From Wikipedia, the free encyclopedia
Крокодили се сите видови кои спаѓаат во фамилијата Crocodylidae. Понекогаш ова име се употребува за сите членови на редот Crocodilia: т.н. вистински крокодили, алигаторите и кајманите (фамилија Alligatoridae) и гавијал (фамилија Gavialidae), па дури и членовите на Crocodylomorpha во кои спаѓаат предците на овие животни и праисториските крокодили. Крокодилите се големи водни животни кои живеат тропските подарачја во Африка, Азија, Северна и Јужна Америка и Австралија. Овие животни најчесто живеат во слатки води, како реки, езера, мочуришта, но сепак понекогаш ги среќаваме и во солени води. Се хранат претежно со рбетници како риби, влекачи и цицачи, но некои видови се хранат и со безрбетници како мекотели и ракови. Оваа лоза на животни датира од многу одамна и се смета дека не се промениле многу од времето на диносаурусите. Се смета дека се стари 200 милиони години, (диносаурусите изумреле пред околу 65 милиони години) што значи дека преживеале голем број на катаклизми[1].
Крокодил Период: доцна креда – денес | |
---|---|
Нилски крокодил | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Влекачи |
Ред: | Крокодиловидни |
Семејство: | Crocodylidae Кивје, 1807 |
Родови | |
Види целосна класификација. | |
И покрај нивниот праисториски изглед, крокодилите се едни од најкомплексните влекачи. За разлика од останатите влекачи, одредни мускули кои служат за движење во вода овие животни ги вклучуваат во дишењето, со што добиваат еквивалент на дијафрагма [2]. Потоа имаат и мозочна кора и срце со четири комори. Крокодилите имаат физички одлики кои се карактеристични за грабливците. Имаат и аеродинамично тело кое им овозможува лесно движење низ водата. Кога пливаат тие ги сокриваат нозете до нивното тело со што уште повеќе го намалуваат отпорот во водата и ја зголемуваат брзината. На нозете имаат и пловна кожичка која им овозможува да прават нагли движења во водата.
Во задниот дел на устата, крокодилите имаат круто ткиво кое го спречува влезот на вода. Ноздрите се исто така затворени за време на нуркањето. Кожата на овие животни има пори за кои се смета дека се сетилни и дека се слични на латералната линија кај рибите. Најмногу ги има на нивната горна и долна вилица. Другата теорија за овие пори е дека имаат секреторна улога и произведуваат маслена супстанца која не дозволува калта да им се лепи на кожата [1].
Крокодилите се многу брзи животни на кратки растојанија, дури и надвор од вода. Нивниот начин на ловење е со изненадно грабнување на пленот, поради што имаат многу остри заби кои се забиваат во месото на пленот и силни мускули кои ја затвораат вилицата и го држат пленот заробен. Силата на вилицата на крокодилот е огромна, далеку поголема од било кое друго животно. Оваа сила е со 350 кг/cm² [3], споредено со 23,5 кг/cm² кај ротвајлерот, 28 кг/cm² кај големата бела ајкула или 56–70 кг/cm² кај хиената. Сепак отворањето на вилицата е овозможено од страна на група на многу послаби мускули, па затоа овие животни можат да се проучуваат или транспортираат безбедно со затворање на нивната уста со самолеплива лента. Сите крокодили имаат остри и моќни канџи, но имаат ограничено странично движење на вратот.
Не постои веродостоен начин за мерење на возраста на крокодилите, меѓутоа постојат повеќе техники кои се употребуваат за да се добијат приближни претпоставки. Најчестиот метод е мерењето на прстените на коските и забите – секој прстен се однесува на промена на растењето кое нормално се случува еднаш годишно помеѓу сувата и влажната сезона[4]. И покрај овие недостатоци при мерење на возраста, се смета дека најстарите кродоили се и најголемите. C. porosus се смета дека во просек живее до 70 години, но постојат нецелосни докази за единки кои живееле и над 100 години. Еден од најстарите регистрирани крокодили умрел во зоолошка градина во Русија. Мажјак од видот слатководен крокодил кој живее во аврстралиска зоолошка градина се проценува дека има 130 години. Овој крокодил бил спасен од Боб и Стив Ирвин откако бил 2 пати застрелан од ловци. Како резултат на повредите, овој крокодил го изгубил неговото десно око [5].
Големината варира во зависност од видот на крокодилот. Видовите од Palaeosuchus и Osteolaemus растат само до 1 – 1,5 метри. Поголемите видови достигнуваат и должина од над 4,85 метри и тежина од над 1200 килограми. Кај крокодилите има и изразен полов диморфизам. Мажјаците се многу поголеми и растат многу побрзо од женките[1]. И покрај огромната големина на возрасните единки, овие животни животот го започнуваат со големина од 20тина сантиметри. Најголемиот од сите видови е морскиот крокодил кој живее во северна Австралија и југоисточна Азија.
Најголемиот регистриран крокодил е огромниот морски крокодил кој бил долг 8,6 метри и тежел 1352 килограми. Тој бил убиен во Квинсленд, Австралија во 1957 година. Направена е реплика на овој крокодил кој привлекува голем број на туристи. Најголемиот познат жив крокодил е 7,1 метри долгиот морски крокодил од Ориса, Индија. Овој крокодил во јуни 2006 година, влезе во Гинисовата книга на светски рекорди[6].
