From Wikipedia, the free encyclopedia
Ким Ентони Лод Клајстерс е родена на 8 јуни 1983 година и е професионална тенисерка од Белгија. Од 21 март 2011 година Клајстерс е рангирана на второто место во поединечна конкуренција и е поранешен број еден во светот и во поединечна конкуренција и во двојки. Заедно со Маргарет Корт го имаат поставено рекордот за најголем број освоени Шупак Слем титули во поединечна конкуренција како мајки.
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Клајстерс е сегашниот шампион во поединечна конкуренција на Отвореното тениско првенство на САД и Отвореното тениско првенство на Австралија. Има освоено 41 ВТА титула во поединечна конкуренција и 11 ВТА титули во двојки. Има освоено четири Грен Слем титули во поединечна конкуренција: три на Отвореното тениско првенство на САД во 2005 година, 2009 година и 2010 година и една на Отвореното тениско првенство на Австралија во 2011 година. Исто така била и второпласирана на четири Грен Слем турнири и ги освоила титулите во поединечна конкуренција на првенството на ВТА турнејата во 2002 година, 2003 година и 2010 година. Во двојки ги освоила титулите на Отвореното тениско првенство на Франција и Вимблдон во 2003 година. Клајстерс се повлекла на 6 мај 2007 година, но речиси две години подоцна, на 26 март 2009 година, јавно изјавила дека има намера да се врати на ВТА турнејата летото 2009 година, за време на сезоната на тврди тениски игралишта. На третиот турнир по нејзиното враќање, ја освоила нејзината втора титула на Отвореното тениско првенство на САД, станувајќи првата тенисерка која не била носител на група, а го освоила турнирот и првата мајка која победила на него од 1980 година кога победила Евон Гулагонг.
Клајстерс е позната по нејзиниот длабок, моќен и прецизен дроп удар. Може да удри победоносни бодови од двете крила и во кој било дел од игралиштето. Нејзиниот форхенд е еден од најдобрите и најмоќните досега видени во женскиот тенис, но повремено е непостојан и склон на незнудени грешки. Бекхендот ѝ е посигурен и постојан и задава одбранбени удари со тежок слајс. Клајстерс е исто така позната по одбраната на целото игралиште што се должи на брзината и на атлетската градба. Клајстерс заедно со Јелена Јанковиќ и Светлана Кузнецова е една од неколкуте играчи кои на турнеите на Асоцијацијата на тениските професионалци и на Женската тениска асоцијација можат да играат на сите подлоги. Марија Шарапова на интервјуто по поразот од Клајстерс на Отвореното првенство Насдак 100 во 2005 година, рекла: „Едноставно мора да очекувате дека ќе ви ги врати сите удари‟. Нејзиниот прв сервис е прецизен и освојува асови и бодови кои не може да се стигнат. Клајстерс најчесто брза помеѓу првиот и вториот сервис што придонесува на некои натпревари да има голем број двојни сервис-грешки. Како поранешен број еден во двојки, има извонреден волеј удар. Нејзината психичка кршливост се смета за нејзина најголема слабост и во почетните стадиуми на кариерата најчесто потклекнувала во последните кругови на Грен Слем турнирите, иако била во големо водство. Откако го освоила Отвореното тениско првенство на САД во 2005 година, Клајстерс имала поголема контрола над нервите и откако се вратила на турнејата во 2009 година, заедно со Серена Вилијамс се познати како најцврстите тенисерки кои е тешко да се победат ментално. Клајстерс сега се покажува како дорасната на ситуацијата и го игра најдобриот тенис во важните стадиуми од мечевите. Се смета за една од најпопуларните тенисерки на турнејата, позната по нејзината отменост и сталожен темперамент. Таа била седум пати избрана за ВТА наградата „Карен Кранче‟ од останатите тенисери и трипати за ВТА наградата за тенисерка со најдобар сервис.
Клајстерс е родена на 8 јуни 1983 година во Билзен, Лимбур во Фламанскиот регион на Белгија. Таа е ќерка на Леи Клајстерс, поранешен фудбалски репрезентативец и Елс Вандекаестбек, поранешна национална шампионка во гимнастика. Леи Клајстерс умрел од рак на кожата на 4 јануари 2009 година. Клајстерс вели дека фудбалерските нозе ги наследила од татко ѝ, а гимнастичката еластичност од мајка ѝ. Помалата сестра на Ким, Елке, во 2002 година била ИТФ светски шампион во јуниорска конкуренција во двојки и се повлекла во 2004 година поради повреда на грбот.
Во декември 2003 година, Клајстерс ја најавила веридбара со Австралиецот Лејтон Хјуит, но нивната врска завршила во октомври 2004 година. Австралијците сѐ уште ја викаат Клајстерс „Ози Ким‟. Во октомври 2006 година Клајстерс ја најавила веридбата со американскиот кошаркар Брајан Линч кој живее во родниот град на Ким, Бре. Во интервјуто за Sportweekend (спортска програма на белгиската фламанска телевизија), Клајстерс рекла дека се повлекува за да роди деца. Клајстерс и Линч се венчале на 30 јули 2007 година во 06:00 во градскиот совет во Бре. Ја венчал градоначалникот, а на свадбата присуствувале сестра ѝ Елке, братот на Линч, Пат Линч и родителите од двајцата.
Клајстерс родила ќерка на 27 февруари 2008 година во 13:35 во болницата Везалиус во Гонгерен, Белгија. Девојчето, Јада Ели, тежело 3,035 кг и било долго 51 cm.
Клајстерс била вешта јуниорска тенисерка. Во поединешна конкуренција била вицешампионка на Вимблдон во јуниорска конкуренција во 1998 година и на крајот од годината завршила на 11-тото место на ранг-листата во поединечна конкуренција. Истата година во двојки, Клајстерс ги освоила титулите на Отвореното тениско првенство на Франција заедно со Јелена Докиќ, поразувајќи ги Елена Дементиева и Надја Петрова во финалето и на Отвореното тениско првенство на САД со Ева Дирберг, поразувајќи ја поранешната партнерка Докиќ во финалето. Клајстерс ја завршила сезоната на четвртото место на светскиот ранг-список на Меѓународната тениска федерација за двојки во јуниорска конкуренција.
