англиски пејач и текстописец (роден 1945) From Wikipedia, the free encyclopedia
Bryan Ferry (англ. Bryan Ferry; роден на 26 септември 1945 година) ― англиски пејач и текстописец, најпознат како ко-основач на групата Roxy Music.[2]
Брајан Фери | |
---|---|
Брајан Фери на настап на 2 април 2012 | |
Животописни податоци | |
Роден(а) | 26 септември 1945[1] Вашингтон, Грофовија Дарем, Англија |
Жанрови | |
Занимања |
|
Инструменти |
|
Период на активност | 1967–денес |
Издавачи |
|
Мреж. место | bryanferry.com |
Брајан Фери е роден во семејство од работничка класа. Студирал ликовна уметност и предавал во средно училиште пред да започне музичка кариера. Во 1970 година, ја основал рок групата Roxy Music и станал нејзин главен пејач и текстописец. Уникатниот звук и визуелниот имиџ на групата го промовирале Фери како водечка културна икона во следната деценија.[3]
Во 1973 година со издавање на албумот This Foolish Things, Фери започнал паралелна соло кариера. По објавувањето на нивниот најпродаван албум Авалон, во 1982 година Фери ја распуштил Рокси Мјузик со цел да се концентрира на неговата соло кариера.[4] Како солист и како член на Roxy Music, Фери продал преку 30 милиони албуми ширум светот.[5] Во 2019 година, Фери како член на Roxy Music бил внесен во Куќата на славата на рокенролот.[6]
Брајан Фери е роден на 26 септември 1945 година во селото Вашингтон во близина на Сандерленд,[7][8] во семејството на фармер кој работел со скратено работно време во локален рудник.[7] Во 1957 година завршил граматичко-техничко училиште во Вашингтон.[9]
Студирал ликовна уметност на Универзитетот во Њукасл од 1964 до 1968 година,[10] а некои негови слики во 1970 година биле изложени во галеријата Тејт.[11] Во 1964 година, Фери ги формирал The Banshees,[12] а подоцна бил член и на City Blues и Gas Board.[13][14][15] Потоа се преселил во Лондон во 1968 година и предавал уметност и грнчарство, а истовремено продолжил со музичката кариера.[16]
Фери ја основал групата Roxy Music во ноември 1970 година со група пријатели и познаници, меѓу кои и басистот Греам Симпсон, соученик во уметничкото училиште. Подоцна им се приклучиле саксофонистот/обоистот Енди Мекеј и Брајан Ино. Меѓу првите членови биле тимпанистот Декстер Лојд и поранешниот гитарист од Nice Дејвид О'Лист, кои подоцна биле заменети од Пол Томпсон и Фил Манзанера пред бендот да го сними својот прв албум.[17] Првите два албума, Roxy Music и For Your Pleasure, на групата ѝ донеле имиџ на иновативна и авангардна група која го користи поп-форматот за нивните експерименти. Групата својот успех во голема мера му го должи на невообичаениот вокал и имиџот на фронтменот, кој поседувал чудесна поетска дарба пренесена преку ироничните стихови во првите години на Roxy Music.[18]
Фери започнал паралелна соло кариера во 1973 година, и на неговиот прв студиски албум This Foolish Things (1973) и втор албум Another Time, Another Place (1974), пеел преработки на стари песни; двата стигнале до топ 5 во Велика Британија.[4] Интересот на Фери за традиционални американска песни претставувало големо отстапување од Roxy Music, а успехот на овие два албума создало шаблон што подоцна го следеле и други музичари, како Џони Мичел, Род Стјуарт и Боб Дилан.[19] За поддршка на овие албуми, во 1973 година на Фери му било одбиено барањето за концерт во Ројал Алберт Хол, но во декември 1974 година сепак одржал концерт таму.[20] Концертот на Фери во Ројал Алберт Хол бил снимен и во 2020 година бил објавен како како албум во живо - Live at the Royal Albert Hall, 1974.
Од 1972 до 1974 година, Брајан Фери објавил вкупно шест студиски албуми, како солист и соRoxy Music. По третиот албум на Roxy Music, Stranded (1973), Брајан Ино си заминал од групата и на негово место Фери го повикал виолинистот и клавијатурист Еди Џобсон, соработник од првиот соло албум на Фери. Stranded стана првиот албум од Roxy Music на врвот на топ листата во Обединетото Кралство. По концертната турнеја за поддршка на нивниот петти студиски албум Siren (1975), во 1976 година Roxy Music накратко се распаднала, иако членовите од групата Пол Томпсон, Фил Манзанера и Еди Џобсон учествувале во снимањето на следниот соло албум од Фери. Во овој период, Брајан Фери објавил три соло албуми: Let's Stick Together (1976), In Your Mind (1977) и The Bride Stripped Bare (1978), и сите тие се пласирале на топ 20 во Велика Британија.[4]
Фрустриран од млакиот прием на The Bride Stripped Bare, Фери кон крајот на 1978 година ја возобновил Roxy Music и на почетокот од 1979 го објавиле нивниот шести студиски албум Manifesto, кој стигнал до 7-мо место на топ листите за албуми во Велика Британија.[18] Следен албум бил Flesh + Blood (1980), кој бил на прво место на топ листите за албуми во ОК, а во 1982 година Roxi Music го објавиле својот последен студиски албум Авалон, кој исто така се искачил на врвот на топ листите за албуми во Велика Британија.[18] Песната „Jalous Guy“, објавена во 1981 година како постхумна почит кон нејзиниот автор Џон Ленон, кој бил убиен два месеци претходно, била единствена песна на Roxi Music на врвот на топ листата за синглови.[18] Исто така, тоа била нивна единствена песна која не ја напишал или ко-напишал Брајан Фери. По долгата турнеја за промовирање на албумот Avalon, Брајан Фери во 1983 година ја распуштил Roxy Music и ја продолжил својата музичка кариера како солист.
