Крушевскиот манифест е манифест што го објавила востаничката власт во Крушево за време на Илинденското востание. Напишан е на 6 август, а негов автор е Никола Киров Мајски, иако одредени историски извори како автор го наведуваат Никола Карев. Напишан е на македонски јазик (крушевски дијалект), а потоа, преведен на турски јазик, е испратен во 17 примероци до околните села со чисто или мешано муслиманско население.
Во него околното муслиманско население братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Манифестот наидува на добар прием од страна на муслиманското население, а кметот на селото Алданци возвратил со порака во која изразува разбирање за мотивите на востаниците.
Текстот на Манифестот првпат е објавен во драмата „Илинден“ на Никола Киров Мајски во 1923 година.[1]
Содржината на Крушевскиот манифест
Крушевскиот манифест се обраќа кон муслиманското месно население во крушевскиот регион. Иако е напишан во форма на обраќање до муслиманите - Турци, Арнаути (Албанци) и Торбеши, Манифестот едновремено дава и јасна слика за мотивите и целите на востанието, неговиот ослободителен и социјален карактер.
Најнапред, Манифестот ги објаснува мотивите на востаниците:
„ | Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода... | “ |
Потоа, ги смирува муслиманите дека востанието не е насочено против обичниот народ, туку против државата и нејзините експоненти:
„ | ...Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот - тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите... | “ |
Потоа, Манифестот ги повикува да им се придружат на востаниците поради заедничка борба против социјалниот терор на Отоманското Царство.
„ | Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жаљаме како сфои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царо и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба! | “ |
Со ова, Манифестот ги презентира социјалните цели на востанието - воспоставување на поправедно општество. Покрај тоа, манифестот ги смирува муслиманите (Турци, Арнаути и други) дека и доколку не се приклучат кон востанието, нема да бидат мета на востаниците и ги повикува барем да не се придружуваат на спротивната страна, ако веќе не се приклучуваат кон востаниците:
„ | ...Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо - а тоа јет голема помшт. да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села! | “ |
Конечно, Манифестот има и силно изразена патриотска линија, претставувајќи ја Македонија како „заедничка наша мајка“. Така, се зборува за „нашата мила и богата земја Македонија“, „бајракот на Афтономна Македонија“, „чесни и добри македонски синој“, а завршува со зборовите:
„ | Ура! За Афтономна Македонија! [2] | “ |
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand in your browser!
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.