Во 1999 година Клајстерс го направила нејзиниот професионален пробив. На нејзиниот прв турнир на ВТА во Антверпен, се квалификувала и изгубила во четвртфиналето од потенцијалната финалистка, Сара Питковски-Малкор, откако не успеала да ја освои меч топката. Играјќи во квалификациските кругови во Рохемптон, откако испаднале само четворица, успеала да стигне до главната ждрепка на Вимблдон. Клајстерс освоила шест последувателни мечеви губејќи само 25 гема. Ја поразила десетторангираната Аманда Кецер на пат кон четвртиот круг, каде Клајстерс изгубила од нејзиниот идол од детството, Штефи Граф, без да добие сет, во лоши врнежливи услови. Летото Клајстерс стигнала до третиот круг на Отвореното тениско првенство на САД, губејќи од потенцијалната шампионка, Серена Вилијамс, откако сервирала за мечот. Есента Клајстерс ја освоила нејзината прва титула на Женската тениска асоцијација (ВТА) во поединечна конкуренција во Луксембург. Потоа следела нејзината прва ВТА титула во двојки која ја освоила во Братислава заедно со Лоренс Куртуа. На крајот од годината ја добила ВТА наградата за најимпресивна почетничка и била единствената тенисерка од Белгија која го има добиено овој трофеј.
Во наредните две години, Клајстерс се искачувала на ранг-листата. Во 2001година стигнала до нејзиното прво Tier I финале на турнирот во Индијан Велс, Калифорнија и изгубила од Серена Вилијамс во меч кој предизвикал дискусија. Клајстерс исто така стигнала и до нејзиното прво Грен Слем финале на Отвореното тениско првенство на Франција каде изгубила од Џенифер Каприати со 12-10 во третиот сет. Овој меч кој траел 2 часа и 21 минута бил најдолгиот трет сет во финалето во женска конкуренција на Отвореното тениско првенство на Франција. Клајстерс четири пати имала можност да освои два бода и да победи пред Каприати да ја однесе победата. Нејзиниот нареден важен чекор бил на крајот од 2002 година кога победила на првенството кој се игра на крајот од годината, Хоум Дипо во Лос Анџелес, поразувајќи ја прворангираната Серена Вилијамс во финалето. Овој бил петтиот пораз на Вилијамс таа година и ѝ ја прекинал низата од 18 освоени мечеви. На патот до финалето, Клајстерс ја победила четврторангираната Жастин Анин и второрангираната Венус Вилијамс, станувајќи четвртата тенисерка која ги победила двете сестри Вилијамс на ист натпревар. Исто така го израмнила рекордот на натпреварот со тоа што изгубила најмалку гемови.
Клајстерс ја започнала сезоната на меѓународниот турнир Адидас каде што го освоила нејзиниот прв турнир таа година совладувајќи ја Линдзи Девенпорт во финалето, без да изгуби сет. Стигнала до финалето откако ги победила Пети Шнајдер, Ченда Рубин и Жастин Анин. На Отвореното тениско првенство на Австралија, Клајстерс изгубила во полуфиналето од Серена Вилијамс со 4-6, 6-3, 7-5 откако имала пет меч топки. На патот до полуфиналето изгубила само 15 гема. Ја поразила Саманта Ривс, а над Петра Мандула освоила победа „двоен ѓеврек‟ (каде противникот не успева да освои ниту еден гем). Потоа ги нижела победите без да изгуби сет против Татјана Путчек, Аманда Кецер и Анастасија Мискина и на Отвореното тениско првенство Пацифик Лајф во Индијан Велс, Калифорнија каде што ја совладала Линдзи Девенпорт во финалето.
Клајстерс стигнала до финалето на ВТА Отвореното првенство на Германија откако ја победила Џенифер Каприати 6-4 во последниот сет. Во финалето, Клајстерс играла со Жастин Анин, пропуштила три меч топки и изгубила 7-5 во последниот сет. Истиот ден, Клајстерс исто така изгубила 6-4 во последниот сет во финалето во двојки.
Третата титула на Клајстерс таа година била титулата на мастерсот Телеком Италија во Рим каде што играла против Амели Моресмо во финалето и катастрофално ја поразила Французинката во последниот сет. За да стигне до финалето, Клајстерс ги победила Мискина и партнерката во двојки Аи Сигијама.
На Отвореното тениско првенство на Франција стигнала до финалето, вторпат за време од три години, откако ја совладала Надја Петрова. Во финалето Клајстерс изгубила 6-0, 6-4 од Анин, а на Отвореното тениско првенство на САД 7-5, 6-1. Исто така изгубила и во полуфиналето на Вимблдон од Венус Вилијамс, откако го освоила првиот сет и направила брејк. На 11 август 2003 година Клајстерс била тенисерка број еден во светот и го држела тоа место 12 последувателни недели во остатокот од годината и била првата тенисерка која била прворангирана на ВТА без да освои Грен Слем титула во пединечна конкуренција.
На 18 август 2003 година Клајстерс била на првото место на светската ранг-листа во двојки, придружувајќи ѝ се на одбраната група од само четири тенисерки, Мартина Навратилова, Аранткса Санечес Викарио, Мартина Хингис и Линдзи Девенпорт, кои истовремено го држеле првото место и во поединечна конкуренција и во двојки. До 2010 година само Серена Вилијамс успеала да се придружи на оваа група.
Првото место на светската ранг-листа било повторно ставено на коцка во октомври за време на финалето на турнирот Порше Гран При во Филдерстат, Германија. Клајстерс се вратила во игра по лошо одиграниот сет за да ја победи Анин. На овој меч, најдобрите две тенисерки по осми пат се бореле за првото место. Иако Клајстерс го освоила мечот, на крајот од годината била светска тенисерка број два, зад Анин.
