Мирковци
село во Општина Чучер-Сандево From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Чучер-Сандево From Wikipedia, the free encyclopedia
Мирковци — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.
Мирковци | |
Поглед на селото Мирковци | |
Координати 42°5′39″N 21°24′23″E | |
Регион | Скопски |
Општина | Чучер-Сандево |
Област | Црногорија |
Население | 1.165 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1011 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25089 |
Надм. вис. | 465 м |
Слава | Свети Пантелејмон |
Мирковци на општинската карта Атарот на Мирковци во рамките на општината | |
Мирковци на Ризницата |
Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, а на јужната страна на територијата на Општина Чучер-Сандево, во подножјето на планината Скопска Црна Гора.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 475 метри.[2]
Мирковци се наоѓа на рамен полски простор на надморска височина од 480 до 500 метри. Северно од селото се наоѓа планината Скопска Црна Гора. Околни села на Мирковци се Кучевиште на североисток, Бањане на северозапад и Глуво на југозапад. Поседува поволна местоположба и атарот изобилува со обработливо земјиште. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од една чешма и 15 бунари, кои лете честопати пресушувале. Во околината на селото, посилни извори се Докша и Сливовиќ.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Рамниште, Сенокос, Докша, Сливовиќ, Папрад, Пашиновац, Бела Бара, Градиште, Присој, Бунар, Бањашница, Гроб, Зарбова Ливада, Црквен Рид, Коприве, Јаори, Преслап, Ајдучко Кладенче, Кумановско Кладенче, Голема и Мала Ледина, Компириште, Под Село, Блатина, Мел, Бузалак, Доња Река, Гребиште, Река, Голиово, Караџинац, Орлов Брест, Бара и Батов Брест.[3]
Селото има збиен тип, издолжено од север кон југ. Меѓутоа, селото може да се подели на два краја: Горно и Долно маало. Понатаму, во секое маало постојат групирани куќи по родови, како што се Шишкови, Кајсторови, Левајкови, Смокови и други.[3] Куќите се разделени на стари и нови. Старите куќи се изградени пред Втората светска војна, а некои и за време на турското владеење.
На јужната страна од селото во непосредна близина се наоѓа излетничко место „Чардак“ и манастирот Св. Илија (Долни Свети Илија).
Источно, близу селото тече Кучевишка Река. Селото има свој центар, мал плоштад, со убава чешма.
Селото е староседелско, по преданијата, можеби, се населиле уште во времето кога се населувале Словените со Скопје и околијата. Има остатоци на стари градби во наоѓалиштето Развраниче, Шумарица и тоа: гробови, камен, покривна керамика, остатоци од стара црква, најверојатно ранохристијанска базилика.
Месноста Градиште се наоѓа во планинскиот дел на атарот на селот. Се наоѓа на поранешниот пат кој водел од Скопска Црна Гора кон областа Биначка Морава. Денес, таму се наоѓаат мали остатоци од ѕидини.[3]
Во Мирковци има мала група на староседелци, поради што може да се заклучи дека се работи за старо село. Меѓутоа, во историските извори тоа првпат се сретнува во XV век, односно на 9 февруари 1445 година, кога Иса-бег го приложил на медресата во Скопје.[3]
Во селото покрај староседелците, се населиле и поранешните жители на раселеното село Сливовиќ (во атарот на Мирковци), како и од денешните албански села во Качаничката Клисура, но и од кумановското село Матејче. Доселувањето се случиле кон крајот XVIII век и во првата половина на XIX век.[3]
Селото отсекогаш било едно од поважните села во областа Црногорија. Поради тоа, селото поседувало училиште од 1844 година.[3]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.
По Втората светска војна, еден дел од куќите се обновени и оспособени за современо живеење, додека помал број се напуштени и служат за сместување на земјоделски производи.
Атарот зафаќа простор од 15,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 894 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 399 хектари, а на пасиштата 266 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
Мештаните се занимавале со земјоделство и со сточарство. Стока особено чувале големите родови во селото. Најмногу се одгледувале кози, а потоа овци и говеда. Се користеле пасиштата на Скопска Црна Гора, особено месностите Сливовиќ, Докша, Сенокос и Папрат.[3]
Селаните по Првата светска војна добиле плодна земја во Скопската Котлина. Меѓутоа, тие продолжиле да се занимаваат со сточарство. Сепак, по Втората светска војна, селаните целосно го напуштиле сточарството.[3]
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 53 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 192 мажи христијани, со 14 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 412 жители.[4] Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 531 жител.[5]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мирковци живееле 720 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мирковци имало 896 жители, од кои 456 патријаршисти и 440 под врховенството на Бугарската егзархија и во селото функционираат бугарско и српско училиште.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 950 Македонци.[8]
Мирковци е големо село, со незначителна промена на бројот на населението. Така, селото во 1961 година имало 838 жители, од кои 819 биле Македонци, 9 Срби, 2 Црногорци и 5 останати, а во 1994 година 866 жители, од кои 797 биле Македонци, 50 Срби и 19 други.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Мирковци живееле 969 жители, од кои 883 Македонци, 72 Срби, 9 Роми, 1 Влав и 4 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.165 жители, од кои 894 Македонци, 2 Албанци, 6 Роми, 1 Влав, 77 Срби, 13 останати и 172 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 720 | 896 | 1.039 | 1.073 | 838 | 795 | 958 | 941 | 866 | 969 | 1.165 |
Мирковци е доминантно македонско православно село. Дел од родовите се сметаат за староседелци, додека другите родови се доселени.[3]
Според истражувањата од 1960-тите години, родови во Мирковци се:
Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Мирковци, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.
Во селото постои избирачкото место бр. 2469 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 818 гласачи.[17]
Од Мирковци имало малку иселувања. Како постари иселеници се Мирковци (9 к.) и Анџици (3 к.) во селото Сушица и Петкинчеви (1 к.) во Љубанци.[3]
По Втората светска војна, од селото имало иселеници во Визбегово (5 к.), Скопје (околу 20 к.), банатското село Глогоњ (4 к.).[3]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.