Најголемиот крокодил кој бил чуван во заробеништво е хибридот од морски и сиамски крокодил со име Јаи (роден 10 јуни 1972 година) од фармата за крокодили Самутпракарн во Тајланд. Ова животно било со должина од 6 метри и тежел 1114 килограми.
Уште еден огромен крокодил со име Густав живее во реката Рузизи во Африка. Според месното население овој крокодил е одговорен за смртта на 300 луѓе и наводно има изедено цел возрасен нилски коњ. Според кажувањата, тој е долг некаде помеѓу 6,1 и 9,1 метар.
Зборот крокодил доаѓа од старогрчкиот збор κροκόδīλος (крокодилос) што значи гуштер. Фразата „ho crocodiilos ho potámios“ – „гуштерот од реката (Нил)“ ги изначува крокодилите во денешната смисла на зборот.
Крокодилите се животни кои напаѓаат од заседа. Тие чекаат пленот да се доближи и тогаш напаѓаат со голема брзина, без да остават време на пленот да реагира. Како и останатите ладно-крвни грабливци, и овие животни можат да издржат без храна долго време. И покрај нивниот изглед на бавни животни, крокодилите се едни од најопасните грабливци на земјата, па некои видови се забележани како напаѓаат и убиваат ајкули [7]. Познат партнер на крокодилите е Египетскиот пловер, птица со која овие животни живеат во симбиоза. Според некои извештаи, оваа птица се храни со паразитите кои ја инфицираат устата на крокодилот, затоа овој влекач ја отвора устата и дозволува пловерот да влезе и да ја исчисти (Ричфорд и Меад 2003 година).
Многу големи крокодили голтаат камења (нарекувани стомачни камења) кои се верува дека служат за одржување баланс на телото. Според некои други мислења, овие камења имаат улога слична на зрната песок кај птиците, односно за дробење на храната [1].
Крокодилите можат да произведуваат звуци кога се во опасност или за време на напад. Тие имаат и одличен слух [1].
Најчесто овие животни се хранат со риби, птици, цицачи и повремено и со помали крокодили.
Крокодилите се заштитени во многу делови во светот, но исто така постојати фарми на крокодили. Нивната кожа се користи за производство на многу предмети како паричници, чанти или чевли, а нивното месо се смета за деликатес. Најчесто во ваквите фарми се одгледуваат морски или нилски крокодили, а во азиските фарми често се одгледуваат и хибриди од морски и сиамски крокодил.
Крокодилите се многу послични со птиците и со диносаурусите, отколку со повеќето животни кои се класифицирани како влекачи.
Ембрионите на крокодилите немаат полови хромозоми, па за разлика од цицачите на пример, полот не се одредува генетски. Полот зависи од температурата на која се изложени јајцата. Мажјаците се добиваат при температура од 31,6 степени, додека женките на пониска или повисока температура. Просечниот период на инкубација е 80 дена, но и тој зависи од температурата [8].
Според некои набљудувања, се смета дека крокодилите имаат инстинкт за „враќање дома“. Три морски крокодили во северна Австралија биле пренесени на 400 километри со хеликоптер, но повторно се вратиле на првичната локација во рок од 3 недели. Резултатите се добиени со помош на апарати за следење прикачени на крокодилите [9].
На копно, овие животни достигнуваат брзина од 17 км/ч, брзина измерена кај австралискиот крокодил [10]. Максималната брзина варира во зависност од видот. Некои видови навистина можат да трчаат во полн кас, тука спаѓаат кубанскиот крокодил, новогвинејскиот крокодил и џуџестиот крокодил. Повеќето останати видови се движат со таканаречено „стомачно трчање“, движејќи го телото слично на змија. Со ова движење достигнуваат максимална брзина од 10-11 км/ч.
Крокодилите немаат потни жлезди, па од топлината се ослободуваат преку устата. Поради тоа, тие често спијат со отворена уста [11].
Големите видови на крокодили се доста опасни за човекот. Најголемата опасност е поради тоа што крокодилите напаѓаат брзо пред личноста да има време да реагира. Морските и нилските крокодили се најопасните, и убиваат стотици луѓе годишно во регионите на југоисточна Азија и Африка, многу повеќе од било кој друг грабливец кој го напаѓа човекот како плен.
Крокодилите се многу поагресивни за време на сезоната за парење. Овие животни се доста интелигенти и се способни да учат и да запомнат рутини како локацијата на камповите или местата на кои поминуваат луѓето.
Кога напаѓаат во вода, тие го влечат пленот под водата за да се удави.
Повеќето видови се групирани во родот Crocodylus. Другиот преживеан род Osteolaemus, содржи само еден вид.
Некои од изумрените роднини на вистинските крокодили, членови на Crocodylomorpha, биле тревојадни животни.
Крокодилската кожа се употребува за производство на паричници, акт чанти, женски ташни, каиши, капи и чевли.
Во некои земји како Австралија, Етиопија, Тајланд, Јужна Африка и Куба се конзумира крокодилско месо. Како специјалитет може да се најде и во некои ресторани во САД. Месото е бело и со хранлива вредност слична на останатите видови месо. Се смета дека има малку повисоко ниво на холестерол од останатите меса. Некои го опишуваат вкусот како „помеѓу пилешко и краба“.
Маслото од крокодил со векови се смета за лековит природен балсам за кожа.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.