Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
„Господарот на мувите“ (англиски: Lord of the flies) — роман на британскиот писател Вилијам Голдинг од 1954 година. Авторот им го посветил романот на своите родители.[1]
Според зборовите на Голдинг, „идејата за романот настана од непосредното набљудување на децата. Децата се лоши, сурови, порочни, гнасни, неспособни да живеат заедно. Но таа тлееше во мене од порано, зашто никогаш не можев да ги заборавам лицемерните и морално образовни книги за деца во кои децата секогаш се весели, добри, убави, снаодливи, послушни и мирни... Но, тоа не е точно. Децата не се добри, тие се немилосрдни. Сметам дека и причините за војната треба да се бараат во природата на децата. Војните не се водат затоа што нациите се лоши, туку затоа што луѓето се лоши. Тоа се обидов да го кажам на крајот од романот, кога... малиот Ралф, кој ја избегна смртта, плаче за губењето на невиноста, затоа што ги откри најтемните стравотии на човечкото срце...“ Непосреден извор на инспирација за „надворешната поставеност“ на „Господарот на мувите“ претставува романот „Коралниот остров“ (The Coral Island, 1858) на Р. М. Белентејн во кој децата се храбри, снаодливи и вистински христијани кои спроведуваат ред на островот. Иако во делото на Голдинг децата се анархични и диви, сепак тој не претставува испревртена слика на „Коралнито остров“. Напротив, „Господарот на мувите“ е слоевит роман кој не е политичка или религиозна алегорија, туку сведочи за универзалната вистинитост во човечкото искуство, го нагласува јазот меѓу надворешното и суштинското и дава одговор на прашањето каква е природата на човекот.[13]
Во делото, децата немаат контрола над настаните, туку се пиони на несвесните сили. Во тој процес на дехуманизација настанува постепена но сигурна деперсонализација на личноста и губење на индовидуалноста. На почетокот, Ралф поседува социјален идентитет, британски манири и морал, знаење за доброто и злото. Но подоцна, во чинот на губењето на невиноста неговата одвоена свест претрпува прогресивна деструкција како резултат на дегенерацијата на неговата хуманост и дезинтеграцијата на разумот и совеста. Дехуманизацијата, како резултат на елиминирањето на самосвеста, ги ништи сите деца. Темнината во човекот е ослободена и оправдана со маските, личноста е редуцирана на својто страв и непријателство, и животот станува несвесна сила за борба. И токму во оваа точка се открива она што Голдинг го нарекува човечка дилема, непријателство меѓу разумот и страста, едновременото чувство кога човекот се цени како разумно битие, но истовремено е фасциниран од слободата и од тежината што таа ја наметнува. Во таа смисла, наративната техника на басна му дозволува на Голдинг да даде тематско феноменолошки опис на човековата природа. Според тоа гледиште, човекот е поделен на четири аспекти, остварени низ главните ликови: Џек, Ралф, Пиги и Сајмон кои се претставници на страста, волјата, разумот и совеста. Со помош на овие ликови Голдинг ги открива антагонизмите на човекот. Голдинг верува дека човекот не може да си ја промени својата природа, а ваквиот став е дијаметрално спротивен на хуманистичките определби дека животот може да биде подобар. Тоа го објаснува и неговиот интерес за социјалната компонента на човекот што може да се нарече слепа точка на неговиот сензибилитет. Ралф плаче за темнината во човековата душа и во тој чин Голдинг сепак го афирмира умот како значајна сила која може да направи темнината да добие човечко лице. Во романот, светот е херметички затворен, намерно огрнаичен и нецелосен во кој сите трансформации се случуваат во односите а не во личностите. Раскажувачката постапка е остварена низ очите на децата и низ долгите поетични описи на сцените и таа тече така до самиот крај на романот, кога авторот безмилосно и сурово ја свртува точката на гледањето. Тогаш, тој прави остар рез, отворајќи јаз меѓу она што „во суштина е“ и „она што навидум изгледа“. „Господарот на мувите“ е голема поема за дезинтеграцијата и деструкцијата, поема која пленува со својата физичка присутност и со метафизичките апликации. Според Марк Кинкид Викис и Јон Грегор, „физичките реалности за Голдинг доаѓаат на прво место и треба да останат први и за читателот. Другите значења се наоѓаат во и низ нив...“ Во однос на остварувањето на делото, интересно е да се забележи односот меѓу ликовите и предметите: морето, џунглата и децата делат исти својства; и токму тука Голдинг се потврдува како голем стилист и мајстор на јазикот; стилот му е кристално чист, а зборовите избрани и прецизни со богат поттекст.[14]
Романот е објавен на македонски јазик во 1984 година, како издание на Наша книга во рамките на библиотеката „Нобеловци“. Преводот од англиски јазик го извршила Вера Чаповска, која е авторка и на поговорот, а ликовно-графичкото обликување е дело на Томислав Филипов. Книгата, со обем од 222 страници и димензии од 21 сантиметар, е испечатена во тврд повез во печатницата на НИП „Нова Македонија“, во тираж од две илјади примероци. Нејзиното издавање било финансиски поддржано од Републичката заедница на културата. Таа е каталогизирана во НУБ Климент Охридски“ — Скопје, но без меѓународната ознака ISBN.[15]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.