From Wikipedia, the free encyclopedia
Династија Танг или династија Тан ( кинески: 唐朝 , 18 јуни 618 — 4 јуни 907 година ) била кинеска империјална династија која ја наследила династијата Суи и по која Кина влегла во периодот на Пет династии и Десет кралства. Основана е од семејството Ли (李), кое дошло на власт за време на зенитот и распадот на империја Суи. Династијата била делумно прекината за време на Втората династија Џоу (16 септември 690 - 3 март 705 година) кога царицата Ву Цетијан го презела тронот, станувајќи единствената кинеска царица што владеела независно.
Династијата Танг се смета за врв на кинеската цивилизација и златното доба на космополитската кинеска култура. За време на династијата Танг, во бројните воени походи на раните владетели, територијата на Кина пораснала повеќе отколку за време на династијата Хан, а населението надминало 50 милиони жители.
Династијата Танг со главен град во Чанган (денешен Ксиан), најнаселен град во светот во тоа време, е општо прифатена како највисока точка во развојот на кинеската цивилизација, еднаква (или уште поважна) од претходната династија Хан — златното доба на урбаната култура. Нејзината територија, стекната за време на војните на нејзините рани владетели, била поголема од онаа на династијата Хан и била еднаква на територијата на подоцнежните династии Јуен и Чјинг. Во два пописи во 7 и 8 век, во Танг записите се проценувало дека населението (според бројот на регистрирани домаќинства) било околу 50 милиони луѓе.[1] [2] [3] Дури и кога централната власт постепено ослабнала во текот на 9 век и не можела да направи точен попис, тие сепак процениле дека населението дотогаш пораснало на приближно 80 милиони луѓе. [4] [5]
Благодарение на толку големото население, династијата можела да собере професионална и да регрутира војска од стотици илјади војници за да се натпреварува со номадските народи за доминација над Централна Азија и за профитабилните трговски патишта долж Патот на свилата. Многу држави и кралства му оддавале почит на дворот Танг, а Танг исто така освоил неколку провинции кои индиректно биле управувани преку протекторатскиот систем. Освен политичкото, династијата Танг имала силно културно влијание и врз соседните земји како што се оние во областа на денешна Кореја, Јапонија и Виетнам.
Династијата Танг била период на напредок и стабилност, освен за време на бунтот Ан Лушан и за време на слабеењето на централната власт во втората половина на владеењето на династијата. Како и претходната династија Суи, династијата Танг имала систем на државна служба кој регрутирала службеници врз основа на стандардизирани испитувања и препораки за служба. Овој општествен поредок бил нарушен со зајакнувањето на провинциските воени гувернери наречени ѕедуши во текот на 9 век. Кинеската култура цветала и дозревала за време на владеењето на династијата Танг, а тој период се смета за врв во кинеската поезија.[6] На овој период му припаѓаат двајцата најпознати кинески поети: Ту Фу и Ли Бај, како и многу познати сликари: Хан Ган, Џанг Ксуан и Џоу Фанг. Многу литературни и научни дела, енциклопедии и атласи создадени за време на династијата Танг заземаат важно место во развојот на кинеската литература.[7]
Многу важни пронајдоци датираат од овој период, вклучително и развојот на печатење со помош на дрвени печатарски модели. Будизмот имал значително влијание врз кинеската култура од тој период и разни кинески секти добиле значење. Будистите подоцна ќе бидат прогонувани од државата и тоа влијание значително ќе се намали. Иако династијата и централната власт ослабнале во текот на 9 век, уметноста и културата продолжиле да цветаат. Ослабената централна власт во голема мера се повлекла од управувањето со економијата, но и покрај тоа, трговијата и производството останале главно недопрени, па дури и напредувале.
Династијата Танг била основана од семејството Ли, кое ја презело власта за време на падот на династијата Суи, која пропаднала делумно поради товарот наметнат од јавните работи како што е градењето на Големиот канал, а делумно поради скапите воени обиди да се освои територијата на денешна Северна Кореја.
На почетокот во време на бројни бунтови, династијата Танг успеала да создаде силна централизирана империја со ефективен систем на управување. Нејзиното владеење било поддржано од Царскиот систем за испитување, чија задача била да избере образовани граѓани кои ќе и служат на државната администрација. Системот се одржал до почетокот на 20 век.