Клајстерс ја започнала 2004 година играјќи на Хопмап купот. За време на мечот против Австралија, Клајстерс го повредила зглобот на ногата играјќи против Алиша Молик. Неколку дена одела со патерица и се плашела дека можеби ќе треба да се оперира. Се повлекла од меѓународниот турнир Адидас поради повреда. Клајстерс закрепнала на време за да го стигне четвртото Грен Слем финале во нејзината кариера, финалето на Отвореното тениско првенство на Австралија, каде што повторно изгубила од Анин. За да стигне до финалето, извојувала победи без да изгуби сет над Марлен Вејнгартнер, Марија Елена Камерин („двоен ѓеврек‟), Динара Сафина, Силвија Фарина Елија, Анастасија Мискина (за време на мечот се влошила повредата на зглобот на Клајстерс) и Пети Шнајдер. Потоа освоила две последувателни титули, во Париз и Антверпен. Во финалето во Париз ја поразила локалната фаворитка Мери Пирс. До финалето Клајстерс стигнала поразувајќи ги Марија Санчес-Лоренцо, Фарина Елија и Сафина. Бранејќи ја титулата Tier I на мастерсот Индијан Велс, Клајстерс го повредила зглобот на раката за време на првиот меч каде ја победила Анџелика Рош. Се повлекла од вториот меч затоа што раката ѝ била набиена. Се повлекла и од натпреварот во Мајами кој се одигрувал наредната недела. Клајстерс се појавила по шест недели во нејзиниот роден град Бре, каде играла на Фед купот против Хрватска. Се вратила на турнејата во Берлин и ѝ биле потребни три сета за да ја победи Марта Мареро. Потоа се откажала од нејзиниот втор меч и ѝ рекле дека мора да одмара. Поради тоа го пропуштила Отвореното тениско првенство на Франција. Клајстерс била на операција за да отстрани циста и изгубила три месеци од турнејата, вклучувајќи ги Вимблдон и Отвореното тениско првенство на САД. Ги пропуштила и Олимписките игри, но веќе имала одлучено да не игра на турнирот по расправијата за спонзорите за облека. Клајстерс се вратила на турнирот кој се играл во Хаселт, Белгија (Gaz de France Stars) каде што стигнала да полуфиналето поразувајќи ги Ивета Бенешова и Магдалена Малеева. Во полуфиналето играла против Елена Бовина и се повлекла во вториот сет. Клајстерс ја влошила повредата и иако не ѝ била потребна операција, не играла до крајот на сезоната. Стравот дека повредата може да ја натера да се повлече од тенисот, бил ублажен.
Клајстерс го пропуштила првиот Грен Слем оваа година поради повреда. Во февруари, откако не играла четири месеци, Клајстерс се вратила на турнејата учествувајќи на турнирот во Антверпен. Нејзиниот прв меч откако се вратила бил против Јелена Костаниќ. Ја поразила без да изгуби сет, но во четвртфиналето била совладана од Венус Вилијамс.
Во март и април, како тенисерка која не била носитекла на група, Клајстерс победила на 17 последувателни мечеви со што ги потврдила Tier I титулите и си го вратила местото помеѓу првите дваесет тенисерки. За време на Отвореното првенство во Индијан Велс, Калифорнија (Pacific Life Open), Клајстерс била на 133-тото место на светската ранг-листа. Белгијката започнала поразувајќи ги Никол Прат, Шинобу Асаго, Ана Чакватаџе и Евгенија Линецкаја, без да изгуби сет. Во полуфиналето, Клајстерс ја совладала петтата тенисерка во светот, Елена Дементиева, без да изгуби сет, а во финалето, во три сета ја поразила тенисерката број еден во светот, Линдзи Девенпорт. Една недела по таа победа, Клајстерс победила четири од првите шест рангирани тенисерки, без да изгуби сет, за да го освои Отвореното првенство НАСДАК 100 (NASDAQ-100 Open). За да ја освои титулата ги совладала Сандра Клосел, Натали Дечи, Анастасија Мискина, Елена Дементиева, Амели Моресмо и Марија Шарапова. За време на турнирот не изгубила ниту еден сет.
Префрлајќи се на земјените тениски игралишта, Клајстерс продолжила да ги реди победите. На купот J&S ги поразила Татјана Перебинис, Марија Кириленко и Елена Бовина. Играјќи против Бовина, Клајстерс се здобила со мала повреда на рамото. Низата од 17 последувателни победи најпосле била прекината од Светлана Кузнецова. Нареден турнир на којшто играла било ВТА Отвореното првенство на Германија каде ги победила Јулијана Федак и Динара Сафина, без да изгуби сет, пред да го повреди десното колено поради што се повлекла од мечот против Пети Шнајдер. Клајстерс закрепнала на време за да игра на Отвореното тениско првенство на Франција. Играјќи првпат во две години на Отовореното тениско првенство на Франција, Клајстерс ги победила Мејлен Ту, Черванова и Даниела Хантукова за да стигне до четвртиот круг каде што изгубила од Девенпорт.
Најдобро што можела ја започнала сезоната на тревни тениски игралишта, освојувајќи го Меѓународното отворено тениско првенство во женска конкуренција во Хастингс. Освојувајќи ја нејзината трета титула таа година, Клајстерс ги поразила Јелена Јанковиќ, Кончита Мартинес, Машона Вашингтон, Кузнецова и Вера Душевина. На Вимблдон ги победила Кети О҆Брајан, Мариса Ирвин и Роберта Винчи, пред да се соочи со Девенпорт во кругот на полседните шеснаесет, обидувајќи се да ја освои втората Грен Слем титула. Резултатот бил ист како и на Отвореното тениско првенство на Франција – победила Американката.
