Лесновската Гора до месноста Градец во Кривопаланечко.
На својот пат од Лесновската Гора кон Осоговието, Свети Јоаким се задржал во село Баштево (Кривопаланечко). Местото му се допаднало и тој ноќевал тука. Арно ама, утредента забележал дека тука поминал волк. „Штом минуваат волци нема да имам мир и ова место не е за мене", си рекол. Така, светецот го продолжил патот и истиот ден пристигнал во селото Градец, влегол во црквата и во себе ја почувствувал силата на провидението. Веќе со сигурност знаел дека целта е тука пред него и дека наскоро ќе го најде посакуваното место за подвизување.
Во ова предание се потенцира духовната мисија на пустиножителите св. Јоаким, св. Прохор и св. Гаврил Лесновски. Во него доаѓа до израз духовната сила и заштитничката моќ на св. Јоаким врз својот манастир, онака како што е запишано и во неговото житие, односно дека тој самиот ќе се грижи за него.
„Биле три брата, много одадени на Бога, ама и надарени. Живеале у една густа гора сами, одвоени од светот. Имале виедение на с'н. Јавил им се севишниот и ги упутил што да прават и чинат. По видението, им било јасно дека се задужени да работат на просветата на својот народ. Решиле што требе да прават и пошле на три страни. Свети Јоаким дошол у Осоговието, Прохор Пчињски у Пчиња, а Гаврил у Лесново. Така никнале манастирите и станале просветни центри. У турско време турски паша решил да се подигра с'с моштите на Свети Јоаким и да ги однесе. Арно ама к'д дошол до изворот на Света Вода целиот се укочил. Светијата му помогнал и га опоменал дека с'с моштите и манастирот никој не може да се подиграва. Пашата се вратил назад с'с војската и наредил да не се пипа ништо што е манастирско". (Забележано на изворен кривопаланечки дијалект, Ј. М.)
За едно од покарактеристичните преданија се смета преданието од с. Градец. Селото Градец е едно од најзначајните месности од средновековната кривопаланечка историја, средновековна населба од која болјарот управувал со целата жупа. Градец била најзначајната попатна станица на свети Јоаким Осоговски пред да дојде во Осоговието.
Во селото Градец, од долните краишта, на магаре пристигнал еден старец. За својата испосничка мисија одбрал едно место во денешното маало Петковци, на врвот на селото. Тоа било една пештера во која се влегувало на колена. Во карпите издлабил место и за своето магаре. Трага од копито и ден-денешен постои издлабена во една карпа до пештерата. Разбрало месното население за старецот. Тој, за да може во мир да му се посветува на Бога, се повлекувал дење во длабоките шуми кон село Баштево а навечер се враќал на ноќевање во пештерата. Минувало низ овие простори некое воинствено племе, а старецот почувствувал дека подвизувањето му е нарушено. Зел лак и стрела, па стрелата ја исфрлил високо во небесата. Стрелата паднала далеку на исток. Старецот ја пронашол во месноста Бабин Дол. Местото многу му се допаднало и решил тука да остане. Така и било, таму останал до крајот на својот живот.
Ова предание се надополнува со она според кое Свети Јоаким, пред да пристигне во с. Градец, божем кратко време живеел и во с. Мартиница.
Иконостасот во Големата манастирска црква потекнува од 1932 година. Тогаш од манастирската управа и од игуменот Методија Миловановиќ повторно бил ангажиран Димитар Андонов-Папрадишки, кој го изработил идејното и конструктивно решение за иконостасот.
Претходниот иконостас бил оштетен од забот на времето и од паѓањето на големата карпа врз јужниот ѕид на црквата.
Таа година е изведена естетски лесна конструкција на иконостасот. Работите под надзор на Папрадишки ги извел Стојан Трајковски, мајстор од село Кркља, Кривопаланечко. Иконостасот е трикатен и се протега по целата широчина на внатрешноста (наосот) од северниот до јужниот ѕид. Обработен е едноставно, со исклучок на царските двeри, кои се работени во резба со скромен квалитет и се бојосани со златна боја.