По почетното внатрешно зајакнување, династијата Танг почнала да се шири надвор од своите граници. До 660-тите години, армијата на династијата Танг интервенирала во Индија, ги окупирала Тарим и Џунгарија и накратко воспоставила протекторати во Тухаристан, Согдијана и Фергана. Околу 660 г. кинеската империја имала најголема површина сé до 18 век. Кинеската култура и системот на владеење се ширеле паралелно со воените освојувања, и на тој начин е воспоставено кинеско културно единство на Далечниот Исток, кое се одржало долго по падот на династијата Танг.
Империјата била поврзана со мрежа на поштенски патишта, додека транспортот помеѓу долината Јангце и северот кој брзо се развивал бил олеснет со ефикасен систем на канали и водни патишта. Патната мрежа била ориентирана кон главниот град Чанган, кој останал политички и стратешки центар на империјата. Сепак, економските центри се наоѓале во северните рамнини околу долниот тек на Јангце. Најголем дел од трговијата на Патот на свилата ја воделе Кинезите и номадските народи од Централна Азија.
Во 8 век, како резултат на економскиот развој, дошло до значително зголемување на бројот на населението.
Религиозната и филозофската идеологија на будизмот станале составен дел од кинеската култура, но никогаш не ги потиснале оригиналните кинески верувања, па во 9-ти век, владата го протерала будизмот и неговото влијание ослабело. И покрај надолната траекторија на династијата Танг, уметноста и културата ќе продолжат да се развиваат. Двајца од најпознатите кинески поети потекнуваат од оваа ера, Ту Фу и Ли Бај, како и многу други уметници.
Пишувањето историски дела исто така било во процут, биле создадени енциклопедии, книги за географија и медицина. Имало многу пронајдоци, како што се дрвопис, механизми на часовници, унапредувања во картографијата, па дури и примена на хидраулика за придвижување на вентилаторите .
Пограничниот генерал Ан Лушан подигнал 755 год. бунт што значително ја ослабнала династијата Танг. Во бурните години што следеле, Кина се повлекла од Централна Азија и станала позатворена, делумно поради ширењето на исламот, кој до 8 век дошол во Фергана, а потоа станал доминантен и во Туркестан. Внатрешно, царската моќ ослабела, моќта преминала на провинциите, а многу главни градови прераснале во големи и богати метрополи. Во исто време, се случиле големи движења на населението кон долината на реката Јангце, каде што биле користени нови земјоделски методи. Трговијата цветала и се зголемила мрежата на мали трговски градови.
На крајот на 9 век, големото селско востание речиси ја уништило централната власт на династијата Танг. Кина била поделена на 10 држави со мал остаток од империјата управувана од пет последователни династии (т.н. Период на пет династии и десет кралства). Дури 960 год. земјата била повторно обединета под династијата Сунг .
Преку копнена трговија долж Патот на свилата и поморска трговија со едреници, династијата Танг можела да се здобие со богатство од нови технологии, културни обичаи, ретки луксузни и современи предмети. Од Блискиот Исток, Индија, Персија и Централна Азија, династијата стекнала нови идеи од модата, нови видови керамика и е подобрено ковењето на сребро. [8] Кинезите постепено го усвоиле странскиот концепт на столче и стол за седење, за разлика од претходниот обичај да се седи на душеци раширени на подот. [8] На Блискиот Исток, исламскиот свет ценел и купувал значителни количини кинески стоки како свила, лак и порцелан . [9] Песните, танците и музичките инструменти од странски региони станале популарни во Кина за време на династијата Танг. [9] [10] Овие инструменти вклучувале обоа, флејти и мали лакирани тапани од Куч во Таримската котлина и ударни инструменти од Индија, како што се чинели. [9] Имало девет музички ансамбли на дворот (проширени од седум за време на династијата Суи) кои ја претставувале музиката од цела Азија. [11]
Имало значителен контакт и интерес за Индија како центар на будистичкото знаење, со познати патници и истражувачи како Суанцан (починал во 664 година) кој го посетил јужноазискиот потконтинент. По седумнаесетгодишно патување, Суанцан успеал да врати вредни санскритски текстови за превод на кинески. Имало и туркиско-кинески речник за сериозни научници и студенти, додека туркиските народни песни служеле како инспирација за дел од кинеска поезија.[12] [13] Во внатрешноста на Кина, трговијата била олеснета од Големиот канал и рационализираниот системот на канали, што ги намалило трошоците за транспорт на жито и друга стока. [11] Државата управувала со околу 32.100 километри долги рути на поштенската служба која се одвивала со коњи или бродови. [14]
Иако Патот на свилата од Кина до Запад првично бил формулиран за време на владеењето на императорот Ву (141–87 п.н.е.) за време на династијата Хан, таа била повторно отворена за време на династијата Танг во 639 година кога Хоу Чуњи (починал во 643 година) го освоил Западот и го оставил патот отворен речиси четири децении. Патот бил затворен откако Тибетанците ја зазеле територијата во 678 година, но во 699 година, за време на периодот на императорот Ву, патот на свилата бил повторно отворен кога династијата Танг ги освоила четирите гарнизони на Анксија првично воспоставени во 640 година, [15] кои еднаш ја поврзувале Кина директно со Запад преку копнена трговија.[13]
