![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/8/8b/Armenian-Turkish_accord_signing.jpg/640px-Armenian-Turkish_accord_signing.jpg&w=640&q=50)
Циришки протокол
From Wikipedia, the free encyclopedia
Циришките протоколи се однесуваат на два билатерални протоколи потпишани во 2009 година од страна на Ерменија и Турција со кои се предвидува отпочнување на процесот на нормализирање на односите меѓу двете земји.[1] Протоколите вклучувале одредби за воспоставување формални дипломатски односи, отворање на турско-ерменската граница (која е затворена од 1993 година) и формирање на заедничка историска комисија за прашањето за Ерменскиот геноцид.[2] Договорот, кој подоцна се покажал како неефикасен, бил постигнат со посредство на САД, Русија и Франција.[3]
На 10 октомври 2009 година, министрите за надворешни работи, Ахмет Давутоглу за Турција и Едвард Налбандјан за Ерменија, во Цирих ги потпишале двата протоколи на која присуствувале и тогашниот американски државен секретар Хилари Клинтон, високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.[4]
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/8/8b/Armenian-Turkish_accord_signing.jpg/640px-Armenian-Turkish_accord_signing.jpg)
Протоколите барале ратификација од парламентите на двете земји. Во обид да се разврзат прашањата, протоколите не го спомнувале судирот меѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно-Карабах. Тие, исто така, не вклучииле и рок за ратификација.[5]
На 12 јануари 2010 година, Уставниот суд на Ерменија ги одобрил Протоколите притоа давајќи голем број забелешки за кои турската страна сметала дека содржат „предуслови и рестриктивни одредби кои го нарушуваат словото и духот на протоколите“.[6][7] Турската страна исто така почнала да го поврзува процесот на нормализација со конфликтот во Нагорно Карабах, при што турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјавил дека турско-ерменската граница нема да биде отворена без повлекување на ерменските сили од територијата на Азербејџан.[6]
Протоколите се соочиле со огромни критики во двете земји, при што некои Ерменци ја обвиниле владата за распродажба, а некои во Турција биле вознемирени што Протоколите не се однесуваат на прашањето за Нагорно-Карабах.[5] Во меѓувреме, Азербејџан реагирал негативно на Протоколите и извршил притисок врз Турција да не оди напред со приближувањето кон Ерменија.[2][6] Така, Протоколите пропаднале во парламентите на двете нации без ратификација по неговото потпишување.
Во февруари 2015 година, ерменскиот дел, претставен од претседателот Саркисјан, ги отповикал протоколите од парламентот, наведувајќи го „отсуството на политичка волја“ од турската страна.[3][8] Потоа, во декември 2017 година, наведувајќи го недостатокот на каков било „позитивен напредок кон нивното спроведување“ од Турција, ерменската страна ветила дека ќе ги прогласи за неважечки и ништовни,[9] што Ерменија формално го направила на 1 март 2018 година [10]
И покрај горчината што произлегува од застојот на процесот на нормализација, некои автори мислат дека Циришките протоколи сепак би можеле да претставуваат пат за напредување за процесот на нормализација на односите помеѓу Ерменија и Турција.[5]