Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Димитар Мирчев — македонски универзитетски професор, Професор Емеритус по политички науки, редовен член на Европската академија на науки и уметности, Салцбург, Австрија, во Оделот за општествени науки, право и економија.
Димитар Мирчев | |
---|---|
Димитар Мирчев | |
Роден(а) | 31 март 1942
Сливен, Бугарија |
Починал(а) | 24 јули 2016
Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Полиња | Општествени науки, социологија, политикологија |
Установи | Филозофски факултет - Скопје - Институт за социологија и Институт за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ |
Образование | Правен факултет во Белград, Факултет за општествени науки во Љубљана |
Теза | „„Критика на граѓанските теории на партиципацијата”“ (1977) |
Познат по | „Балканскиот мегаетникум. Националните доктрини на македонските соседи“ |
Поважни награди | Награда „Св. Климент Охридски“ Награда „11 Октомври“ Награда „13 Ноември“ |
Роден е во Сливен во 1942 година. Основно и средно образование завршил во Скопје а високо во Белград, на Правниот факултет (Управно-политичка насока), во септември 1965. Специјализирал методологија на општествени науки на Универзитетот во Брадфорд, Велика Британија, 1969-1971 г. Магистрирал 1971 г. во Скопје, на политички науки, на тема „Изборниот процес во Англосаксонските земји“. Докторирал во јануари 1977 г., на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Љубљана, на тема од политички науки, „Критика на граѓанските теории на партиципацијата“. Во 2003-2004 г. бил на пост-докторски претстој на Школата за јавни работи и меѓународни односи на Универзитетот во Питсбург, САД. Поради „либерални девијации“ во 1974 година бил казнет со последна партиска опомена пред исклучување од СКМ, а казната му била симната по негово барање во 1982 година[1]. Извршувал важни функции во политичкиот живот на Македонија. Во периодот 1991-1993 бил специјален пратеник на Претседателот на РМ во процесот на меѓународното признавање на независноста на Македонија, а до 1999 година бил вонреден и ополномоштен амбасадор на Македонија во Словенија, акредитиран како нерезидентен и во Ватикан[1]. Бил основач на Младата демократска странка на Македонија (1990); основач на Македонскиот совет на Европското движење на Македонија (1993-); еден од обновувачите и член на Либералната партија на Македонија (2000-2002)[1].
Научната кариера ја започнал како асистент на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје, 1967 г., каде подоцна е избиран за научен соработник и научен советник. На интердисциплинарните студии по новинарство, на Правниот факултет во Скопје е наставник од 1983 до 1986 г. Од 1990 г. е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје и во еден мандат- раководител на Институтот за социологија. Во 1992-3 е проректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во периодот 2010-2012 г. бил декан на Факултетот за политички науки на Универзитетот ФОН во Скопје. Наставник е на Дипломатската академија на МНР во Скопје. Редовен професор и ментор е на студиите на Европскиот центар за мир и развој на ООН во Белград. Предавал со свои тематски циклуси на универзитетите во Љубљана, Питсбург, Загреб, Сараево, Валенција. Бил ментор на 55 магистри и доктори на науки.
Добитник е на највисоките награди за придонес на науката и образованието во Република Македонија: Св. Климент Охридски, 2006 г., „11 октомври“, 2012 г. и „13 ноември“, 2015 г. Во 1998 г. Светиот отец, Папата Јован Павле II го прогласи за Витез на Големиот крст на Св. Грегориј Велики а за неговиот придонес за дипломатијата, мирот и разбирањето меѓу народите. Во јавната и дипломатска кариера- бил член на Уставната комисија на Собранието на РМ, 1991-2 г. и на работната група која го подготви Нацрт- уставот на РМ од 1991 г., посебен пратеник на Претседателот на Републиката за надворешни мисии 1991-1993 г. и прв македонски амбасадор во светот ( Словенија и Ватикан ), 1993-1999 г. Сега е член на Советот за меѓународни односи на Претседателот на РМ и член на Националниот совет за евро-интеграции на Собранието на РМ, како и член на Националната комисија за соработка со УНЕСКО. Основач е и Почесен претседател на Европското движење во Македонија како и Претседател на Македонското политолошко друштво.
Објавил околу 200 научни трудови, универзитетски учебници, монографии, есеи и истражувачки извештаи, во земјата и во странство, на англиски, словенечки, хрватски, српски. Последниве години објавил повеќе монографии, студии и учебници, а на повеќе јазици е објавена неговата Тетралогија „Македониум“:
(The Balkan Mega-Ethnos. National Doctrines of Macedonia’s Neighbours. Toronto, Canada: Risto Stefov Publications. 2015. Pp. 355
Balkanski mega-ethnikum. Nacionalne doktrine makedonskih sosed. Ljubljana: Univerza v Ljubljani, Fakulteta za druzbene vede, 2015. Str. 220
Balkanski megaetnikum. Nacionalne doktrine makedonskih suseda. Beograd: UN/ECPD. 2015 , str. 240)
Проф. д-р Димитар Мирчев се смета за еден од водачите на ткн. Македонска либерална пролет. Како учесник во студентските настани 1968 и подоцна како застапник на идеи за демократизација на СКМ и општеството, бил сменет од партиските должности. Оневозможено му е какво и да е истражување, јавно публикување, настапи, настава итн. Од тие причини докторира во Љубљана а од 1983 г. преоѓа на работа во Љубљана, во Југословенскиот центар за теорија и практика на самоуправувањето „Едвард Кардељ“ каде ја води научно-истражувачката и меѓународна дејност. ЦК СКМ оневозможува да стане директор на тој центар.
Во 1990 г., се враќа во Македонија каде активно се вклучува во процесот на осамостојување, независност и плурализација. Како член на Уставната комисија на Собранието на РМ, учествува во изработката на Уставот на Македонија од 1991 г. како и на Декларацијата за сувереност и независност на РМ. Обавува дипломатски мисии и активности во странство како пратеник на првиот претседател на РМ, К. Глигоров. Во јуни 1993 г. е именуван и ја презема должноста на прв амбасадор на РМ во Словенија, а од 1995 г. и во Светиот престол- Ватикан. Во 1998 година одликуван е од Неговата светост, папата Јован Павле II со витештво на Големиот крст на Св. Грегориј Велики а за заслуги во дипломатијата, мирот и разбирањето меѓу народите.
Како универзитетски професор и научен работник, објавил над 180 трудови, универзитетски учебници, студии, монографии и статии, добар дел од нив во странство. Предавал на универзитетите во Скопје, Љубљана, Загреб, Сараево, Валенција, Питсбург. Денес е член на Советот за меѓународни односи на Претседателот на РМ, член на Националниот совет за евро-интеграции на Собранието на РМ и член на Националната комисија за соработка со УНЕСКО.
( Проф. д-р. Виолета Ачкоска. 2011. Лекции од историјата на современата македонска држава, 1944-1991. Скопје: Филозофски факултет на УКИМ, стр. 198)
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.