Крис Мартин

англиски пејач From Wikipedia, the free encyclopedia

Крис Мартин

Кристофер Ентони Џон Мартин (англ. Christopher Anthony John Martin; роден на 2 март 1977 година) ― англиски пејач, текстописец, музичар и продуцент. Најпознат е како пејач, пијанист и соосновач на рок-групата Колдплеј.

Кратки факти Крис Мартин, Роден(а) ...
Крис Мартин
Thumb
Мартин настапува со Coldplay во 2023.
Роден(а)Кристофер Ентони Џон Мартин
2 март 1977(1977-03-02)(47 г.)
Ексетер, Девон, Англија
Алма матерУниверзитетски колеџ во Лондон
Занимање
  • Пејач
  • текстописец
  • музичар
  • продуцент
Активен период1997–денес
СопружникГвинет Палтроу (в. 2003; раз. 2016)
ПартнерДакота Џонсон
(2017–денес)
Деца2

Музичка кариера
ПотеклоЛондон, Англија
ЖанровиАлтернативен рок, поп-рок, пост-бритпоп, поп
Инструменти
  • Глас
  • пијано
  • клавијатури
  • гитара
  • хармоника
Издавачи
  • Fierce Panda
  • Parlophone
  • Nettwerk
  • Capitol
  • Atlantic
Потпис
Thumb
Затвори

Крис Мартин бил роден во Ексетер, студирал на Универзитетскиот колеџ во Лондон каде што заедно со Џони Бакленд, Гај Бериман и Вил Чемпион ја основал групата Coldplay. Групата стекнала светска слава со албумот Parachutes (2000) по кој следеле низа успешни албуми. Како дел од Колдплеј, Мартин освоил седум Греми награди и девет Британски музички награди. Со продадени преку 100 милиони албуми, Колдплеј е најуспешна група во 21 век.[1] The Independent и Evening Standard го навеле Мартин меѓу највлијателните личности во Обединетото Кралство,[2] а American Songwriter го вброил меѓу најдобрите пејачи од 21 век.[3]

Живот и кариера

Кристофер Ентони Џон Мартин е роден на 2 март 1977 година во Ексетер, Девон, Англија.[4] Бил најстар од петте деца на неговите родители.[5] Неговиот татко, Ентони Џон Мартин, е пензиониран овластен сметководител.[6] Неговата мајка Алисон Мартин е од Зимбабве и работела како професорка по музика.[7]

Крис Мартин живеел со семејството во Зимбабве кога имал 10 години.[8] Студирал на Универзитетскиот колеџ во Лондон каде што дипломирал старогрчки и латински јазик.[9][10][11] На универзитетот се запознал со другите членови од Колдплеј: Џони Бакланд, Гај Бериман и Вил Чемпион.[12]

Кариера со Колдплеј

Thumb
Мартин на настап со Coldplay во 2010 година за време на турнејата Viva la Vida

Мартин заедно со Бакленд бил соосновач на групата; тие се запознале за време на ориентациона недела на Универзитетскиот колеџ во Лондон во 1996 година.[13] Двајцата го поминале остатокот од годината во планови за основање на група и на почетокот од 1997 година почнале заедно да пишуваат песни.[14] Бериман ѝ се придружил на групата во следните месеци и снимиле многу демо-снимки без тапанар.[15] До ноември 1997 година, триото било познато како Big Fat Noises.[15] Во 1998 година накратко ја преименувале групата во Starfish, само неколку дена откако Чемпион се приклучил на групата.[16] Неколку недели подоцна, групата се одлучила за името Колдплеј.[16]

По објавувањето на нивниот прв албум Parachutes во 2000 година, групата стекнала меѓународна слава и успех. До денес, издале десет студиски албуми: Parachutes, A Rush of Blood to the Head, X&Y, Viva la Vida or Death and All His Friends, Mylo Xyloto, Ghost Stories, A Head Full of Dreams, Everyday Life, Music of the Spheres и Moon Music.

Соло-кариера

Мартин напишал песни за многу изведувачи, вклучувајќи ги Embrace („Gravity “) и Џамелија („See It in a Boy's Eyes“, напишана заедно со продуцентот од Coldplay, Рик Симпсон). Во 2005 година, Мартин соработувал со Нели Фуртадо на песната „All Good Things (Come to an End)“, која се нашла на нејзиниот албум од 2006 година, Loose.