По Вимблдон, Клајстерс имала неверојатна серија победи и изгубила само еднаш во периодот помеѓу јули и октомври. Таа серија започнала на турнирот во Стенфорд, Калифорнија (Bank of the West Classic) против Аи Сигијама, Хантукова, Ана-Лена Гренефелди Венус Вилијамс и таму ја освоила нејзината четврта титула таа година. Серијата победи продолжила во Сан Диего каде ги поразила Марта Домачовска и Јанковиќ, пред да го доживее нејзиниот единствен пораз во оваа серија од Пенг Шуај.
По поразот од Пенг, Клајстерс ја продолжила неверојатната серија победи, освојувајќи 22 последувателни мечеви и собирајќи четири последувателни титули, вклучувајќи ја и Грен Слем титулата. Низата од освоени 22 последувателни мечеви започнала против Каролина Шпрем и продолжила со победите над Сафина, Надја Петрова, Франческа Шиавоне. Клајстерс ја освоила нејзината петта титула таа година. Победите продолжиле во Торонто каде што ги поразила Вирџинија Рацано, Ана Ивановиќ, Флавија Пенета, Анастасија Мискина и Жастин Анин-Арсен за да го освои купот Роџерс. Откако освоила три од нејзините четири летни турнири на тврда подлога во САД, Клајстерс ја освоила серијата на Отвореното тениско првенство на САД која ги поврзува сите летни турнири на тврда подлога во САД и дуплира паричната награда за победникот на Отвореното тениско првенство на САД. Тоа ѝ ја отворило можноста на Клајстерс да ја дуплира паричната награда за победникот на Отвореното тениско првенство на САД од 1,1 милион долари на 2,2 милиони долари.
Клајстерс ја освоила нејзината Грен Слем титула на Отвореното тениско првенство на САД во поединечна конкуренција. Тоа била нејзината прва победа откако претходно стигнала на четири Грен Слем финалиња. Клајстерс стигнала до четвртфиналето поразувајќи ги Мартина Милер, Фабиола Зулуага, Аи Сигијама и Марија Венто-Кабчи, без да изгуби сет. Во четвртфиналето ја совладала десеттата носителка на група, Венус Вилијамс, со 4-6, 7-5, 6-1 освојувајќи 11 од последните 13 гема, откако Вилијамс водела со 6-4, 4-2. На Клајстерс ѝ биле потребни три сета за да ја совлада прворангираната Шарапова во полуфиналето. Петтиот обид да освои Грен Слем финале бил успешен, совладувајќи ја Мери Пирс без да изгуби сет. Освојувајќи ја серијата на Отвореното тениско првенство на САД, Клајстерс ја дуплирала паричната награда која ја освоила за победата на Отвореното тениско првенство на САД од 1,1 милион долари на 2,2 милиони долари. Тоа била најголемата добивка во историјата на женскиот тенис.
На 15 септември, една недела по победата на Отвореното тениско првенство на САД, било објавено дека Клајстерс и нејзиниот тренер, Марк Деху, престанала да соработуваат, а една од причините била тоа што му исплатила само 9 000 долари од освоените 2,2 милиони.
Клајстерс продолжила во добра форма и ја продолжила низата до 21 победа, дури и без тренер, на првенството Фортис. Ги совладала Клара Кукалова, Шијавоне, Деши и Лена Гренефелд, сите без да изгуби сет, за да ја освои нејзината осма титула таа година. Таа била нејзината четврта последувателна титула. На турнирот Порше Гран При, Клајстерс ја победила Шпрем и ја освоила 22-та последувателна победа пред Дементиева да ја прекине низата.
Го освоила нејзиниот деветти и последен турнир таа година, турнирот во Хаселт (Gaz de France Stars), поразувајќи ја Шијавоне во финалето. За време на турнирот не изгубила сет. За да стигне до финалето, Клајстерс извојувала победи над Екатерина Бичкова, Шпрем, Јулија Шруф и Сафина.
На првенството Сони Ериксон кој се игра на крајот од годината, Клајстерс била елиминирана во групната фаза. Изгубила на нејзиниот прв меч, реванш меч на финалето Отвореното тениско првенство на САД, од Пирс со 6-1, 4-6, 7-6, а на вториот меч изгубила од моресмо со 6-3, 7-6. Поради тоа, Белгијката морала да победи и се надевала дека резултатите од другите мечеви ќе бидат во нејзина полза. Но резултатите не биле во нејзина полза и Клајстерс била елиминирана во наредниот меч. Ја завршила сезоната поразувајќи ја Дементиева без да изгуби сет. Годината ја завршила на второто место на светската ранг-листа.
Клајстерс ја започнала годината победувајќи на егзибиционен натпревар, првенството Watson Water Challenge во Хонгконг. На патот до титулата ги поразила Џи Женг, Елена Дементиева и највисоко рангираната Линдзи Девенпорт. Потоа Клајстерс се повлекла во полуфиналето на ВТА турнирот во Сиднеј затоа што го истегнала мускулот кај левиот колк.
На Отвореното тениско првенство на Австралија, Клајстерс ја поразила поранешната шампионка, Мартина Хингис, во четвртфиналето со 6-3, 2-6, 6-4 пред да се повлече од полуфиналниот меч со Амели Моресмо. И покрај поразот, бодовите кои ги имала собрано за рангирање биле доволни за да го има повторно првото место на светската ранг-листа, позиција која ја имала на 9 ноември 2003 година. Таа била единствениот тенисер, машко или женско, која не била рангирана во првите 100 (била 134-та тенисерка во светот), а се искачила на првото место за помалку од една година. Клајстерс изгубила од Моресмо во полуфиналето на Отвореното тениско првенство на Австралија поради повреда на глуждот од ногата. Иако се очекувало да пропушти најмалку осум недели додека закрепне, Клајстерс се вратила по две недели на Проксимус Дајмонд игрите во Антверпен. Во финалето на овој турнир изгубила од Моресмо во три сета.
