Фидеизам
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фидеизам — термин кој се користи за именување на став или епистемолошка теорија која тврди дека верата е независна од разумот, или дека разумот и верата се непријателски едни кон други и дека верата е супериорна во доаѓањето до одредени вистини (види природна теологија). Зборот фидеизам доаѓа од fides, латинскиот збор за вера, и буквално значи „вера-изам “. [1] Филозофите идентификувале голем број различни форми на фидеизам.[2] Строгите фидеисти сметаат дека разумот нема место во откривањето на теолошките вистини, додека умерените фидеисти сметаат дека иако некоја вистина може да се знае со разум, верата стои над разумот.[3]
Теолозите и филозофите на различни начини реагирале на местото на верата и разумот во одредувањето на вистинитоста на метафизичките идеи, моралот и религиозните верувања. Фидеист е оној кој се залага за фидеизам. Историски гледано, фидеизмот најчесто им се припишува на четворица филозофи: Сорен Киркегор, Блез Паскал, Вилијам Џејмс и Лудвиг Витгенштајн; со тоа што фидеизмот бил етикета применувана во негативна смисла од нивните противници, но која не бил секогаш поддржана од нивните сопствени идеи и дела или следбеници.[1] Квалификуван облик на фидеизам понекогаш се припишува на познатиот предлог на Имануел Кант дека мораме „да го негираме знаењето за да направиме простор за вера“.[4]
Алвин Плантинга (Alvin Plantinga) го дефинирал „фидеизмот“ како „исклучиво или основно потпирање само на верата, придружено со последователно омаловажување на разумот и се користи особено во потрагата по некоја филозофска или религиозна вистина“. Затоа, фидеистот „потикнува потпирање на верата наместо на разумот, во филозофските и религиозните прашања“, и затоа може да продолжи да ги омаловажува тврдењата на разумот. Фидеистот ја бара вистината, пред сè: и потврдува дека разумот не може да постигне одредени видови вистина, кои наместо тоа мора да бидат прифатени само со вера.[1]