Thumb
Мартин настапува во Music Midtown во Атланта, Џорџија, на 24 септември 2011 година

Фасцинацијата на Мартин со хип-хоп музиката се увидела во средината на 2006 година откако соработувал со раперот Џеј-Зи за кам-бек албумот од раперот, Kingdom Come.[17] Мартин соработувал и со Кање Вест.[18] Тој го пеел рефренот на „Homecoming“, од албумот на Кање Вест Graduation.

Во 2015 година, Мартин соработувал со диџејот Avicii на две нови песни од неговиот албум Stories. Нивната прва соработка била објавена под името „Heaven“. Мартин го напишал текстот, Авичи ја продуцирал песната, а Симон Олдред од Cherry Ghost бил пејач. [19] Мартин исто така пеел на песната True Believer од Avicii, исто така од албумот Stories. Во февруари 2017 година, на Британските музички награди Мартин ја извел „A Different Corner“ во чест на Џорџ Мајкл.[20]

Тој бил котекстописец на песната „Homesick“ која била вклучена на истоимениот прв албум од Дуа Липа, објавен во јуни 2017 година.[21] Во 2019 година, Мартин бил вклучен во постхумниот албум на Авичи, Tim. [22] Во песната „Heaven“ пее Мартин, а била напишана од Авичи и Мартин пред смртта на Авичи.[23]

Други проекти

Мартин и гитаристот од Coldplay, Џони Бакланд, имале камео појавување во филмот Shaun of the Dead. Во 2006 година, Мартин имал камео улога во четвртатата епизода од втората сезона од серијата „Extras“. Тој, исто така, пеел во одјавната шпица од филмот од Саша Барон Коен „Бруно“ од 2009 година, заедно со: Боно, Стинг, Слеш, Снуп Дог и Елтон Џон.[24]

Во март 2015 година, Мартин како акционер во компанијата присуствувал на телевизиското лансирање на услугата за семрежно емитување на музика Tidal.[25] Во јуни 2015 година, Мартин ја извел „Til Kingdom Come“ на погребната миса на Бо Бајден, синот на тогашниот потпретседател на САД Џо Бајден, откако дознал дека Бо Бајден бил негов обожавател.[26] Во август 2017 година, Мартин на пијано во живо ја извел песната „Crawling“ од Линкин Парк. Настапот бил во чест на пејачот од Линкин Парк, Честер Бенингтон, кој се самоубил претходниот месец.[27]

Личен живот

Според „Тајмс“ во мај 2023 година, проценетата нето вредност на Мартин била 160 милиони фунти.[28] Во интервју за Дејли Мирор во 2012 година, Мартин открил дека уште од рана младост боледува од тинитус.[29] Затоа, Мартин на настапите во живо како превентивна мерка носи специјално филтрирани тампони за уши или прилагодени монитори за во уво.[30] Мартин, исто така, станал поборник за свеста за губење на слухот.[31] Вo 2005 година PETA го прогласила Мартин за најсекси вегетаријанец во светот.[32] Меѓутоа, тој повторно почнал да јаде месо по разделбата од неговата тогашна сопруга, американската актерка Гвинет Палтроу.[33]

Мартин е поддржувач на фудбалскиот клуб Ексетер Сити.[34] Има амбидекстрија.

Врски

Според еден извор, Мартин имал врска со продуцентката на настани во живо, Лили Собхани во периодот на издавање на албумот Parachutes [35] Тој и Палтроу се венчале на 5 декември 2003 година.[36] Нивната ќерка Епл е родена во мај 2004 година.[37] Глумецот Сајмон Пег и колегата од групата од Мартин, Џони Бакленд биле кумови на неговата ќерка, а Мартин бил кум на ќерката од Пег.[38] Неговото второ дете, Мозес, е родено во април 2006 година во Њујорк.[39] Во март 2014 година, Мартин и Палтроу објавиле дека се разделуваат по десет години брак.[40] Палтроу поднела барање за развод во април 2015 година, а бил финализиран на 14 јули 2016 година.[41][42] Од август 2015 до август 2017 година, тој бил во постојана врска со глумицата Анабел Волис.[43] Од 2017 година, Мартин е во врска со американската глумица Дакота Џонсон.[44] Заедно живеат во Малибу, Калифорнија.[45] Во 2024 година било откриено дека двојката е свршена веќе неколку години.[44]

Дискографија

Со Coldplay

  • Parachutes (2000)
  • A Rush of Blood to the Head (2002)
  • X&Y (2005)
  • Viva la Vida or Death and All His Friends (2008)
  • Mylo Xyloto (2011)
  • Ghost Stories (2014)
  • A Head Full of Dreams (2015)
  • Everyday Life (2019)
  • Music of the Spheres (2021)
  • Moon Music (2024)

Наводи

Надворешни врски

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.