Клајстерс ја освоила нејзината прва титула таа година, на турнир во Варшава кој се играл на земја, совладувајќи ја Светлана Кузнецова во финалето. На Отвореното тениско првенство на Франција во мај, стигнала до полуфиналето без да изгуби сет, поразувајќи ја Хингис во четвртфиналето со 7-6, 6-1. Сепак, изгубила од Жастин Анин во полуфиналето со 6-3, 6-2, на нејзиниот 23-ти роденден. Била втора носителка на група на Вимблдон, но повторно била елиминирана во полуфиналето од Анин, без да добие сет, со 6-4, 7-6(4).
Клајстерс ја добила нејзината втора титула како прворангирана таа година во Стенфорд, поразувајќи ја Пети Шнајдер во финалето. Потоа стигнала до финалето во Сан Диего каде што изгубила од втората носителка на група, Марија Шарапова, без да освои сет. Ова бил нејзин прв пораз од Шарапова, се имале сретнато пет пати во кариерата.
На 16 август, откако го прескокнала првиот круг на Tier I натпреварот на купот Роџерс во Монтреал, Клајстерс се соочила со Канаѓанката Стефани Дубуа во вториот круг. Првиот сет го освоила со 6-1, а кога резултатот бил 2-3 во вториот сет, Клајстерс се лизнала и паднала на левиот зглоб од раката поради што морала да се повлече од мечот. На 18 август 2006 година, Клајстерс објсвила на нејзината официјално мрежно место дека состојбата на нејзиниот зглоб е полоша отколку што очекувала и дека нема да може да ја брани титулата на Отвореното тениско првенство на САД. Исто така го пропуштила и финалето против Италија на Фед купот каде Италија победила 3-2.
Играјќи на турнирот во Хаселт (Gaz de France Stars), нејзиниот прв турнир во повеќе од два месеци, Клајстерс успешно ја одбранила нејзината титула поразувајќи ја пласираната натпреварувачка, Каја Канепи, во финалето. На првенството од ВТА турнејата кој се игра на крајот од годината, изгубила во полуфиналето од Моресмо со 6-2, 3-6, 6-3, откако ги победила Дементиева и Кузнецова. Во фазата Бергеров систем изгубила од Шарапова.
2007 година требало да биде нејзината последна година од турнејата затоа што планирала во 2005 година да се повлече на крајот од сезоната во 2007 година. Клајстерс ја започнала годината победувајќи на егзибиционен турнир, турнирот Watson Water Challenge во Хонгконг. На патот до титулата ги поразила Џи Женг, Пети Шнајдер и прворангираната Марија Шарапова. Потоа го освоила меѓународниот турнир Медибанк во Сиднеј, Австралија, каде што ги поразила Никол Прат, Шахар Пер, Ли На и Јелена Јанковиќ за да ја одбрани титулата откако за малку ќе изгубела во финалето.
На Отвореното тениско првенство на Австралија, Клајстерс била четврта носителка на група. Бејгијката започнала со победата над Василиса Бардина и продолжила со победите над Акико Моригами, Алона Бондаренко и Даниела Хантукова, без да изгуби сет. Потоа ја совладала шестата носителка на група, Мартина Хингис, во три сета пред да изгуби во полуфиналето од Шарапова.
Клајстерс наредно играла во Белгија за последен пат на игрите Проксимус Дајмонд откако се повлекла од Отвореното првенство Gaz de France Stars поради повреда на колкот. Кога Клајстерс рекла дека има болки, навестувала дека можеби ќе го пропушти Отвореното тениско првенство на Франција. Во финалето на игрите Дајмонд изгубила од Амели Моресмо. На патот до финалето ги победила Олга Пучкова, Ана Ивановиќ и Татјана Головин, без да изгуби сет.
По овој турнир Клајстерс потврдила дека ќе ги пропушти Отвореното тениско првенство на Франција и Отвореното тениско првенство на САД, така што Вимблдон бил нејзиниот последен Грен Слем турнир. Белгијката исто така додала дека нејзините последни два турнири ќе бидат турнирот во Луксембург и турнирот од ВТА турнејата во Штутгарт.
На Отвореното првенство Сони Ериксон во Кеј Вискејн, Флорида, Клајстерс изгубила во четвртиот круг од Ли На во три сета. Претходно ги поразила Акико Моригами и Сем Стосур. Еден месец подоцна, на нејзиниот прв турнир на земја таа година во варшава, Клајстерс не успеала да ја одбрани нејзината титула, губејќи 7-6(3), 6-3 од Јулија Вакуленко.
На 6 мај 2007 година, на нејзината официјално мрежно место Клајстерс објавила дека ја скратува нејзината сезона поради повреди и дека ќе ги оствари нејзините планови да се повлече од професионалниот тенис. Одлучила веднаш да се повлече од спортот.
Речиси две години по нејзиното повлекување и една година по раѓањето на ќерка ѝ во февруари 2008 година, било објавено дека Клајстерс заедно со Тим Хенман, Штефи Граф и Андре Агаси ќе игра на егзибиционен натпревар на централниот терен на Вимблдон за да се тестира неговиот нов покрив.
Додека се подготвувала за егзибицискиот натпревар на Вимблдон, Клајстерс повикала прес-конференција на 26 март и тогаш објавила дека му се враќа на професионалниот тенис. Рекла дека била инспирирана од подготовките за натпреварот на Вимблдон во јануари 2009 година. Изјавила дека побарала да игра на турнирите во Синсинати и Торонто. Клајстерс исто така побарала да игра и на Отвореното тениско првенство на САД со што сакала да го оцени нејзиното враќање како успешно и да ја покаже можноста на комбинирање со нејзиниот семеен живот. Изјавила дека претпочита да размислува за тоа како „втора кариера‟ наместо како враќање, затоа што многу фактори (брак, бебе, неодамнешната смрт на татко ѝ) биле различни во споредба со нејзината прва кариера.