Тој е обликуван едноставно, со дрвени елементи благо профилирани по рабовите. Во изведба на резба се и големиот крст и завршниот венец на иконостасот. Поголемиот дел од иконостасните икони се изработени од Димитар Андонов-Папрадишки, а еден дел од непознати автори. Осум икони за иконостасот изработил Никола Михаилов, зограф од Крушево, кои се одликуваат со мошне впечатлива робустност и експресивност во изразот на лицата, што е остварено преку нагласените контрастни колористички односи на темно и посветлозелена студена гама. Покарактеристични икони изработени од Никола Михаилов, според годината на датирањето 1869, се оние на Преображение Христово и на свети Јован Претеча. Михаилов изработил и 18 икони за иконостасот во малата црква Рождество на Света Богородица. Во 1980 година е извршена конзервација на царските двери. Овој процес го извеле конзерваторите Богдан Таневски и Соколе Шутиновски.
Камбанаријата е изградена во 1929 година. Ова го потврдува списот над влезната врата во тремот, како и документите од манастирската архива.
Во основата, камбанаријата има форма на квадрат. Се состои од четири нивоа: визба (костурница), приземје и два ката. Приземјето и првиот кат на камбанаријата се изведени од плочест камен со изделкани аголни камења. Вториот кат е од бондручна конструкција, со бело малтерисани ѕидови. Во фасадното обликување се присутни лачно обликувани врати и прозорец на приземјето, по еден централно поставен прозорец на секоја страна на првиот и вториот кат, како и низи од мали правоаголни отвори под стреите. Во приземјето на камбанаријата се влегува од западната страна, преку тесен приод над стрмниот брег под нивото на црквата. Тоа содржи две простории, од кои едната е вкопана во карпа под Црквата, а другата е на ниво на теренот на Црквата и од неа преку дрвени скали се слегува во визбената просторија. Овие две нивоа на објектот ја вршеле улогата на костурница, во која биле пренесувани коските на старешините и на калуѓерите од манастирот.
Досега во манастирот не се откриени гробишта, освен една мала површина зад конакот со висока фасада во времето на неговата доградба, каде што се пронајдени коски од човечки скелети. Фактот дека манастирот нема свои гробишта, освен ограничената површина за погребување зад Црквата и пред камбанаријата, е одговор на загатката за функцијата на костурницата.
Првиот кат од камбанаријата, до кој се пристапува од јужниот трем, имал функција на исповедалница. Повремено служел и како просторија за живеење и како крстилница. До нивото на вториот кат водат надворешни дрвени скали од страна на тремот и тука се наоѓаат двете ѕвона на камбанаријата.
Североисточно од Големиот соборен храм на свети Јоаким Осоговски во непосредна близина, се наоѓа помала и постара црква посветена на раѓањето на света Богородица.
Оваа црква Антонис Николовски (по истражувањата во Свети Јоаким Осоговски) ја датира од XIV или од XVI, односно XVII век.
Пишаните извори зборуваат за тоа дека на ова место постоела црква изградена уште во XI век, меѓутоа овие факти сè до 1977 година не беа научно потврдени. Таа година стручна екипа од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, под водство на м-р Јован Петров, изведуваше конзерваторски работи во црквата Света Богородица, при што дојде до значајни резултати. Беа откриени темелите на црквата градени во XI-XII век, како и делови од фрескоживописот. Во нејзината градба постојат три надградби. Од првобитната црква се зачувани делови од источниот и од северниот ѕид. Јован Петров претпоставува дека на оваа црква и припаѓа фрагментарно зачуваниот живопис на северниот ѕид во олтарот, кој се наоѓа под фреска од XIX век. Најверојатно, црквата е возобновена во XIV век врз старите темели кога е и живописана. За ова сведочат зачуваните фрагменти на северниот, источниот и јужниот ѕид на наосот во долните зони.
Во турскиот период црквата настрадала од две непогоди. Била зафатена од пожар, што се потврдува од оштетените фреско-фрагменти и исчадените ѕидови. Во 1585 година Кривопаланечко било погодено од земјотрес. Тогаш најверојатно се урнала куполата на црквата и дел од сводовите. Пишан податок од 1643 година говори за тоа дека кон крајот на XVI и првата половина на XVII век црквата била обновена. Ова го потврдуваат одликите на зачуваната архитектура.