Династијата Танг го освоила виталниот пат низ долината Гилгит од Тибет во 722 година. Тибетанците повторно го зазеле во 737 година, а Кинезите повторно ја презеле контролата под команда на Гогурјео-корејскиот генерал Гао Цјанџи. [16] Кога бунтот на Ан Лушан завршил во 763 година, царството Танг повторно ја изгубило контролата врз своите западни земји, бидејќи Тибетската империја во голема мера го отсекла директниот пристап на Кина до Патот на свилата. [11] Внатрешен бунт во 848 година го соборил тибетскиот владетел во 851 година, а Танг ги вратила северозападните префектури од Тибет во 851 година. Во овие области се наоѓале пасишта за одгледување коњи кои биле од големо значење за династијата Танг. [11] [10]
Иако многу западни патници доаѓале во Кина да живеат и да тргуваат, многу од нив претежно монаси, оставиле евиденција за строгите гранични закони што ги спроведувале Кинезите. [9] Како што сведочел монахот Сјуенцанг и многу други, по Патот на свилата имало многу кинески гранични премини каде што биле проверувани патните документи за влез во империјата Танг. [9] Освен ова, проблем биле и честите напади на банди кои ги напаѓале и ограбувале патниците.[9]
Патот на свилата влијаел на уметноста на династијата Танг. Коњите станале важен симбол на просперитет и моќ, како и инструмент на воената и дипломатската политика. Коњите се почитувале како сродници на змејовите. [17]
Периодот Танг бил златното доба на кинеската литература и уметност . До денес се зачувани над 48.900 песни напишани од околу 2.200 автори. [8] Уметноста на поетско творештво станало задолжителен предмет за оние кои сакале да ги положат империјалните испити, [11] а поетските натпревари меѓу гостите на благороднички банкети и меѓу дворјаните биле вообичаени. [11]
Во овој период биле објавени големи енциклопедии .
Истакнатиот статус на будизмот во кинеската култура почнал да опаѓа бидејќи династијата и централната власт го изгубиле влијанието во доцниот 8-ми век до 9 век. Будистичките манастири и храмови кои претходно биле ослободени од државни даноци станале цел на државата за оданочување. Во текот на 845 год. царот Вузонг од Танг затворил 4.600 будистички манастири заедно со 40.000 храмови и светилишта, принудувајќи 260.000 будистички монаси и калуѓерки да се вратат на световниот живот. [9] Оваа серија настани подоцна ќе биде наречена едно од четирите будистички прогонства во Кина. Иако забраната била укината само неколку години подоцна, будизмот никогаш не го повратил својот претходно доминантен статус во кинеската култура. [9]
Повеќе од претходните периоди, ерата на Танг била позната по времето резервирано за слободни активности, особено меѓу повисоките класи. [11] Луѓето во овој период играле многу спортови и вежбале активности на отворено, вклучувајќи стрелаштво,[11] лов,[11] поло, [11] цују (фудбал),[11] борби со петли,[11] па дури и влечење јаже. [11] Државните службеници имале годишен одмор. Службениците добивале 30 слободни денови на секои три години, за да ги посетат родителите ако живееле на 1.600 километри или 15 слободни дена ако родителите живееле повеќе од 269 километри (не било вклучено времето на патување). [11] Службениците добивале девет слободни дена за венчавка на син или ќерка и пет, три или еден слободен ден за свадбата на близок роднина (времето на патување не било вклучено). [11] Службениците добивале вкупно три слободни дена за церемонија на иницијација на нивниот син (според церемонијата тој станувал маж ) и еден слободен ден за церемонијата на иницијација на син на близок роднина. [11]
Коњичкиот спорт поло од Персија, станал многу популарен тренд меѓу кинеската елита, а жените често учествувале во спортот (како што е прикажано на глазираните фигурини од глинени садови од тој период). [8]
Традиционалните кинески празници како што се кинеската нова година, фестивалот на фенери, фестивалот на ладна храна и други празници биле универзално прославувани. Во главниот град Чанган за време на прославите, особено при фестивалот на фенерите се славело по цела ноќ бидејќи владата го укинувала ноќниот полициски час во градот дури и три дена по ред. [11] Помеѓу 628 и 758 година царскиот престол организирал шеесет и девет големи карневали низ целата земја, кои императорот ги одпбрувал и биле во чест на важни воени победи, изобилни жетви по долги суши или глад, давање амнестија или во случај на војна на нов престолонаследник. [11] За посебни прослави во ерата на Танг, се подготвувале големи раскошни гозби. [11] Такви познати прослави биле: гозба за 1.100-те чангански старешини во 664 година, прслава што се одржала за 3.500 офицери во 768 година и празник организиран во 826 година за 1.200 членови на царското семејство и жените кои живееле во палатата. [11] Консумацијата на алкохол била истакнат аспект на кинеската култура; луѓето пиеле за речиси секој социјален настан за време на Танг. [11]
Концептот за правата на жените и нивниот социјален статус бил исклучително либерален за тоа време. Сепак, ова било главно резервирано за урбаните жени со елитен статус.
