Американски глумец From Wikipedia, the free encyclopedia
Џереми Ли Ренер (роден на 7 јануари 1971 г.)[1][2][3] — американски глумец и пејач. На почетокот на својата кариера, тој играл улоги главно во независни филмови како Дамер (2002) и Нео Нед (2005). Тој исто така толкувал споредни улоги во поголеми филмови како S.W.A.T. (2003) и 28 недели подоцна (2007). За улогата во филмот Град на крадци (2010) тој добил позитивни критики и бил номиниран за Оскар за најдобар спореден глумец.
Ренер е најпознат по улогата во воениот филм Шкафче на болката (2008) за која бил номиниран за Оскар за најдобар глумец, како и по улогата на Хокај во марвеловите филмови Тор (2011), Одмаздници (2012), Одмаздници 2: Ерата на Ултрон (2015) и Капетан Америка: Граѓанска војна (2016). Тој исто така глумел во комерцијално успешни филмови како Невозможна мизија: Протокол дух (2011), Борново наследство (2012), Ивица и Марица: Ловци на Вештерки (2013), Американска измама (2013), и Невозможна мисија: Одметници (2015).
Првата филмска улога Ренер ја добил во 1995 година играјќи улога на слаб ученик во тинејџерската комедија Големо патување.[4] Следно тој добил гостински улоги во две телевизиски серии, Смртоносни игри и Чудна среќа и играл мала улога во телевизискиот филм, Пријателско предавство како пријател на ликот кој го играл Брајан Остин Грин. Во следните неколку години, Ренер играл гостински улоги во Зои, Данкан, Џек и Џејн (1999), Мрежа (1999), Времето на твојот живот (1999) и Ангел (2000).[5] Ренер исто така играл мала улога во една епизода на Истрага на местото на злосторството: Лас Вегас во 2001 година. Помеѓу филмските улогите, Ренер работел како шминкер за да сврзе крај со крај.[6]
Во 2002 година, Ренер добил улога во филмот Дамер играјќи го серискиот убиец Џефри Дамер.[7] Неговата изведба добила позитивни критики, и тој добил номинација за Наградата Спирит за најдобар глумец. Тој се појавил во музичкиот спот за песната „Trouble“ на Пинк во 2003 година.[8] Ренер глумел во акциониот филм S.W.A.T.[9] како поранешен полициски партнер на ликот кој го толкувал Колин Фарел во 2003 година и во драмата Срцето е измамничко над сите работи[10] во 2004 година.
Во 2005 година, Ренер глумел со Џулија Стајлс и Форест Витакер во Мал пат до рајот,[11] како и во филмовите Северна земја и 12 и невин. Тој потоа играл улога на нео-нацистички скинхед кој е примен во психијатриска болница во Нео Нед наспроти Габриела Јунион. Филмот ги добил сите награди за кои бил номиниран на филмските фестивали, вклучувајќи ја наградата за најдобар глумец на Меѓународниот филмски фестивал во Палм Бич.
Во 2007 година Ренер играл спореднa улогa во критички пофалениот филм Убиството на Џеси Џејмс од кукавицата Роберт Форд како и во научно-фантастичниот филм 28 недели подоцна.[12] Тој глумел заедно со Мини Драјвер во трилерот Земи и играл улога на несовесен рокер во една епизода од серијата Доктор Хаус.
Откако играл главна улога со Далас Робертс во комичната драма Генијалци и во серијата Необични, Ренер се здобил со критички успех за неговата изведба на наредникот Вилијам Џејмс, експерт за онеспособување на бомби во воениот трилер од 2009 година за војната во Ирак, Шкафче на болката (режиран од Кетрин Бигелоу). Улогата му донела неколку награди во категоријата најдобар глумец и прва номинација за Оскар за најдобар глумец.[13]
Во 2010 година, изведбата на Ренер во Град на крадци режиран од Бен Афлек му донела позитивни критики и втора номинација за Оскар, овојпат за најдобар спореден глумец.[14] Тој исто така за првпат бил номиниран за Златен глобус за најдобар спореден глумец [15] и по вторпат добил номинација од страна на здружението на филмски глумци.[16]
Во 2011 година, Ренер имал кратко појавување како Хокај во Тор.[17] Во декември 2011 година,[18] тој глумел покрај Том Круз во Невозможна мисија: Протокол дух, четвртото продолжение на серијалот Невозможна мисија. Во 2012 година, Ренер со улогата на Хокај се појавил во марвеловиот филм, Одмаздници.[19][20] Истата година, тој глумел во Борново наследство, четвртото продолжение на филмскиот серијал Борн.[21] Ренер играл нов главен лик, Арон Крос, на местото на Џејсон Борн, кој бил игран од Мет Дејмон во првите три филмови.
Ренер глумел во акциониот хорор филм Ивица и Марица: Ловци на вештерки (објавен во јануари 2013 г.), во кој тој и Џема Артертон ги играле Ивица и Марица. Дејството во филмот се случува 15 години подоцна откако Ивица и Марица ја убиле вештерката која ги киднапирала.[22]
Ренер бил дел од глумечката екипа на филмот Американска измама заснован на контроверзната операција АБСКАМ на ФБИ во 1970. и раните 1980. години. Во филмот, кој бил издаден во декември 2013 година, глумеле Кристијан Бејл, Бредли Купер, Ејми Адамс и Џенифер Лоренс во главните улоги. Филмот се здобил со позитивни критики и ја освоил наградата за најдобра глумечка екипа на здружението на филмски глумци и бил номиниран за Оскар за најдобар филм. Во октомври 2014 година, Ренер ја играл улогата на новинарот Гери Веб во филмот Убиј го гласникот заснован на книгата на Веб, Мрачен сојуз. Ренер исто така бил ко-продуцент на филмот.[23]
Во 2015 година, Ренер ја повторил улогата на Хокај во Одмаздници 2: Ерата на Ултрон, продолжението на Одмаздници.[24] Тој се вратил во филмскиот серијал Невозможна мисија во филмот Невозможна мисија: Одметници, издаден во јули 2015 година.[25] Во 2016 година, Ренер глумел во научно-фантастичниот филм Пристигнување, заедно со Ејми Адамс и повторно ја одиграл улогата на Хокај во Капетан Америка: Граѓанска војна.[26]
Ренер се венчал со канадскиот модел Сони Пачеко на 13 јануари 2014 година.[27][28][29] Ренер и Пачеко имаат една ќерка, Ава Берлин (родена на 28 март 2013 г.).[30][31] На 30 декември 2014 година, Пачеко поднела документи за развод, наведувајќи ненадминливи разлики.[32] Тие делат старателство над нивната ќерка.[33]
Ренер исто така води бизнис за реновирање на домови заедно со неговиот најдобар другар и глумец, Кристофер Винтерс.[4][34] Покрај глумењето, тој изучувал Арнис (филипински боречки вештини) и Тајландски бокс, главно како подготовка за неговите улоги во Невозможна мисија и Одмаздници.[35][36]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.