Во XIX век црквата е преправана и доградувана во горните ѕидни партии, следејќи го опусот на градење од претходниот период. Тогаш се доградени ѓаконикомот на југоисточниот крак со влез од југ, а на западната страна нартексот (припратата) со рамна дрвена конструкција во која се вградени две помали слепи куполи. Над централниот дел на наосот куполата добила висок тамбур.
Со доградбата на припратата, таа добива повеќезначајна функција. Се оформува простор со изворот на света вода и простор за свеќи. Се истакнува сакралното достоинство на црквата како и чувството на припадност на секој кој влегува во неа.
Иако се работи за навидум едноставни доградби кои го следат континуитетот низ опусот на градењето, постигната е хармонија на архитектонската идеја и нова димензија на драматичност на композицијата.
Со овие интервенции е презентирана можната варијанта на црквата од нејзината фаза на обновување од XI век.
Последната фаза на нејзиното возобновување се одвива во 1990 година. Несразмерната купола над централниот дел поставена на пандантифи со осмостран тамбур е урната и е изѕидана нова купола по принципот на аналогија, која соодветствува со фазата на возобновување од XIV век. Тогаш црквата е покриена делумно со бакар и претежно со ќерамиди, а во 1995 година се напушти ова решение и целата е покриена со бакар. Работите на куполата ги изведе екипа на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
За жал, истражувачките работи врз овој црковен објект не продолжија до денес, со што ќе се добиеја целосни сознанија за неговата историја.
Црквата Света Богородица, според градителскиот концепт, спаѓа во редот на мали крстообразни еднокуполни цркви, со основа на слободен крст, со тристрана апсида однадвор и припрата.
Градбата ја карактеризира византиски стил. Градена е со по два реда тули, еден ред камен во хоризонтални редови со дебел слој малтер меѓу нив. Во внатрешноста црквата е поплочена со камени плочки.
Наосот е осветлен со правоаголни прозорци, кои во горната фаза имаат полукружна форма. Два прозорци имаат форма на четирилисна детелина. На западниот ѕид на припратата е вграден поголем прозорец во однос на димензијата на спомнатите, кој има функција да го осветлува просторот на светата вода. Во III зона во пандантифите се претставени четворицата евангелисти со синоними (св. Лука, св. Марко, св. Јован и св. Матеј). На источната и западната страна, меѓу евангелистите се претставени светиот убрус (исток) и светлата ќерамида (запад). Во поткуполниот простор, односно под сводовите, претставени се праведните отци, и тоа: свети праведен Мојсеј, св. праведен Јосиф, св. праведен отец Јоаким, св. праведен отец Јаков, св. праведен отец Симеон и св. праведен отец Адам.
Празничните сцени се изразени во II зона. На јужната страна е претставена сцена од Рождеството Христово, на западната сцена од Успението Богородично, а на северната страна е претставена сцена од Распетието Христово.
Помеѓу празничните сцени на пиластрите се претставени св. Кирил и св. Методиј, како и маченичките св. Петка и св. Злата Мегленска.
Во I зона, на јужната страна, се претставени света Богородица со Исус Христос (умиление) и свети Јоаким Осоговски. На истата јужна страна во прозорецот се насликани тројцата бессребреници - св. Кузман, св. Дамјан и св. Пантелејмон.
На западната страна се претставени двајцата архангели, архангел Михаил и архангел Гаврил. На северната страна се претставени тројцата отци: св. Григориј Богослов, св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст. На пиластрите во првата зона се претставени св. Климент, св. Наум, св. Великомаченик Ѓорѓи и св. Никола.
Фреско-декорацијата е изведена во современа сликарска техника врз специјално подготвена подлога. Особеност на живописот во оваа црква е што во фонот доминира сината боја во лапис лазури, што е одлика за класичниот период.
Во колоритот на ликовите доминира зелената, румено-црвената боја и окерот. Орсолите и евангелијата се позлатени со златни ливчиња.
