From Wikipedia, the free encyclopedia
Еловиот свиркач (науч. Phylloscopus collybita) е мала врапчевидна птица што се размножува низ отворените шумски предели на северна и умерена Европа и Азија. Taa e птица преселница што зимува во јужните и западните делови на Европа и Азија. Зеленокафеавкава одозгора и светла одоздола, оваа птица има многу подвидови кои сега веќе се сметаат за посебни видови. Еловиот свиркач го има во Македонија.
Елов свиркач | |
---|---|
Одмор за време на преселба ⓘ | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Phylloscopidae |
Род: | Phylloscopus |
Вид: | Елов свиркач |
Научен назив | |
Phylloscopus collybita (Vieillot, 1817) | |
1. Размножување; само лето 2. Размножување; мал број и зимуваат 3. Размножување; и постојани жители во зима 4. Зимување без размножување 5. Локализирано зимско престојување |
Во англискиот јазик, оваа птица се вика Common Chiffchaff (обично џивџи) и името ѝ е ономатопејско, имитирање на звукот џив-џив кој птицата го испушта.[5] Слични имиња за оваа птица има и во другите европски јазици, како на пример, во данскиот Tjiftjaf, германскиот Zilpzalp и велшкиот siff-saff. Биномниот назив Phylloscopus потекнува од грчкиот јазик phyllon/φυλλον, „лист“, и skopeo/σκοπεω, „личи на“ или „да се види“.[6]
Еловиот свиркач е мал, кус и набиен, долг 10–12 сантиметри. Мажјакот тежи 7–8 грама, а женката 6–7. Возрасните единки од подвидот P. c. collybita напролет имаат прости кафенозеленкави горни делови, и белкави долни делови кои стануваат жолтеникави на краевите. Има темни нозе, темен, елегантен клун и кратки пердуви за летање. Со текот на времето, кога перјето се троши, станува безживотно и покафеаво, но по сезоната на размножување, се случува целосно митарење и обновување на перјето пред преселбата.[4] Младенчињата се покафеави одозгора од возрасните, со жолтобели долни делови, но се митарат околу 10 недели по добивањето на првото перје. По митарењето, и младенчињата и возрасните добиваат посјајни и зеленкави горни пердуви со појасна и светла линија над окото.[4]
Еловиот свиркач се огласува со едноставна препознатлива песна хвит-хвит која е една од првите што ќе ја слишнеме кога ќе дојде пролетта.[7]
Еловиот свиркач е распространет во Европа и Азија, на исток до источен Сибир и на север до околу 70° N, со изолирани популации во северозападна Африка, северна и западна Турција и северозападниот дел на Иран.[4] Taa e птица преселница, но е една од првите врапчевидни птици што се враќаат напролет и заминуваат најдоцна наесен.[7] За размножување користи отворени шумски предели со поголеми дрвја и покриена земја со разни растенија. Гнездото го прави на барем 5 метри високо дрво.[4] Во зима, живеалиштето е различно и не е толку зависно од високи дрвја, често може да биде и крај вода. Има тенденција да зимува во западна Европа и северниот дел на традиционалните области, особено во јужните крајбрежни делови на Англија и благите урбани делови на Лондон.[4]
Мажјакот е многу територијален за време на сезоната на парење, со точно определена територија од 20 метри во пречник, која жестоко ја брани од другите мажјаци. И други, помали птици, исто така, може да бидат нападнати. Мажјакот е бестрашен, па напаѓа дури и грабливци како хермелинот ако се приближи до гнездото, или крадците на јајца, како сојката, на пример.[4] Своето пеење мажјакот повеќе го користи за означување на територијата, за размножување и привлекување на женката, отколку за заштита на гнездото.[8] Освен основната заштитена територија, овие птици користат поширока територија за исхрана, десетпати поголема. Се верува дека женките имаат поширока ваква територија.[4] По размножувањето, птиците ја напуштаат територијата и може да се придружат во мало јато, па и со други слични видови, кога се подготвуваат за преселба.
Мажјаците од овој вид птици се враќаат на територијата за размножување 2-3 недели пред женките и веднаш почнуваат со пеењето да ја означуваат својата територија и да ги привлекуваат женките. Кога ќе ја забележи женката, мажјакот изведува бавен лет, сличен на пеперуга, како дел од ритуалот за додворување. Но откако ќе се спари, другите женки ќе ги брка од својата територија. Мажјакот има мала улога во гнездењето, освен одбраната на територијата.[4] Женката го гради гнездото на или во близина на земјата, прикриено во трње, коприви или друга густа, ниска вегетација. Гнездото во вид на могила е изградено од груб растителен материјал и има влез од страна, а внатре е послано со помеки материјали и пердувчиња. Типичното гнездо е 12,5 сантиметри високо и 11 сантиметри во пречник.[4]
Женката несе 2-7 (обично 5-6) кремави јајца со ситни виолетови или црни точки со големина 1.5 х 1.2 сантиметри. Ги инкубира 13–14 дена, а потоа се испилуваат голи, слепи и немоќни пиленца.[4] Женката ги чува и храни уште 14–15 дена додека не добијат пердуви. Мажјакот ретко учествува во хранењето, иако тоа се случува ако се лоши временските услови за пронаоѓање инсекти, или, пак, ако женката исчезне. Откако ќе се здобијат со перје, младенчињата остануваат во близина на гнездото уште 3-4 недели сè уште чувани и хранети од мајката, но овие активности се намалуваат по првите 14 дена. Во северните делови на распространетоста на овој вид, се одгледува по едно легло заради краткотрајноста на летото, но во појужните краеви најчесто имаат по две легла годишно.[4]
Иако паровите остануваат заедно за време на сезоната на парење и полигамијата не им е својствена, сепак, и кога мажјакот и женката заедно ќе се вратат на територијата за размножување следната година, тие не се верни еден на друг и секој повторно си бара нов партнер.
Еловиот свиркач се храни со инсекти неуморно летајќи и само кратко лебдејќи. Главно се храни со разни видови муви, други мали и средни безрбетници, ларви, пеперуги и молци.[4] Се проценува дека свиркачот дневно јаде инсекти во тежина од 1/3 од неговата, а наесен особено, кога треба да складира масти за долгата преселба.[4]
Како и кај повеќето мали птици, смртноста во првата година од животот е висока, а рекордот на старост е повеќе од седум години. Јајцата, пилињата и младенчињата на овој вид што гнезди на земја ги напаѓаат ласиците и сојките, а возрасните се ловени од страна на птиците грабливки. Малите птици, исто така, се на милост и немилост на времето, особено при преселбата, но, и во другиот период.[4]
Еловиот свиркач има огромна распространетост на 10 милиони квадратни километри и популација од 60 до 120 милиони само во Европа. Нема намалување на популацијата од 30% во последните 10 години или три генерации, поради што не спаѓа во птиците чиј статус е загрозен. Затоа во Црвениот список на МСЗП се третира како вид со најмала загриженост.[1]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.