Како солист, Брајан Фери го објавил шестиот студиски албум насловен како Boys and Girls; во јуни 1985 година албумот стигнал до прво место во Обединетото Кралство и бил неговиот прв и единствен соло студиски албум на врвот на табелата.[4] Албумот, исто така, станал негов најпродаван албум во САД. Во јули 1985 година, Фери настапил на Live Aid концертот во Лондон, каде бил придружуван од гитаристот на Пинк Флојд, Дејвид Гилмур.[21]
Во 1987 година го објавил албумот Bête Noire од претходната година, и тргнал на промотивна турнеја. По турнејата, Фери повторно се здружил со Брајан Ино за следниот албум Mamouna. Продукцијата на албумот траела повеќе од пет години и бил создаден под работен наслов Хороскоп. За време на продукцијата, Фери истовремено го снимил и го објавил Такси (1993), неговиот осми соло студиски албум, кој стигнал до 2-ро место на топ листите во Велика Британија.[4] Mamouna (деветтиот соло студиски албум на Фери) бил издаден во 1994 година, и стигнал до 11-то место на топ листите во Велика Британија.[4]
Во 1999 година, Фери го издал својот десетти соло студиски албум As Time Goes By, кој содржи преработени верзии на песни од 1930-тите. Албумот бил номиниран за Греми награда.[22][23]
Фери, Манзанера, Мекеј и Томпсон ја возобновиле Roxy Music во 2001 година и неколку години имале интензивни турнеи, без притоа групата да сними нов материјал. Во 2002 година, Фери го издал новиот студиски албум, Frantic, во кој имало неколку нумери напишани со Дејвид А. Стјуарт од Eurythmics, како и во соработка со Ино, Манзанера и Томпсон.[24]
Во март 2007 година, Фери го издал албумот Dylanesque, албум со песни од Боб Дилан. На 7 октомври 2008 година, на годишните награди на БМИ во Лондон, Фери ја добил наградата икона на БМИ.[25] Во октомври 2010 година Брајан Фери го објавил студискиот албум Olympia, а дел од материјалот го снимил со поранешните членови од Roxy Music, а учествувале и музичари како Нил Роџерс, Дејвид А. Стјуарт, Scissor Sisters, Groove Armada, Flea, Џони Гринвуд и Дејвид Гилмур. На насловната страница на албумот била манекенката Кејт Мос.
Во јуни 2011 година, Фери за неговиот придонес во британската музичка индустрија бил награден со Ред на Британската Империја, а во 2012 година му бил доделен и францускиот Ordre des Arts et des Lettres.[26] Во 2014 година, Универзитетот Њукасл го прогласил Фери за почесен доктор на музика.[27] На 26 ноември 2012 година, со the Bryan Ferry Orchestra го објавил албумот The Jazz Age. Албумот содржи џез-преработки од 1920-тите.
Во ноември 2014 година, Фери објавил нов албум под наслов Avonmore, со оригинален материјал и две преработки. За поддршка на албумот, Фери започнал 20 дневна турнеја низ ОК и го издал својот прв солистички албум во живо, Live 2015.[28] Следните три години, Брајан Фери продолжил со турнеи низ Европа и Северна Америка и секоја година остварувал најмалку 30 концерти. Во 2017 година, Фери за прв пат настапил во Холивуд Боул.[29][30] Брајан Фери и неговиот оркестар во ноември 2018 година го најавиле новиот албум Bitter-Sweet. Потоа заминале на турнеја.[31]
Во февруари 2020 година, Фери го издал албумот во живо Live At The Royal Albert Hall, 1974, снимка од неговата прва соло турнеја.[32]
Ројал Алберт Хол 2020, албум снимен во живо во Ројал Алберт Хол во март, бил издаден во април 2021 година.[33]
Во мај 2022 година, Фери објавил ЕP под наслов Love Letters.[34] Набргу по објавувањето било потврдено дека Фери заедно со со Мекеј, Манзанера и Томпсон ќе учествува во турнеја по повод 50-годишнината на Roxy Music.[35]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.