Сликарите посветиле особено внимание на типологијата на ликовите на светците консултирајќи литература и угледувајќи се на примерите од класичниот период.
Од новиот фреско-ансамбл во црквата Света Богородица, особен впечаток. остава монументалноста на трите празнични сцени, во кои ликот на Света Богородица е претставен благородно со израз на болка. За разлика од сцените во кои се присутни емотивни елементи, останатите светци изгледаат смирено и достоинствено.
Во кубето импонира ликот на Пантократорот со строг, смирен и благочестив поглeд.
Ликот на свети Јоаким Осоговски е претставен во духот на сликарската традиција од XIX век, онака како што е претставен од Димитрија Андонов Папрадишки во Големата манастирска црква.
Драпериите се насликани во стил на ликовите, во строг канон, типолошки со одлики на класичниот период.
Иконостасот во црквата Света Богородица е возобновен. За иконостасот е направена нова рам-конструкција во 1998 година, врз која сс дадени фрагменти од стариот иконостас, постојните царски двери и големиот крст со придружните икони. Работите на иконостасот ги изведе мајсторот Коле Тасков од Крива Паланка. Новиот иконостас е донација на Стојанче Таниќ од Крива Паланка.
Големиот иконостас е поделен на IV зони. Во четвртата зона се наоѓа Големиот крст. Во третата зона се поставени иконите на Исус Христос и Света Богородица, на Свети Јован Крстител и шест икони на апостолите. Втората зона ја сочинуваат девет празнични икони. Во првата зона се поставени престолните икони и царските двери. Иконите вградени во иконостасот се дело на неколкумина мајстори. Седум икони се дело на Димитар Андонов Папрадишки. Според Антонио Николоски, по нарачка на игуменот на манастирот Аверикиј во 1869 година, зографот Никола Михаилов од Крушево наменски изработил осумнаесет икони за иконостасот.
Mанастирот Свети Јоаким Осоговски уште од самото основање во XII век се развил во манастир со богата содржина од цркви и параклиси, за што говори турскиот попис од 1570 година. Неговата повеќезначна функција како црковен, духовен, просветен и културен центар и попатна оаза на карваните и добро намерниците била услов да се градат многу придружни објекти во текот на неговата историја.
Оваа повеќезначна функција ја активирала потребата од сместување, пред се, на многубројната калуѓерска заедница. Ваквата поставеност и организација на манастирскиот живот би била незамислива ако не биле конаците.
Овој стар коначки комплекс, слободно може да се нарече сложен коначки комплекс. Бил сместен источно зад манастирот, на денешниот голем паркинг. Од зачуваните фотографии се забележува дека тој имал форма на прекршена буква „Г". Едниот крак од конакот допирал до карпестиот бедем, висински до подножјето на денешниот конак. Вториот крак се спуштал каскадно до денешниот природен пат под нивото на паркингот во висина на амбарот, дури и пониско. Под него, на ниво на пристапниот пат, се спуштал каскадно до денешниот природен пат под нивото на паркингот во висина на амбарот, дури и пониско. Под него, на ниво на пристапниот пат, се минувало преку темен засводен приод. Влезот бил чуван од голема масивна дрвена порта.
Во 1911 година, овој коначки комплекс целосно бил уништен во пожар.
Од зачуваните фотографии се гледа дека конаците биле градени во традиционална бондручна конструкција. Во обликувањето на фасадите се воочуваат одлики од старата кривопаланечка куќа. Бил седиште на игуменот на манастирот. Тоа бил постар конак од денешниот обновен стар конак. Податокот дека тука била сместена библиотека е во прилог на преродбенската функција на манастирот и на функционирањето на црковно-ќелијно училиште
Стариот конак зафаќа западна позиција во однос на двете цркви на доминантна кота. Со остатоците од заштитниот бедем што го надвисуваат, овој конак ја означува ја означува крајната граница на комплексот од запад.
Објектот има силно издолжена правоаголна форма и со својата подолга оска лежи паралелно на изохипсите. Инаку, по височина, конакот се развива низ четири нивоа: визба, приземје и два ката. Конакот има два независни пристапи. Двата се од јужната страна, едниот на најгорниот кат, другиот на приземјето.
