Remove ads
манастир во Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Марков манастир — православен манастир кој се наоѓа јужно од селото Маркова Сушица, по долината на Маркова Река на нејзиниот лев брег, на 20 км од Скопје. Манстирот е активен и во денешно време, а во него суштествува женско монашко сестринство. Во самиот манастир се наоѓа црквата Св. Димитрија и импозантната камбанарија.[1]
Главната влезна порта во манастирскиот комплекс | |
Информации | |
---|---|
Манастир на: | МПЦ - ОА |
Основан | 1345 |
Посветен на | Свети Димитриј Солунски |
Епархија | Скопска |
Цркви | „Св. Димитриј“, |
Личности | |
Основач (и) | Крале Марко, Волкашин |
Важни личности | Крале Марко, Кирил Пејчиновиќ |
Место | |
Место | село Маркова Сушица, Општина Студеничани, Скопје, Македонија |
Координати | 41°53′56″N 21°24′29″E |
Видливи остатоци | 1 црква, параклис, конак, камбанарија |
Отворен за јавноста | да |
Како најважен сочуван изворен документ за изградбата во Марковиот манастир претставува натписот над јужниот влез внатре во црквата, кој дава податоци за изградбата на манастирската црква и нејзините ктитори. Натписот ја има следната содржина:
Втор изворен документ претставува полилејот на кого се излиени букви со имињата на ктиторот како и за дел од историјата на црквата[3]. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и на ѕидовите на црквата. Еден таков запис е видливо врежан на северната фасада од црквата и северозападниот столб во наосот на црквата со името на нашиот македонски просветител Кирил Пејчиновиќ кој бил и игумен на манастирот на почетокот на XIX век од 1801 па сè до 1818 година.[4]. Тој во Марковиот манастир ја напишал неговата книга „Огледало“, а основал и училиште.
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, во манастирот живееле 10 христијани, односно монахот Берасим (35 годишен), монахот Бежони (30 годишен), монахот Кревдоси (45 годишен), монахот Батоми (25 годишен) и монахот Мартин (35 годишен), кој на 16 март 1832 година привремено се иселил во Призренската Каза. Освен монасите, тука живееле и двајцата измеќари, Атанаско и Велко, собирачот на данок Јаков, воденичарот Јошко и неговиот брат Спасе.[5]
Капијата на манастирот е искована од масивно дрво. Веднаш од десната страна започнуваат манастирските конаци и други помошни простории. Покрај конаците се наоѓа уште и фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како секавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Името на манастирот е добиено по популарниот јунак Крале Марко. Црквата Св. Димитрија е изградена во 1345 г. за што сведочи натписот над јужната врата од внатрешната страна на црквата. Таа била обновена од кралот Волкашин, а наполно завршена и живописана од неговиот син Марко (меѓу 1366 и 1371-72 година). Во почетокот на XIX век во манастирот како негов игумен престојувал и работел македонскиот преродбеник и книжевник Кирил Пејчиновиќ.
Основата на црквата е во форма на впишан крст во правоаголно протранство, со купола што се издига над централниот дел, носена од четири камени столбови. Нартексот е одделен со троделен отвор од наосот, а во неговиот горен дел се наоѓа слепа калота, јасно назначена и видлива на покривот. Црквата е ѕидана од делкан камен и тули кои се изведени во интересни шари, особено на олтарната апсида, во десетте декоративно изведени ниши.
Кон црквата, од јужната страна, во подецнежниот период додадена е просторија во вид на параклис кој служел за крштевање и е изграден од слаб материјал. Од западната страна на црквата, во 1830 г., изграден е отворен трем ѕидан од делкан камен, за кој средства дал Хамзи-паша Скопски.
Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриени со фрескоживопис.
Првобитниот иконостас на црквата наполно е зачуван. Тој се состои од камени столбови со капители кои се орнаментирани, со што потсетува на камените иконостаси на црквата Св.Пантелејмон во Нерези, или црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Дел од старите икони се зачувани, меѓутоа, тие биле пресликани во периодот на XIX век.
За време на изградбата на црквата или нешто подоцна бил изграден и параклис на јужната страна каде биле насликани ктиторските портрети на кралот Волкашин и Крале Марко, кои биле откриени за време на конзерваторските работи во 1963-1964 година[6].
Во манастирскиот комплекс постои и параклис посветен на св. апостол Марко. Граден е во поново време, а фрескописот го извеле монахињата Илијана со тогашните апсолвенти на Ликовната Академија во Скопје, сестрите Даниела Недеска и Сарита Коневска.[7]
Во минатото монашкиот живот во Марковиот манастир бил доста активен. Како негови игумени во XIX век се познати македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ (од 1801 до 1818 година) и Герасим Бочович во 1831 година. Во поново време е обновен монашкиот живот и во него живеат три монахињи.
Марковиот манастир бил еден од најзначајните културно просветни и книжевни центри во минатото, книгите од манастирската библиотека се буквално разграбени, а истата судбина ја доживеале и голем број на уметнички предмети, кои се чувале во манастирската црква. Според досегашните сознанија, ракописи по потекло Марковиот манастир има во: Државниот историски музеј во Москва (Хлудовата збирка), Виенската национална библиотека, Хрватската академија на науките и уметностите, Српската академија на науките и уметностите, Белградска библиотека (Стара збирка) и Државната библиотека во Софија.[8]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.