From Wikipedia, the free encyclopedia
’Рбетно-маломозочен пат или спиноцеребеларен пат (лат. tractus spinocerebellaris) — сетилен пат во централниот нервен систем кој спроведува информации за несвесен (рефлексен) сензибилитет до кората на малиот мозок. Овој пат служи за рефлексно одржување на рамнотежата на телото во движење и во мирување.
Информациите за проприоцепција се добиваат од Голџиевите тетивни органи и мускулните вретена.
Сите овие неврони се сетилни (од прв ред или примарни) и нивните клеточни тела се наоѓаат во спиналните ганглии. Тие поминуваат низ Рекседовите слоеви I-VI во задните рогови на ‘рбетниот мозок, а потоа формираат синапси со неврони од втор ред (секундарни неврони) во слојот VII, кој се наоѓа веднаш под задниот рог.
’Рбетно-маломозочниот пат е поделен на: 1) дорзален (заден) ’рбетно-маломозочен пат; 2) вентрален (преден) ’рбетно-маломозочен пат; 3) кунеоцеребеларен пат и 4) рострален ’рбетно-маломозочен пат.
Дорзалниот ’рбетно-маломозочен пат (tractus spinocerebellaris dorsalis – Flechsig) пренесува информации за проприоцепција од проприорецепторите во скелетните мускули и зглобовите (мускулни вретена и Голџиеви тетивни органи) до кората на малиот мозок. Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Во Кларковото јадро, односно Кларковата колона која се протега од ниво C8 до ниво L2/L3 (nucleus dorsalis s. nucleus thoracicus posterior), невроните од прв ред градат синапси со неврони од втор ред, чии аксони потоа продолжуваат ипсилатерално во дорзалниот дел на бочната врвца или сноп на ‘рбетниот мозок (funiculus lateralis). Тие стигнуваат до продолжениот мозок, каде поминуваат низ долниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris inferior) до кората на малиот мозок, каде се обработува несвесната проприоцептивна информација.[1]
Вентралниот ’рбетно-маломозочен пат (tractus spinocerebellaris ventralis – Growers) спроведува информации за проприоцепција исклучиво од Голџиевите тетивни органи во региони на телото под нивото L2/L3. Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Овде невроните од прв ред градат синапси со неврони од втор ред, чии аксони потоа преминуваат на контралатералната страна на ‘рбетниот мозок, преку commissura alba anterior medullae spinalis, во вентралниот дел на бочната врвца или сноп на ‘рбетниот мозок (funiculus lateralis). Потоа тие патуваат сé до средниот мозок, каде поминуваат низ горниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris superior) и повторно се вкрстуваат преминувајќи во спротивната полутопка на малиот мозок.[2]
Кунеоцеребеларниот пат (tractus cuneocerebellaris) спроведува информации за проприоцепција кои доаѓаат од региони на телото над нивото C8 (горните екстремитети, вратот и главата). Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Од овде тие продолжуваат ипсилатерално до продолжениот мозок, каде градат синапси со невроните од втор ред во nucleus cuneatus accessorius. Аксоните на невроните од втор ред се задните надворешни лачни влакна (fibrae arcuatae externae dorsales), кои поминуваат низ долниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris inferior) и градат синапси со неврони во кората на малиот мозок.[3]
Ростралниот ’рбетно-маломозочен пат спроведува информации за проприоцепција исклучиво од Голџиевите тетивни органи во региони на телото од ниво C4 до ниво C8 (глава и горни екстремитети). Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Во слојот VII на задните рогови се наоѓаат клеточните тела на невроните од втор ред. Нивните аксони патуваат ипсилатерално до продолжениот мозок, каде поминуваат низ долниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris inferior) до кората на малиот мозок.[4]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.