Стариот конак бил организиран вака: визби во најдолното подрумско ниво; економски простории и штали во приземјето; монашки ќелии на првиот кат; на најгорниот кат се сместени владичката, односно одајата на игуменот; гостинската одаја, т.н. „кочанска одаја", и заедничката трпезарија со манастирската маѓерница (кујна).
Овој конак почнал да се гради во 1864, а завршен е во 1905 година. Граден во комбинација на камен, греди и плитар, издржал педесетина години. Обновен е во периодот 1974-1986 година.
Денес е место за најголемите културни манифестации: Ликовната колонија и Школата за архитектура. Тука е сместена и Ликовната галерија.
Обновата на конакот е извршена со архитектонско решение и стручен надзор на Лазар Шуманов, кустос - советник во Републичкиот Завод за заштита на спомениците на културата
Овој конак е подигнат во првите децении на XIX век, што се заклучува од стилот на градбата. За него се употребува и името „Пролазна зграда" (паланечки говор). Тој ја има функцијата на конак-трпезарија. Во него по правило во последно време живеат калуѓерите и домаќинот на манастирот. Фактички во овој конак е сместена манастирската обител. Во овој конак се наоѓа и работната просторија на старешината на манастирот и манастирското настојателство. Внатре се преуредени неколку простории за гости, а во приземјето за добронамерници.
Граден е од локални мајстори кои користеле локални материјали. Стрмниот терен на кој е граден сугерира масивна и ѕидана конструкција на плочест камен поврзан со малтер. Во приземјето доминира камен, додека на катот камен и тула. Подовите и таванот се од штици, а таванот во работната просторија е обработен од дрво.
Фасадата на конакот - висока фасада е решена едноставно со бела боја која доминира, сугерира смиреност и естетска едноставност.
Во 1995 година кај овој објект е доградена кујна со трпезарија.
Владиковиот конак е сместен на највисокото манастирско плато (собориште), на кота која доминира во комплексот над каскадниот стрмен карпест брег над Големата манастирска црква. Оваа локација на конакот му овозможува глетка над двете цркви и речиси на целиот комплекс.
Името го добил според идејата за градба и функцијата што се задржала до денес. Стариот конак, во кој покрај калуѓерите престојувале и гости, не ги исполнувал целосно условите за остварување на манастирската организација и за престој на владиката.
Според податоците во манастирската архива, конакот е граден во периодот 1936/37 година од страна на локални мајстори.
Објектот има правоаголна форма и е развиен на две нивоа - приземје и кат. Владиковиот конак е објект од цврста градба со дрвена меѓукатна конструкција. Во долните партии ѕидовите се со голема дебелина и се смета дека се од камен, додека на катот се потенки и се од тула.
Во приземјето се сместени, влезниот трем и скалите, големата трпезарија која зафаќа повеќе од половина од приземјето и простории за калуѓери и свештени лица.
На катот галериски се поставени одаите, со што се обезбедува подеднаква југозападна насоченост и убав поглед. Веднаш до скалите, оддесно, е делот за престој на владиката, кој се состои од одаја за спиење и одмор и одаја за прием поврзана со тераса која се наоѓа на самиот агол на објектот, од каде што се простира прекрасен поглед на целиот манастирски комплекс. На катот има уште четири одаи, санитарен јазол и мала кујна.
Конакот „Плочаница", или зградата-стражарница, името го добила според некогашниот покрив од камени плочи. Се претпоставува дека е изграден во 1899 година на највисоката кота на високото плато (горно собориште), во подножје на скалилата низ кои се влегува во манастирскиот комплекс од правецот на село Варовиште.
Долг период бил во функција на контрола при влезот на гостите во манастирот од таа позиција. Во согласност со функцијата, конакот „Плочаница" има поглед врз влезот кон собириштето, Владиковиот конак, конакот од 1917 година, тремовите и малата маѓерница.
Овој објект со скромни димензии, во приземјето има визба а на катот стражарница и стан - ќелија (монашка одаја).
