From Wikipedia, the free encyclopedia
Големата вода — македонски роман на Живко Чинго објавен во 1971 година. Раскажувањето во романот е предадено преку главниот лик Лем Никодиноски. Тој ја доживеал трагичната судбина на многуте деца без родители од повоениот период, кога тие биле оставени на грижата на строгите и сурови воспитувачи од сиропиталиштата.[1]
Автор | Живко Чинго |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | Роман |
Издавач | Македонска книга |
Издадена | 1971 |
Медиум | Печатен |
Страници | 164 |
ISBN | 86-369-0151-0 |
Темата во романот е животот на децата, воени сирачиња, во домот за сираци „Светлост“ веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Насловот на романот е силна метафора за недостижната слобода. Нејзината симболика има хуманистичко и антрополошко значење.[2]
Според истиот роман е направен истоимениот филм во режија на Иво Трајков.
Чинговиот роман „Големата вода“ се искристализирал во своето повеќегодишно настанување. Раскажувачките целини не се резултат на моменталната авторова поетска занесеност, туку резултираат од потребата уметнички и функционално да се раслојат деталите на уметничката визија. Чинго спонтано ја пребродува реалистичката постапка и се упатува кон митско-симболичниот и фантастичниот реализам. Пробивот на микросветот на јунакот станува уметнички посоодветен и пофункционален во стилскиот простор на романот вредносно се остварува обликувањето на импресијата и се доживува јунакот-раскажувач.[3]
Во романот Чинго говори за настани „од еден дом за сирачиња кој се отвора во првата слободна пролет 1946 година“. Описот на проклетите часови минати во домот и иимагинативно осмислениот пат до Сентерлевиот рид, тоа се основните тематски точки во романот. Авторот моќно ја нагласува раскажувачката свест на јунакот Лем, чии раскажувања не се сведени на обично, надворешно набљудување. Низ призмата на јунаковото искуство врши вреднување на настаните од домот и истовремено, во другиот наративен тек, како противтежа на живото/пеколот ја поставува својата уметничка проекција за сонот на Големата вода.[4]
Избраниот набљудувачки агол придонесува за посебност при раскажувањето. Очигледна е авторовата намера да ги обликува неповолните околности и животни премрежија во согласност со системот на насилство што предизвикува животот да биде сфатен како проклетство. Раскажувачот недвосмислено ги разграничува доброто од злото, тешкотијата од слободата. Сцените се поетски осмислени, нема строга одвоеност помеѓу реалното и фантастичното. Исказите се субјективизирани, а особено е нагласен детскиот невин поглед врз животот.
Во натамошниот тек од раскажувањето, Лем своето внимание го насочува кон Исак Кејтен, другар од стројот. Кејтен се издвојува од другите деца поради својата двојна личност. Тој поседува бунтовничка свест, самодоверба и внатрешен мир, за разлика од другите деца во домот кои се преполни со стравопочит кон нивните воспитувачи. Неговиот лик е неконвенционален, токму поради тоа што е спој на мистичното и вистинитото.
Освен ликот на Кејтеновиот син, бивалентност се јавува и во самата симболика на делото. Ако Големата вода значи недостижна слобода од една страна, од друга страна таа има свое хуманистичко значење преку тоа што е мотив и поттик за ослободување од прангите на стравот. Таа постои во свеста на јунаците, врзана е за нивниот свет, а за делото станува основен идеен фактор.
Во поглавјето „Ѕид“, авторот ја искористил неговата симболика да го претстави како поим за ред и граница кон патот за Сентерлевиот рид. Тој е темна метафора за животот во домот, асоцијација за затвор и укината слобода. Самиот ѕид си имал своја историја, според Лем „криел нешто проклето од минатото“.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.