From Wikipedia, the free encyclopedia
Јосиф Александрович Бродски (руски: Иосиф Александрович Бродский; 24 мај 1940 – 26 јануари 1996 ) беше руски поет и есеист, добитник на Нобеловата награда за литература во 1987 година, венцоносец на Струшките вечери на поезијата четири години подоцна и Поет лауреат на САД во 1991 и 1992 година. Се смета за еден од најголемите поети на дваесеттиот век [1].
Јосиф Бродски | |
---|---|
Роден/а | 24 мај 1940
Ленинград, СССР |
Починат/а | 26 јануари 1996
Њујорк Сити, САД |
Занимање | поет, есеист |
Националност | Русин |
Бродски е роден во еврејско семејство во Ленинград, како син на професионален фотограф вработен во Советската морнарица. Уште додека е дете ја преживува Опсадата на неговиот роден град. Кога полни петнаесет години, Бродски го напишта училиштето и се обидува да влезе во Школата на нуркачите (Школа Подводников), но безуспешно. Потоа оди да работи како машински оператор на една воденица (фрезеровщик) во фабрика. Откако одлучува да стане доктор, се префрла во затворот Крести, каде работи како помошник во мртовечницата. Никогаш не задоволен од работата, неколкупати ќе го менува своето работно место; се вработува во болница, на брод, а дел е и од една геолошка експедиција.
Истовремено, Бродски се самообразова. Ги изучува англискиот и полскиот јазик (главно со цел да ги препее стиховите на Чеслав Милош, неговиот омилен поет и доживотен пријател), развива длабок интерес за класична филозофија, религија, митологија, како и англиска и американска поезија. Подоцна во текот на својот живот, Бродски ќе признае дека ја земал секоја книга на која ќе налетал, вклучувајќи ги и оние веќе фрлени во контејнер.
Во текот на 1957 година, Бродски почнува да пишува поезија и да препејува странски автори. Неговото творештво во овој период е аполитично. Младиот Јосиф бил под влијание и добивал постојана поддршка од Ана Ахматова за која дел од неговите стихови се "волшебни." Бродски никогаш нема да дипломира.
Во 1963 година тој е уапсен, а веќе следната обвинет за паразитизам ("тунеядство") од страна на советските власти. Еден многу познат извадок од судскиот манускрипт е прокриумчарен на запад од страна на новинарката Фрида Видгорова:
Заради неговиот "паразитизам" Бродски е протеран и осуден на осумнаесет-месечна тешка физичка работа во областа на Архангелск. Казната е отповикана во 1965 година по гласниот протест на видни советски и светски литературни фигури, меѓу кои се и имињата на Јевгениј Јевтушенко и Жан Пол Сартр.
Во 1964 година Леонид Брежњев доаѓа на власт. Со тоа завршува периодот на Хрушчовата диктатура, но сепак, само четири песни од опусот на Бродски се објавени во Советскиот Сојуз. Имено, поетот одбива да ги издава своите песни цензурирани и најголем дел од неговата поезија прво се појавува на запад или во облик на самиздат.
На 4 јуни 1972 година, Бродски е протеран од СССР. Станува американски државјанин во 1980 година. Неговата прва професорска работа во САД е на Универзитетот во Мичиген. Тој е Поет-со-Престојувалиште и професор-гостин на колеџите Квинс и Смит, како и на универзитетите Колумбија и Кембриџ во Англија.
Постигнува голем успех како поет и есеист на англиски јазик. Во 1978 година Бродски добива почесна диплома од Универзитетот Јејл, а на 23 мај 1979 година, примен е за член на Американска Академија и Институт за Уметности и Писма. Две години подоцна Бродски ја прима наградата гениј од Фондацијата Џон Д. и Катерина T. Мекартур.
Во 1986 збирката есеи на Бродски Помалку од еден ја добива Националната награда на критичарите за критика. Следната година, Бродски е награден со Нобеловата награда за литература и со тоа станува петтиот русин со ваква почест. Во текот на интервјуто одржано на аеродромот во Стокхолм на прашањето: "Вие сте американски граѓанин кој ја прима наградата за поезија напишана на руски јазик. Кој сте вие, Американец или Русин?", тој одговара: "Јас сум Евреин - руски поет и англиски есеист"[3].
Во 1991 година Бродски станува Поет лауреат на САД. Неговото инаугурациско обраќање е објавено во Поетски рецензии. Се венча со Марија Созани во 1990 година. Имаат една ќерка.
Бродски умира од срцев удар во неговиот стан во Њујорк Сити на 28 јануари 1996 и е закопан во гробницата Сан Микеле во Венеција, Италија. Венеција е местото каде се одвива дејството во неговата книга Воден жиг.
Меѓу поетите кои имаат поголемо влијание врз Бродски, би можеле да се издвојат Осип Мандељштам, В.Х. Одн и Роберт Фрост.
Една од повторливите теми во пишувањето на Бродски е односот меѓу поетот и општеството. Најчесто, Бродски го нагласува позитивното влијание на литературата врз луѓето и начинот на кој истата помага во градењето на нивната култура. Смета дека западната литературна традиција има овозможено надминување на модерните катастрофи од типот на нацизмот, комунизмот и светските војни. Во текот на неговото претседателствување како поетски лауреат, Бродски ја промовира идејата англо-американското културно наследство да се донесе во допир со пошироката американска јавност преку дистрибуирање на бесплатни поетски антологии на луѓето преку програма спонзорирана од владина страна. Предлгот, на разочарување на Бродски, е прифатен само со потиштен ентузијазам од Вашингтон.
Интересна одлика на Бродски е тоа што, и покрај големото познавање на англискиот јазик, поезијата ја пишува на руски. Сепак, последните години од неговиот живот, неговото прозно творештво се печати на англиски. Треба да се спомне и дека препевите направени од неговите пријатели, Бродски сам ги доработува и преработува [1].
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.