На егзибицискиот натпревар на Вимблдон, Клајстерс и Хенман победиле 7-6 во тајбрекот против Граф и Агаси. Клајстерс исто така играла меч во поединечна конкуренција против Граф и победила 6-4. На турнирот на кој учествувала еден месец, од јануари, изјавила дека почнала повторно да се чувствува добро на почетокот од февруари, потоа го потврдила присуството на Вимблдон и тоа ја поттикнало повторно да му се посвети на професионалниот тенис. Во јули ги освоила двата меча во двојки заедно со тимот St. Louis Aces на турнирот World Team Tennis.
Клајстерс ја започнала нејзината втора кариера на Отвореното женско тениско првенство во Синсинати (Western & Southern Financial Group Women’s Open). Во првиот круг ја опразила 13-тата тенисерка во светот, Марион Бартоли, со 6-4, 6-3. Во наредните два меча ги совладала Пети Шнајдер, тенисерката број 20 во светот со 6-2, 7-5 и тенисерката број 6 во светот, тогашната шампионка на Отвореното тениско првенство на Франција, Светлана Кузнецова, со 6-4, 4-6, 6-2. Во четвртфиналето изгубила од првата тенисерка во светот, Динара Сафина, со 6-2, 7-5.
По Синсинати, Клајстерс играла на купот Роџерс во Торонто. Ја поразила британската пласирана тенисерка, Олена Балтача, во првиот круг. Во вториот круг ја поразила тенисерката на 9-тото место на светската ранг-листа, Викторија Азаренка, со 7-5, 4-6, 6-1, но изгубила од четвртата тенисерка во светот, Јелена Јанковиќ, во третиот круг со 1-6, 6-3, 7-5, откако сервирала за мечот кога резултатот бил 5-3.
Потоа играла на главната ждрепка на Отвореното тениско првенство на САД. Лесно го освоила мечот од првиот круг против Викторија Кутузова, 6-1, 6-1. Во вториот круг го освоила мечот против Марион Бартоли, 14-тата тенисерка во светот, со 5-7, 6-1, 6-2. Тоа била нејзина втора победа над Бартоли за време од три недели. Во третиот круг ја победила нејзината сонародничка, Кирстен Флипкенс, со 6-0, 6-2. Продолжила со победите и во четвртиот круг каде што ја поразила Венус Вилијамс, тенисерката број три во светот, со 6-0, 0-6, 6-4. Тоа бил нејзиниот 11-ти натпреварувачки меч откако се вратила од повлекувањето. Клајстерс ја совладала 18-тата носителка на група, Ли На, без да изгуби сет со 6-2, 6-4 за да стигне до полуфиналето каде што се соочила со шампионката која ја бранела титулата и светската тенисерка број два, Серена Вилијамс. Клајстерс победила со 6-4, 7-5 откако на Вилијамс и бил даден казнен бод кога имала меч топка поради кавга со еден од судиите кои пресудиле сервис-грешка (нагазнување на линијата при сервирање). Таа била првата финалистка на Отвореното тениско првенство на САД која не била носителка на група, по Венус Вилијамс во 1997 година. Со победата над Серена, Клајстерс станала единствената тенисерка која двапати ги има победено двете сестри Вилијамс на ист турнир. Во финалето ја поразила деветтата носителка на група, Каролина Возњацки, со 7-5, 6-3 за да ја освои нејзината втора титула на Отвореното тениско првенство на САД. Победата на Отвореното тениско првенство на САД ја сместила во првите 20 на светската ранг-листа. Таа била првата мајка која освоила Грен Слем титула во ерата на Отворени тениски првенства, откако Ивон Гулагонг Коли го освоила Вимблдон во 1980 година. Клајстерс е позната како една од „кралиците кои се вратиле‟ во тенисот. Потоа играла на Отвореното првенство на Луксембург (2009 BGL Luxembourg Open) како втора носителка на група. Лесно го освоила почетниот меч против Меган Шогнеси со 6-2, 6-2, но изгубила од Пети Шнајдер во нивната блиска средба во вториот круг со 4-6, 6-3, 6-7.
На егзибиционен натпревар во Антверпен, Белгија, на 10 декември Клајстерс ја поразила соперничката Венус Вилијамс со 6-1, 7-5. Ја завршила годината како 18-то рангирана.
Во март 2010 година ја добила светската спортска награда Лореус, за нејзиното извонредно враќање на Отвореното тениско првенство на САД во 2009 година. Исто така ја освоила и ВТА наградата за тенисерка на годината која се вратила и наградата Карен Кранче по седми пат.
Клајстерс ја започнала нејзината кампања во 2010 година на меѓународниот турнир во Брисбејн (Brisbane International) во Австралија како прворангирана. Ги поразила Татјана Гарбин и Алиша Молик во првите два круга без да изгуби сет. Потоа ја совладала Луси Шафарова во три сета за да стигне до полуфиналето каде што ја совладала Андреа Петковиќ за да стигне до финалето. Во финалето играла со нејзината соперничка и сонародничка Жастин Анин. Клајстерс водела 6-3, 4-1 пред Анин да освои осум последувателни гема со што го освоила вториот сет и водела 3-0 во последниот сет. Клајстерс губела 5-3 кога спасила две меч топки, направила брејк и обезбедила тајбрек во последниот сет. Ја поразила нејзината соперничка со 6-3, 4-6, 7-6(6).
Наредниот турнир на Клајстерс било Отвореното тениско првенство на Австралија во 2010 година, првиот Грен Слем во сезоната каде што била 15-та носителка на група. Стигнала до третиот круг без да изгуби сет поразувајќи ги Валери Тетролт и Тамарин Танасугарн. Во третиот круг Клајстерс изгубила од тенисерката на 20-тото место на светската ранг-листа, Надја Петрова. Тоа бил нејзиниот најлош пораз во кариерата затоа што освоила само еден гем.
