македонски копаничар From Wikipedia, the free encyclopedia
Макариј (Макриј) Негриев Фрчковски (Галичник, ок. 1800 ‡ Пазарџик, Бугарија, 1859) — македонски резбар и иконописец од Дебарската (Мијачка) школа и еден од најнадарените резбари-копаничари од родот на Фрчковци. Освен со резбарство, се занимавал и со посебна техника на украсување на капителите од столбовите во црквите со различни орнаменти и фигури. Од рацете на Макариј Негриев потекнале многу црковни иконостаси во централна Македонија. Учествувал во изработката на иконостасот во скопската црква “Св. Спас“ (1825), како и во изработката на таваниците во познатите конаци на управникот на Скопскиот вилает Авзи-паша во село Бардовци кај Скопје, за кое бил и посебно награден. Освен тоа, пашата кој потекнувал од Пазарџик го препорачал да учествува во украсувањето на тамошната Чарши-џамија.[1]
Макариј Негриев | ||
Роден | Макариј Негриев Блажев Фрчковски околу 1800 Галичник, Мијачија Османлиско Царство | |
---|---|---|
Починал | 1859 Пазарџик, Османлиско Царство | |
Познат | Копаничар на иконостасот на црквата Св. Спас во Скопје (1824) Копаничар на иконостасот на црквата Успение на Пресвета Богородица во Пазарџик | |
Занимање | копаничар, иконописец, резбар | |
Татко | Негрија Блажев | |
Роднини | Фрчковски |
Макариј Негриев Блажев Фрчковски[2] е роден околу 1800 година во Галичник. Син бил на мијачкиот градител и резбар Негрија Блажев, кај кого од мал се обучувал и го развивал талентот, заедно со своите браќа Трајан и Ѓурчин. Сепак, од трите сина на Негрија, Макариј бил најнадарениот син. По женидбата, станал зет на Петре Филиповски – Гарката, кај кого почнал да работи како помошник.[3]
Во 1824 и 1825 година, работејќи во тајфата на Гарката, Макариј Негриев учествувал во изработка на иконостасот на црквата „Св. Спас“ во Скопје. Меѓу стилизираната вегетација на иконостасот, мајсторите Гарката, Макариј и Марко од Гари ги изработиле своите автопортрети под кои стои натпис: „Први мајстор Петре Филипович од Гари, Макриа од Галичник, Марко од Гари, Дебрани од Мала Река 1825“.
Во исто време Негриев работел на таванската дрворезба во конаците на управникот на Скопскиот вилает Авзи-паша во село Бардовци кај Скопје, за кое бил и посебно награден (со коњ и постојано место на пазарот во Скопје). Освен тоа, пашата го препорачал да учествува во украсувањето на Чарши-џамијата во Пазарџик (од каде што самиот потекнувал).
Во 1829 и 1835 година, Макариј Негриев работел на изработка на иконостасот, владичкиот и игуменскиот престол во манастирот „Св. Јован Бигорски“, кои спаѓаат во врвните остварувања на резбарството. Како член на тајфата на Гарката, Макариј работел на остварување на уште едно заедничко дело. Во 1836 година тие работеле на иконостасот, владичкиот и игуменскиот престол за црквата „Св. Богородица“ во Скопје (која изгорела во 1944 година). Потоа Макариј се одделил од резбарската тајфа на Гарката и работел самостојно.
Во четириесеттите години на 19 век, Макариј Негриев како главен мајстор со својата резбарска тајфа работел во Приштина, каде ја изведува една од своите најуспешни работи. Негово дело е иконостасот на црквата „Св. Никола“ во Приштина. Членови на тајфата и учесници во оваа и потоа на други работи, биле браќата на Макариј, Ѓурчин и Трајан, чии ликови ги врежал во приштинскиот иконостас.
Во овој период Макариј учествувал на конкурсот за изработка на иконостасот на Богородичната црква во Пазарџик. Во конкуренција со резбарите од Самоковската резбарска школа, кои понудиле флорални фигури, Макариј Негриев ја добил работата понудувајќи во стилот на мијачката резбарска традиција со човечки фигури вешто вметнати во неколку старозаветни приказни изработени на неколку табли. По добивањето на работата Макариј Негриев и неговата тајфа изработиле иконостас уникатен по својата резба поради што денес се наоѓа под покровителство на УНЕСКО.[4]
Макариј и неговите браќа Ѓурчин и Трајан биле автори и на иконостасот во пловдивската црква „Света Недела“, кој е со извонредна резба и еден од најголемите од времето на Преродбата. Тие биле изведувачи и на релјефната декорација на капителите.
Околу 1856 година, Макариј Негриев ги украсил капителите на колоните во предворието на црквата „Света Недела“ во Софија, со специјална смеса од вар, памук и зејтин.[5] Се претпоставува дека покрај иконостасите, негово дело се капителите на црквите „Успение на Света Богородица“ во Пазарџик и „Света Недела“ во Пловдив.
Освен со резбарство, Негриев се занимавал и со посебна техника на украсување на капителите од столбовите во црквите со различни орнаменти и фигури. Со својата тајфа освен иконостаси изработувал и резбани таваници, долапи, сандаци и друг мебел за голем број на беговски куќи во Македонија и пошироко.
Макариј Негриев починал во 1859 година. Погребан бил во црквата „Успение на Света Богородица“ во Пазарџик. На вградената плоча на источната фасада од црквата стои натпис: „Макарие Негриев Фрчковски од Галичник, Дебарско – Македонија. Мајсторот копаничар на иконостасот во храмот „Св. Богородица“ Пазарџик.
Тајфата на Макариј Негриев ја продолжила својата работа и по неговата смрт, предводена од неговите браќа Ѓурчин и Трајан, а подоцна и од нивните синови кои работеле во околината на Варна и Добруџа. Макариј имал четири синови: Христо Макриев (1841 - 1893), Исаија Макриев (1843 - 1881), Кузман Макриев (1844 - 1899) и Серафим Макриев (1845 - 1869). Некои од децата на браќата Негриеви се вратиле во Македонија, каде продолжиле со својата работа.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.