From Wikipedia, the free encyclopedia
Шинигами (死神 , „Смртта“, „смртоносник“ или „дух на смртта“) или бог на смртта — богови или натприродни духови што го канат човекот во смрт во некои гледишта од јапонската религија и култура. Шинигамијата се опишани како чудовишта, помошници, и темни суштества. Шинигамијата се користени во приказните и религиите во јапонската култура.
Во будизмот, постојат Мара кои се занимаваат со смртта или Мртју-мара.[1] Тоа се демони кои ги тераат луѓето да сакаат да умрат и се вели дека кога човек ќе биде опседнат од овие дмони, во шок, одеднаш посакува да умре преку самоубиство, па затоа и понекогаш се објаснува дека овие суштества се „шинигами“.[2] Исто така, во Јогакарабхуми-састра, записи за Јогакара, демонот го решава времето на смртта на луѓето.[3] Јама, кралот на подземниот свет, како и они демоните како што е Волова глава и Коњско лице, исто така се сметаат за еден вид шинигами.[4]
Во Шинто и Јапонската митологија, Изанами им ја дала смртта на луѓето, па затоа Изанами понекогаш се сфаќа како шинигами.[4][5]
Сепак, се смета дека Изанами и Јама се различни од боговите на смртта во западната митологија.[3][6] Некои форми на будизам не го вклучуваат верувањето во никакви богови, па затоа понекогаш се смета дека концептот за бог на смртта не постои воопшто. И покрај тоа што киџин и онрјоо духовите од јапонската будистичка вера можат да им го одзедат животот на луѓето, постои мислењето дека не постои „бог на смртта“ што ги води луѓето во светот на мртвите. Меѓутоа, по војната, западниот поим за „бог на смртта“ навлегол во Јапонија, а шинигамите започнале да се споменуваат како битија со човечка природа.
Општо земено, зборот „шинигами“ не се користи во Јапонската класична книжевност, вклучително и нема многу записи во врска со нив,[7] но веќе во Едо периодот, зборот „Шинигами“ може да се види во делата на Чикамацу Монзаемон за нингјоо џоорури во и класичната литература што содржи теми за двојно самоубиство.
Во третата Хооеи ера (1706 г.), во изведбата на претставата „Шинчуу Нимаи Соуши“, која ја обработува темата за мажи и жени кои биваат поканети кон смртта, е напишано „патот кој го води богот на смртта“,[8] и во шестата Хооеи ера (1709 г.), во записот „Шинчууха ха Коори но Сакуџицу“, жена која во следниот миг извршила двојно самоубиство со маж, рекла: „минливоста на еден живот е привлечена од богот на смртта“.[8] Никогаш не станало јасно дали мажот и жената дошле да извршат двојно самоубиство поради постоењето на шинигами, или дека шинигами е даден како причина за нивното двојно самоубиство,[4] додека постојат и толкувања дека зборот „шинигами“ е израз за „минливоста на животот“.[9]
Освен тоа, во петата Кјоохоо ера (1720 г.), во изведбата на претставата Љубовните самоубиства во Амиџима, постоел изразот „за човек опседнат од бог на смртта“. Бидејќи ликот бил продавач на хартија, ликот кој се спротивставил на смртта го напишал знакот за „хартија“ (紙, ками) како „бог“ (神, ками),[8][10] но има и толкувања кои тврдат и дека самиот Чикамацу не мислел за постоењето на шинигами.[4]
Во класичната книжевност од Едо периодот, се споменуваат шинигами кои опседнувале луѓе. Во Ехон Хјаку Моногатари од дванаесеттата Тенпоо ера (1841 г.) постои приказна со наслов „Шинигами“, но во неа, шинигами бил дух на починат кој имал лоша намера и делувал заедно со злонамерите на живите луѓе, кои биле водени по лош пат, што предизвикале повторни инциденти на места каде што претходно имало инциденти со убиства, на пример со рекреирање на истото самоубиство на места каде што претходно веќе се обесиле луѓе[11] и на тој начин овие шинигами делувале на начин што ги опседнувале луѓето што предизвикало тие да сакаат да умрат.[7][12] Близу до ова, според есејот од Бакамацу периодот со наслов „Хого но Урагаки“, постоеле „ицуки“ што ги тераат луѓето да сакаат да се самоубијат со бесење, како и ствари раскажани преку народната религија како што се „гаки-цуки“ и „шичинин мисаки“.[3]