Клајстерс не играла натпреварувачки сѐ до март кога настапила на Отвореното првенство во Индијан Велс (2010 BNP Paribas Open). Била 14-та носителка на група, но била поразена од 23-тата носителка на група, Алиса Клејбанова, во третиот круг губејќи на тајбрекот на последниот сет. Продолжила на Отвореното првенство Сони Ериксон за да ја освои титулата. Како 14-та носителка на група изгубила само три гема поразувајќи ги Петра Квитова и Шахар Пер. Потоа, губејќи само четири гема, ја совладала Викторија Азаренка, шампионката која ја бранела титулата. Пред да стигне до финалето ги совладала Саманта Стосур, 10-тата тенисерка во светот, во четвртфиналето и Жастин Анин во тајбрекот на последниот сет. Продолжила со победата над Венус Вилијамс во финалето без да изгуби сет, со што ја прекинала серијата на Американката од 15 последувателни освоени мечеви. Поради тоа што ја освоила титулата по вторпат, Клајстерс се искачила на 10-тото место на светската ранг-листа.
На првиот одигран турнир на земја за време од три години, на турнирот во Андалусија (Andalucia Tennis Experience), Клајстерс како трета носителка на група стигнала до вториот круг победувајќи ја Александра Дулгеру во три сета. Во вториот круг изгубила од Беатрис Гарсија Видагани, тенисерка која била на 258-то место на светската ранг-листа. Клајстерс играла на белгијскиот Фед куп против Естонија и ја победила Марет Ани со 6-4, 6-2 во почетниот меч во поединечна конкуренција. Сепак, се открило дека скинала мускул на левото стапало и поради тоа се повлекла од наредниот меч против Каја Канепи. Докторите ѝ препорачале на Белгијката шест недели да не игра, но Клајстерс се надевала дека порано ќе закрепне. Потоа, на прес-конференција објавила дека мора да се повлече од остатокот на сезоната на земјени игралишта, вклучувајќи го и Отвореното тениско првенство на Франција во 2010 година.
Клајстерс повторно била во акција на почетокот на сезоната на тревни игралишта во Истбурн, загревајќи се за Вимблдон кој го освоила во 2005 година. Како петта носителка на група, ги поразила сограѓанката Јанина Викмајер и Шафарова, губејќи само три гема, за да стигне до четвртфиналето. Таму била совладана од Викторија Азаренка и не освоила ниту еден сет. И покрај поразот, Клајстерс се искачила на 8-то место на светската ранг-листа и била 8-ма носителка на група на нејзиното прво првенство на Вимблдон од 2006 година. Започнала со победа без да губи сет над Марија Кириленко за да стигне до четвртиот круг каде се соочила со 17-тата носителка на група, Жастин Анин. Иако го изгубила првиот сет, ја победила Анин со 2-6, 6-2, 6-3. Клајстерс изгубила во четвртфиналето од 21-та носителка на група и финалистката, Вера Звонарева, во три сета. Клајстерс учествувала на рекордниот егзибиционен спектакл „Најдоброто од Белгија‟. Ја поразила Серена Вилијамс без да изгуби сет со што го подобрила рекордот на соочување со сестрите Вилијамс по нејзиното враќање, 5-1 (3-1 против Венус која ја победила Клајстерс на купот Били Џин во 2010 година, 2-0 против Серена).
Нареден турнир на кој играла Клајстерс бил Отвореното женско тениско првенство во Синсинати (2010 Western & Southern Financial Group Women’s Open), каде што започнала минатата година по нејзиното враќање. Овој бил прв нејзин турнир од серијата на Отвореното тениско првенство на САД во 2010 година. Во првиот круг не играла и како четврта носителка на група, Клајстерс ги поразила поранешната тенисерка број еден во светот, Динара Сафина, Кристина Мекхејл и Флавија Пенета без да изгуби сет за да стигне до полуфиналето. Во полуфиналето Клајстерс водела 2-1 кога нејзината противничка Ана Ивановиќ морала да се повлече поради повреда. Во финалето се соочила со 10-тата носителка на група, Марија Шарапова. Го изгубила првиот сет, а во вториот сет губела 5-3. Успеала да спаси три меч топки на нејзин сервис пред дождот да го прекине натпреварот. Кога се вратиле на теренот, Клајстерс го освоила тајбрекот на вториот сет, иако губела 0-3, а потоа ја однела и победата (2-6, 7-6(4), 6-2). Ова била нејзината 38-ма титула во поединечна конкуренција во нејзината кариера и ја искачила на четвртото место на светската ранг-листа.
Клајстерс го играла последниот натпревар од серијата на Отвореното тениско првенство на САД во Монтреал на купот Роџерс во 2010 година, каде што била петта носителка на група. Стигнала до четвртфиналето и изгубила од Вера Звонарева во три сета. Во почетниот круг ја поразила Бетани Матек Сендс откако губела 6-4, 4-1.