Облеката била изработена од свила, волна или лен во зависност од социјалниот статус и она што може да си го дозволи поединецот. Освен тоа, имало закони кои одредувале каква облека може да носи некој. Бојата на облеката исто така означувала ранг. Во овој период, моќта, културата, економијата и влијанието на Кина напредувале. Како резултат на тоа, жените можеле да си дозволат да носат широки фустани со широки ракави. Дури и женските фустани од пониската класа имале ракави широки од 120 до 150 сантиметри. [18]
За време на претходните северни и јужни династии (420–589), а можеби и порано, пиењето чај станало популарно во јужна Кина. Во тоа време, чајот се сметал за вкусен пијалок со здравствен бенефит. [8] За време на династијата Танг, чајот станал синоним за сè што е софистицирано во општеството. Поетот Лу Тонг (790–835год.) го посветил најголемиот дел од својата поезија на љубовта кон чајот. Писателот Лу Ју од 8 век, напишал дури и тракт за уметноста на пиење чај, наречена Класика на чајот. [8] Иако хартијата за завиткување се користела во Кина од 2 век п.н.е., [19] за време на династијата Танг, Кинезите користеле хартија за завиткување за да го задржат и сочуваат вкусот на листовите од чајот. [19] Во 589 година била забележана употреба на тоалетна хартија направена од научникот-службеник Јан Зхтуи (531–591), [19] што било потврдено во 851 година од арапски патник кој забележал дека Кинезите не се чисти бидејќи користеле тоалетна хартија наместо да се мијат со вода. [19]
Од тргување со странство, Кинезите набавувале праски од Самарканд, урми, ф'стаци и смокви од Голем Иран, пињоли и корени од женшен од Кореја и манго од Југоисточна Азија . [11] Имало голема побарувачка за шеќер во Кина; за време на владеењето на Харша во Северна Индија ( 606–647год.) индиските пратеници донеле двајца производители на шеќер кај Кинезите кои успешно ги научиле како да одгледуваат шеќерна трска. [16] Памукот исто така пристигнал од Индија како готов производ од Бенгал, иако за време на династијата Танг Кинезите почнале да одгледуваат и обработуваат памук, дури од династијата Јуан памукот станал главна текстилна ткаенина во Кина. [14]
Некои јадења биле забранети, бидејќи судот на Танг ги охрабрувал луѓето да не јадат говедско месо. Тоа било затоа што бикот бил вреднуван како работно животно. Од 831 до 833 год. императорот Вензонг од Танг дури го забранил колењето говеда врз основа на религиозни верувања кои потекнувале од будизмот. [11]
Методите на зачувување на храна биле важни и се практикувале низ Кина. Обичните луѓе користеле едноставни методи на конзервирање, како што се копање длабоки ровови и јами за солење храна. [11] Царот имал големи ледени јами, додека богатите и елитата имале свои помали ледени јами. Секоја година императорот барал работници да сечат 1000 блокови мраз од замрзнатите потоци во планинските долини, од кои секој блок бил со димензии речиси 1 метар на 11 метри. Во текот на летото се уживало во замрзнати деликатеси како што се разладени дињи. [11]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.