Remove ads
село во Општина Новаци, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Брник — раселено село во Општина Новаци, во областа Мариово, во околината на градот Битола.
Брник | |
Поглед на селото | |
Координати 41°4′54″N 21°38′26″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Област | Мариово |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7000 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02013 |
Надм. вис. | 713 м |
Брник на општинската карта Атарот на Брник во рамките на општината | |
Брник на Ризницата |
Првпат името на селото било запишано како Прник во турски документи во XVI век. Името веројатно доаѓа од исчезнатиот збор брна што имал значење на „калливо место“ или од брвник што се поврзува со старословенскиот збор брвно што означувал греда.[2]
Според друга теорија е дека името на селото доаѓа од неговата поставеност на теренот, односно од опколеноста на селото со ридови.[3]
За името на селото постои и легенда која кажува за еден човек кој имал три сина. Тројца ги паселе своите стада овци и кози на денешната местоположба на трите села Маково, Рапеш и Брник. Оној што ги чувал своите стада на местоположбата на Брник имал многу кози со брни под брадата, па оттаму дошло и името.[3]
Селото се наоѓа во битолскиот дел на областа Мариово, на источната падина на Селечка Планина, а од левата страна на Црна Река. Брник се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Новаци.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 740 метри. Од градот Битола е оддалечено 40 километри,[4] додека од општинското средиште Новаци е оддалечено 28 километри.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Џумба, Горна Круша, Гола Чука, Каменлива Чука, Тумба, Корито, Чалиите, Лова, Трнката, Белутрака, Острига, Прданови Огништа, Казарникот, Минчоа Ливада, Долоа Пештера, Габерот Меригас, Пладновиштето, Белата Ораница, Митина Стена, Пчелата, Дамаргач, Црвена Стена, Рошје, Крсто, Канѕурка и други.[5]
До селото се стигнува преку регионалниот пат 1311, кој води преку Маково и Рапеш. Од регионалниот асфалтен пат се исклучува земјен пат[3] во должина од четири километри. Со вода за пиење се снабдува од една чешма изградена во 1942 година.[3] Исто така, постојат и неколку кладенци, кои во сушните периоди пресушуваат. Селото никогаш не било поврзано со електрична енергија.[5]
Селските куќи се градени од камен и кал и покриени со камени плочи. Типот на куќите бил едноставен, без некакви стилски белези и скоро сите се слични. Единствената разлика е нивната височина.[5]
Низ селото поминува Брнички Поток, во чија долина се наоѓа Брничкиот Водопад, кој има пад од 18 метри.[5]
Селото првпат е документирано во турски пописен дефтер од 1568 година.[3]
Брник, како и целото Мариово, не биле зафатени од Илинденското востание.[5]
Сепак, селото било под влијание на грчката вооружена пропаганда, кој ја засилиле својата активност по есента 1904 година. Летото и есента 1905 година, андартските банди го нападнале селото Брник, кога заклале 5 селани, изгореле неколку куќи и уништиле сѐ што нашле во црквата.[5]
Поради активноста на војводата Трајко Кралот, роден во Брник, селото не било поштедувано и од турските аскери. Така, во декември 1909 година, иако тој не ни бил во Мариово, бил испратен аскер од 30 души и двајца жандарми, кои собрале 18 мештани, поблиски и подалечни роднини на Кралот. Тие биле кратко задржани во битолскиот затвор, по што биле ослободени.[5]
Селото заедно со целата област бил особено зафатен од воените дејствија за време на Првата светска војна. Во периодот 1916-1918 се воделе жестоки борби. Во тој период, селото било напуштено од страна на мештаните, кои се вратиле во 1918 година кога започнале да ги обновуваат своите куќи. И денес во селата од оваа област може да се најдат најразлични предмети од војната, како и експлозивни направи.[5]
Во текот на септември 1944 година од Брник биле мобилизирани 20 младинци, кои биле испратени во борбите во Хрватска. Од нив двајца починале.[5]
Во 1945 година во селото бил создаден месен народноослободителен одбор, чиј прв претседател бил Стојко Стојковски.[5]
Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Атарот има средна големина и зафаќа простор од 15,3 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 815,6 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 578 хектари, а на шумите отпаѓаат само 62,3 хектари.[4]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[4]
Во минатото, мештаните правеле жито, користејќи ја водата од Брничкиот Поток, каде се наоѓале воденици. Водениците биле користени и од жителите на околните села Маково, Рапеш и Орле, кои во летниот период снемувале вода.[3]
Краток период по Втората светска војна, во селото била создадена селска работна задруга, која никогаш не заживеала.[5]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Јанаки Стрезов во 1880 година забележал дека во Брник живеат 20 семејства со 87 жители. Во 1897 година австроунгарскиот конзул во Битола, Аугуст Крал, забележал дека во Брник живеат 25 семејства со вкупно 114 жители.[5]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Брник живееле 196 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Брник имало 296 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Браник се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 25 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[10]
Селото е мало и е доведено во фаза на наполно раселување. Во 1961 година селото броело 215 жители, а во 1994 година само осум жители, македонско население.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Брник живееле 2 жители, сите Македонци.[11]
Денес, во селото повеќе нема постојани жители, откако последниот жител на Брник, Бино Стојановски, починал во 2015 година.[3]
Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 196 | 296 | 365 | 228 | 215 | 122 | 30 | 9 | 8 | 2 | 0 |
Најголем дел од селаните се иселиле во градот Битола, во пониските битолски села, но и во Австралија.[3]
Во селото било изградена училиште во 1952/53 година и било наречено „Петар Делјан“. Пред да биде подигнато училиштето, наставата се одвивала во приватна куќа, која денес не постои. Училиштето работело до 1976 година, до кога и имало деца во селото. Училиштето секогаш работело само до четврто одделение, поради што децата потоа пешачеле по 6 километри во правец за да стигнат на настава во училиштето во соседното село Маково.[3]
Во XIX век, Брник било село во Мариовската нахија, во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Старавина.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Мариово.
Во периодот 1950-1955, селото било дел на тогашната Општина Маково, во која покрај селото Брник, се наоѓале и селата Ивени, Маково, Мојно, Орле и Рапеш.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0180 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Рапеш. Во избирачкото место се опфатени населените места: Брник, Рапеш и Ивени.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 62 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 58 гласачи.[18]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.