Потоа Клајстерс се натпреварувала на Отвореното тениско првенство на САД во 2010 година каде што била втора носителка на група. Стигнала до четвртфиналето без да изгуби сет поразувајќи ги Грета Арн, Сали Пирс, Петра Квитова и Ана Ивановиќ. Во четвртфиналето го освоила третиот сет 6-3 и ја победила петтата носителка на група, Саманта Стосур, за да стигне до полуфиналето. Таму се соочила со венус Вилијамс и освојувајќи го мечот во последниот сет, ја продолжила низата на 20 освоени мечеви на Отвореното тениско првенство на САД. Се изедначила со Венус и со Моника Селеш, но била на второто место по Крис Еверт која имала 31 освоен меч од 1975 година до 1979 година. Во финалето, Клајстерс се соочила со седмата носителка на група, Вера Звонарева и тоа бил реванш на мечот од четвртфиналето на Вимблдон. Клајстерс победила губејќи само три гема и ја одбранила нејзината титула на Отвореното тениско првенство на САД, освојувајќи ја по третпат. Тоа била нејзината втора титула како мајка, една помалку во споредба со рекордот во ерата на отворените првенства поставен од Маргарет Корт. Клајстерс ја продолжила низата на 21 освоен меч на Отвореното тениско првенство на САД. Освојувајќи 2,2 милиони долари го повторила нејзиниот рекорд од 2005 година за најголема исплата во историјата на женските спортови. Поради повредите Клајстерс не играла до ВТА Првенството. На првенството кој се игра на крајот од годината, стигнала до финалето откако ги поразила Јанковиќ и Азаренка за да се квалификува за полуфиналето. Клајстерс го изгубила нејзиниот последен меч од групната фаза од Звонарева. Во полуфиналето ја поразила Стосур без да изгуби сет, откако преживеала сообраќајна несреќа на пат кон мечот. Во мечот на првенството, Клајстерс се соочила со тенисерката број еден во светот, Каролина Возњацки и тоа било реванш на мечот од финалето на Отвореното тениско првенство на САД во 2009 година. Клајстерс ја завршила годината на третото место на светската ранг-листа, откако ја совладала Данката во три сета освојувајќи го нејзиното трето првенство и петта титула таа година. Последниот меч во 2010 година бил повторување на мечот кој требало да се одигра на натпреварот „Најдоброто од Белгија‟, меч против Жастин Анин. Мечот се одиграл на игрите Дајмонд пред белгијска публика. Клајстерс била победник на мечот освојувајќи го тајбрекот со 10-5.
За нејзините постигнувања за време на сезоната, Клајстерс ја добила ВТА наградата за тенисерка на годината по вторпат (првата награда била во 2005 година) и била првата тенисерка која ја освоила оваа награда една година откако ја освоила наградата за тенисерка која се вратила.
Првиот натпреварувачки турнир на годината Клајстерс го одиграла во Сиднеј во Австралија, меѓународниот турнир Медибанк. Во првиот круг ја совладала Александра Дулгеру во два сета, 6-1, 6-2.Потоа ги победила Барбора Захвалова-Стрицова, Викторија Азаренка и Алиса Клејбанова за да стигне до финалето каде што била поразена од тенисерката број 11 во светот, Ли На од Кина, со 7-6(3), 6-3 иако водела 5-0 во првиот сет.
Клајстерс ја започнала нејзината силна кампања на Отвореното тениско првенство на Австралија во 2011 година на турнирот Мелбурн Парк каде како фаворитка извојувала убедлива победа од 6-0, 6-0 над поранешната тенисерка број еден во светот, Динара Сафина, во првиот круг. Тоа било првпат во тениската ера на отворени првенства, поранешна број еденда добие „двоен ѓеврек‟ пораз во Грен Слем турнир.Потоа Клајстерс ја поразила Карла Суарез Наваро со 6-1, 6-3 и Ализе Корне со 7-6(3), 6-2. Во четвртфиналето продолжила да напредува без да изгуби сет поразувајќи ја 12-тата носителка на група, Агњеска Радвањска, со 6-3, 7-6(4).
Со леснотија ја поразила тенисерката број два во светот, Вера Звонарева, со 6-3, 6-3, обезбедувајќи си го второто место на светската ранг-листа кое било нејзиното највисоко рангирање по нејзиното враќање на турнејата. Клајстерс го освоила Отвореното тениско првенство на Австралија во 2011 година во поединечна конкуренција, совладувајќи ја Ли На со 3-6, 6-3, 6-3. Тоа била нејзината прва поголема победа по онаа во САД и вкупно четврта. Клајстерс емотивно изјавила дека конечно ја заслужила титулата „Ози Ким‟.
Клајстерс наредно играла на затворениот турнир во Париз. Откако ја поразила Јелена Докиќ во четвртфиналето, Клајстерс се вратила на врцот на ВТА ранг-листата, првпат во периодот од речиси пет години, преземајќи ѝ го местото на Каролина Возњацки. На крајот, Клајстерс стигнала до финалето на натпреварот, но била поразена од третата носителка на група, Петра Квитова, без да освои сет со 6-4, 6-3.
Нареден турнир бил мастерсот Индијан Велс во Калифорнија каде што била втора носителка на група. Откако била ослободена во првиот круг, се соочила со Ана Кудравцева од Русија и со леснотија ја победила со 6-2, 6-0. Во третиот круг ја поразила Италијанката Сара Ерани во три сета со 6-3, 2-6, 6-4. Ким морала да се повлече од нејзиниот нареден меч против Марион Бартоли на 6-3, 1-3 поради повреда на рамото.
Клајстерс е шампионката која ја брани титулата во Мајами и била втората носителка на група. Откако ги поразила Анастасија Јакимова со 6-1, 6-2 и Марија Хосе Мартинес Санчес со 6-4, 4-6, 6-3 во вториот и третиот круг, во четвртиот круга ја победила Ана Ивановиќ со 7-6(4), 3-6, 7-6(5) откако губела 1-5 0-40 во последниот сет. Изгубила во четвртфиналето од Викторија Азаренка без да добие сет со 6-3, 6-3.
На 21април 2011 година била на 16-тото место на списокот на највлијателни луѓе (Time Top 100) и била првата спортистка на листата од 2011 година. За изборот придонеле нејзиниот спортски дух, учествувањето во добротворни акции, успехот како мајка комбиниран со нејзиниот однос.
Клајстерс се здобила со повреда на глуждот од ногата додека танцувала на свадба и пропуштила голем дел од сезоната на земја пред Отвореното тениско првенство на Франција во 2011 година. Клајстерс била втора носителка на група на ждрепката на Ролан Гарос. Била поразена од Аранткса Рус во вториот круг со 3-6, 7-5, 6-1 откако водела 6-3, 5-2 и имала две меч топки.
• Од 1992 година до 1996 година: Барт Ван Керков
• Од 1996 година до 2002 година: Карл Маес
• Од 2002 година до 2005 година: Марк Деху
• Од 2009 година до сега: Вим Фисет
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.