Објектот е граден едноставно со масивен камен. Ѕидовите се изведени од плочест камен и малтер.
Денес објектот во внатрешноста е реновиран и ја има функцијата на конак за манастирски гости.
Параклисот-крстилница е сместен на најгорното висинско плато (горно собориште), надвор од комплексот, во близина на скалилата што водат до конакот „Плочаница", во подножјето на стрмиот брег, речиси на патот за село Варовиште и Калин Камен. Објектот и изведен од камен, а покривот од дрво. Тој е едноделен и приземен, во основата квадратен. Во руинираната внатрешност, доминира олтарот со корито за света вода, што се доведувала од зад параклисот. Во коритото се вршела светата тајна крштавање, кое подоцна се извршувало во камбанаријата. На објектот му е потребна реконструкција. Во 2003 година покривната конструкција е обложена со ламарина.
Малата маѓерница, сместена во горното плато (собориште), не е некоја типична градба во комплексот, која го следи и го дополнува архитектонскиот ансамбл. Нејзината функција е содржински осмислена. Основен елемент во внатрешноста на малата маѓерница, која служи за приготвување храна, е огништето покрај северниот ѕид. Освен огништето, внатре има мали ниши, простор за садовите и за прехранбени артикли.
Маѓерницата е масивна градба од камен. Покриена е со ќерамиди, а некогаш со камени плочи. Во нејзино продолжение е изграден голем покриен трем со можности за престој и приготвување храна. Според градбата, спаѓа во типот на објекти што се граделе кон крајот на XIX век.
Овој двокатен објект висински е изграден во правец над казарницата во 1905 година. Има форма на издолжен правоаголник поставен во правецот север-југ.
Шталата е сместена во приземјето, а плевната на катот. Влезот во шталата е во приземјето преку масивна дрвена порта од јужната страна. Од шталата водат подвижни дрвени скали на катот. На катот се влегува (во плевната) од запад преку горната патека. Главната фасада потсетува на антички храм. Во перспектива може да се реновира и да служи за културни настани.
Овој објект се наоѓа на југоисток, непосредно до местото Бабин Дол преку кое се влегува во манастирскиот комплекс. Според аналогијата, припаѓа на објектите од традиционалната македонска архитектура од крајот на XIX или почетокот на XX век.
Казарницата е приземен објект со приближно квадратна основа. Има функција варење ракија, функција што е задржана до денес. Објектот е граден од делкан камен. Покривната конструкција е дрвена, покриена со ќерамиди. Внатре подот е земјан, а ѕидовите не се малтерисани.
Лебарницата е изградена југоисточно од манастирот, покрај патот што доаѓа од неговата источна страна, во близина на големиот паркинг и на амбарот за жито, што е во нејзина функција. Лебарницата е изградена во 1900 година, како што е запишано над нејзиниот приземен влез. Лебарницата има приземје и кат. Во приземјето се приготвувал и се печел леб. Тоа е организирано со две простории. На катот се организирани две одаи. Одаите на почетокот се користеле за работниците во лебарницата. Имала намена и како стан за монаси. Во периодот од 1918 до 1924 и од 1945 до 1976 година, со разбирање на манастирската управа, тука работело основно училиште.
Овој амбар е изграден на едно мало плато веднаш под нивото на широкото плато (големиот паркинг) на приодот од исток.
Концепцијата на просторот и функцијата се исти со амбарот за ориз, само што овој амбар има помали димензии.
Долните партии на објектот, освен северната страна од каде што се влегува во него, се изѕидани од делкан камен. Страничните ѕидови се изведени од дрво и штици. Пред реновирањето беше покриен со ламарина, а сега со бакар. Внатре амбарот имаше прегради за истоварување и складирање на жита.
Според конфигурацијата на теренот, виси во просторот, оставајќи впечаток на возбудлива експресивна композиција.
Во 2004/2005 година е реновиран заедно со амбарот за ориз. Донацијата е на Светската банка и на Министерството за култура. Архитектонското решение и изведбата се на градежниот инженер и настојник Предраг Велиновски и диа. Стевче Ристовски. Денешната намена на амбарот е сместување на гости и културни творци.