Во подоцнежниот Едо период, есејот „Шоозан Чомон Кишуу“ од третата Каеи ера (1850 г.) од есеистот Мијоши Шоозан, приказната насловена како „По опседнувањето од шинигами, станува тешко да се зборува или полесно да се изкажат лаги“, проститутка која е опседната од шинигами повикува еден човек да извршат двојно самоубиство,[13][14] и во кабуки претставата „Мекуранагаја Умега Кагатоби“ од Кауатаке Мокуами од деветнаесеттиот Меиџи период (1886 г.), шинигами навлегува во мислите на луѓето, што ги тера да размислуваат за лошите работи што ги направиле, по што сакаат да умрат.[15] Тие се, наместо богови, нешто повеќе како „јууки“ (што значи духови или „јууреи“[16]), или зли духови.[4]
Во класичното ракуго на авторот Сан-јуутеи Енчоо, имало програма со наслов „Шинигами“, но оваа била адаптација на италијанската опера „Криспино е ла комаре“[17] и сказната на браќата Грим „Кумот смртта“.[18]
За шинигамите се зборувало и во народната религија по војната. Според обичаите на Мијаџима, Кумамото префектура, оние што излегуваат за да посетат некого во ноќта, мора да се напијат чај или да изедат сад со ориз пред да заспијат, бидејќи шинигами би ги посетил доколку ова се занемари.[19]
Во областа Хамамацу, Шизуока префектура, шинигамите опседнувале луѓе и ги воделе кон планините, морињата и пругите каде што луѓе претходно починале. На тие места, мртвите добивале „смртен ред“ (шинибан) и сè додека нема некој следен да умре таму, тие никогаш нема да заминат во духовниот свет, дури и ако имаат погреб, и се вели дека луѓето кои биле живи биваат поканети од мртвите да загинат по нив.[13] Исто така, вообичаено е да се посетуваат гробниците заради празникот Хиган на пладне или на зајдисонце, но во Окајама префектурата, посетата на гробиштата за време на Хиган при изгрејсонце без пред тоа да бидат посетени гробиштата, би резултирало во опседнување со шинигами. Но, штом потоа некој би го посетил гробот на зајдисонце, тогаш ќе биде потребно да се посети гробот повторно за време на изгрејсонце, за да се избегне опседнувањето од шинигами. Со оваа позадина на народно верување, се смета дека понекогаш луѓето ги земале предвид духовите на починатите, кои нема кој да ги обожува, да бараат придружници и да ги повикуваат луѓето да им се придружат.
Шинигамите играат главна улога во јапонскиот манга-серијал „Тетратка на смртта“, напишан од Цугоми Охба и илустрирана од Такеши Обата. Шинигами богот по име Рјук го следи главниот јунак Лајт Јагами, давајќи му ја неговата сопствена „смртна тетратка“, која има способност буквално да одреди кој и на каков начин ќе умре, откако ќе се напише ничијето име во неа.
Во манга серијалот „Bleach“, напишана од Тите Кубо, средношколецот Ичиго Куросаки станува шинигами кој им помага на неуспокоените духови да најдат мир пренесувајќи ги во задгробниот живот.[20]
Ликот „Шинигами“ е мистична вештерка во универзумот на „Нинџа желките“.
Во манга серијалот „Наруто“, шинигами се повикуваат за да го комплетираат „печатот на мрачниот жетвар“.
Шинигамите играат голема улога во анимето „Boogiepop Phantom“.
Во манга серијалот „Black Butler“ напишана од Јана Тобосо, многу споредни ликови се шинигами, како што се Грел Сутклиф, Вилијам Т. Спирс и Роналд Нокс.
Во аниме серијалот, „Mobile Suit Gundam Wing“ од 1995 г., еден од петтемина Гандам пилоти—Дуо Максвел, е познат како „Богот на смртта“ или Шинигами (поради цензурира на синхронизацијата на анлиски јазик што се емитувала на програмата Toonami на ТВ-каналот Adult Swim, ликот е наречен „Великиот уништувач“ поради религиозната тематика). Овој прекар го заработил зошто го преживеал масакрот во црквата Максвел кога бил дете, (бидејќи не бил таму за време на настанот) и затоа што ги управува огромните роботски костими XXXG-01D Gundam Deathscythe и XXXG-02D2 Gundam Deathscythe Hell.
Во 5-та сезона на манга серијалот „Иницијал Д“, ликот по име Рин Хоџо го носи прекарот шинигами поради неговиот опасен стил на возење и повеќекратните обиди да ги убие оние што ќе ги претрка, особено Рјосуке Такахаши.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.