From Wikipedia, the free encyclopedia
Гулабот гривнеж (науч. Columba palumbus) е птица од семејството на гулабите која ја има и во Македонија.
Гулаб гривнеж | |
---|---|
ⓘ | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Гулабовидни |
Семејство: | Гулаби |
Род: | Columba |
Вид: | Гулаб гривнеж |
Научен назив | |
Columba palumbus Linnaeus, 1758 | |
Во северните и источните постудени делови на Европа и западна Азија, гулабот гривнеж е птица преселница, но во јужна и западна Европа е постојан жител.
Трите западноевропски гулаби од родот Columba , гривнежот, планинскиот и дивиот гулаб, се многу слични, но имаат свои разликувачки одлики. Гулабот гривнеж е карактеристичен со својата големина од 38-44.5 см и тежина 300-615 грама, како и со белото на вратот и крилјата.[2] Инаку, во основа е сива птица со портокаловести гради. Има распон на крилјата од 68 до 80 см, опашката му е долга 13.8-15 см, а клунот 1,9 до 2,2 см.[3] Младенчињата немаат бели дамки од страните на вратот, дури на 6-месечна возраст почнуваат да се појавуваат мали бели дамки кои постепено се зголемуваат додека птицата целосно да се оформи на 8-месечна возраст. Тие имаат посив клун од возрасните и целосно делуваат посветло сиви.
Летот на гулабот гривнеж е брз, изведуван со обични замавнувања на крилјата и повремено остро плескање, карактеристично за сите гулаби. Слетува со гласно клепање. Стои на високи гранки и кабли, а кога се додворува оди по хоризонталната гранка испрчувајќи го вратот, со крилјата малку спуштени надолу и подраширена опашка. За време на додворувачкиот лет, птицата се вивнува нагоре со удари на крилјата како камшик, и се спушта надолу со укочени крилја. Звукот на камшикување повеќе го произведува кога ги шири крилјата, отколку кога ги собира. Оваа птица е дружењубива и формира големи јата вон сезоната на парење.
Се размножуваат на дрвјата од шумите, парковите, градините и несат 2 бели јајца, во едноставно право гнездо, а пилињата се изведуваат по 17 до 19 дена. Се чини дека претпочитаат гнездото да се наоѓа близу патишта и реки. Гнездата се ранливи на напади, особено од гаврани и повеќе порано во годината кога крошните со лисја не се дооформени. Малечките почнуваат да летаат по 33-34 дена, а ако гнездото е вознемирувано некои младенчиња се во состојба да преживеат и ако го напуштат по 20 дена.
Поголемиот дел од исхраната е зеленчук, округли, месести листови од каранфили, главоцветни растенија и мешункаст зеленчук, земени од отворени полиња или градини и тревници; фаворизира млади ’ркулци и саден материјал, жито, борови семиња, некои овошја и бобинки. Наесен, јадат смокви и желади, а зиме пупките од дрвјата и грмушките. Тие јадат и ларви, мравки и мали црви. Имаат потреба од отворена вода за пиење и за капење во неа. Овој вид може да претставува аргикултурен штетник и често е убиван, а во повеќето европски земји е легален дивеч за лов. Често е присутен во руралните средини и е питом ако не го гонат. Малечките гулапчиња многу брзо стануваат дебели од „млекото“ со кое ги хранат нивните родители. Тоа е екстремно богата, слатка течност која ја произведуваат возрасните птици во својата гуша за време на сезоната на парење.
Огласувањето му е карактеристично гукање.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.