Амбарот за ориз е изграден на едно тесно плато источно од Големата манастирска црква во 1897 година. Неговата локација е таква што тој остава впечаток дека виси во воздух, зафаќајќи ја најгорната точка од стрмниот брег врз манастирската рекичка. Заради конфигурацијата на теренот, камената ѕидана партија зафаќа речиси три катни височини, што на амбарот му сугерира традиционална, но и вонвременска димензија. Во амбарот се влегува од северната страна преку покриен и отворен трем. Во внатрешноста се поставени дрвени скали кои водат до местото од каде што се сипе и се црпе оризот. Целата конструкција на амбарот е изведена од дрво и штици.
Писарницата е сместена на западната страна, спроти Стариот конак.
Натписот над влезната врата го датира градењето и функцијата: „Овде се записува милостиња на праздник Свети Јоаким". Од левата страна фигурира натписот „Братје христијани", а од десната „градена 1912". Со префрлањето на главната комуникација кон манастирот по асфалтниот пат и влезот од исток, даровите се оставаат директно во Големата манастирска црква. Со ова писарницата ја загуби својата функција.
Новиот конак е сместен на горното висинско плато (собириште), архитектонски, стилски и функционално пополнувајќи го празниот простор меѓу конакот од 1917 година и конакот „Плочаница".
Граден е во периодот од 1996 до 2003, со донација на граѓани и со сопствени средства од манастирот. Осветен е во 2002 година од Митрополитот Кирил.
Архитектонското решение и организацијата на градбата се на дипл. архитект Стевче Ристовски, настојател во манастирот. Објектот е граден со современи градежни материјали. Во архитектонска смисла прилега на стара градска македонска куќа и ја следи градителската традиција на овие простори. Импонира со своите смирени линии и архитектонската идеја која успешно го осмислила просторот и спојот со двата конака.
На катот се поместени пет апартмани со висок стандард за сместување. Во приземјето е сместен амбиентален манастирски ресторан, со што се задоволуваат потребите на многубројните посетители.
Ова е нов конак со две простории на кат, надграден над системот за парно затоплување на манастирот, што се гради од средства на Светската банка и на Министерството за култура 2004/2005. Потсетува на стара македонска куќа и ја следи традицијата. Ова е конак на највисока кота што досега е граден во манастирот. Архитектонското и изведбеното решение се на инж. Предраг Велиновски, настојател во манастирот.
Од 1990 година до денес старешина на манастирот е протојереј-ставрофор Добрислав Бошковски (1938-). Прота Добрислав Бошковски е домороден свештеник, кој од 1968 до 1997 година беше старешина на кривопаланечката црква Свети Димитрија. Од 1996 година е поставен за архијерејски намесник, а во 1997 година станува протојереј-ставрофор. Тој активно е вклучен во сите акции за собирање средства за ревитализација (изградбата на новиот конак) и за функционирање на манастирот.
Денес манастирот е под Кривопаланечко архијерејско намесништво. Покрај старешината, во манастирот свештено служат и свештениците Ацо Трајановски (старешина на црквата Св. Димитрија), свештеник Љубомир Митевски и свештеник Зоран Витковски. Особено свештеникот Љубомир Митевски последниве десетина години е непосредно врзан со манастирот, со возобновувањето на неговата традиција и со богослужба во неделите и на големите христијански празници.
Петти септември 1987 година означува нова страница во културната историја на Крива Паланка. Тогаш идејата за ново содржинско осмислување и ревитализација на манастирските конаци се оствари преку основањето на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски". Иницијатори за нејзиното основање беа академските сликари Петар Мазев, Димитар Стојчевски, Никола Иванов-Балтон, Златко Стефанов и Јордан Михајловски. Поддршката што ја доби оваа ликовна манифестација од Неговото Високо Преосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски, Господин Кирил, во практиката значеше отворање на портите на манастирот Свети Јоаким Осоговски за уметноста и за неистражените форми на духот. Така, почетокот беше означен како возобновување на десет века старата традиција на манастирот како културен, образовен и духовен центар.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.