древно кралство сместено во голем регион околу Езерото Ван From Wikipedia, the free encyclopedia
Урарту (асирски : māt Urarṭu,[5] вавилонски: Urashtu, хебрејски: אֲרָרָט (Арарат)) ― кралство од железното време со центар околу езерото Ван во Ерменските Висорамнини. Кралството се протегало од горниот дел на реката Еуфрат до западниот брег на езерото Урмија и од планините во северен Ирак до планината Мал Кавказ.[6] Кралството се појавило кон средината на 9 век п.н.е., а процут имало во 8 и 7 век п.н.е.[6] Урарту често војувал со Асирија и одредено време била најмоќната држава на Блискиот Исток.[6] Поради постојаните војни, државата ослабнала и на почетокот од 6 век п.н.е била освоена од иранските Мидијци.[7] Во археологијата кралството е познато по неговите големи тврдини и софистицираните изработки од метал.[6] Кралевите зад себе оставиле натписи со клинесто писмо на урартиски јазик, дел од семејството на хуро-урартиски јазици.[6] Откако бил откриен во 19 век, Урарту, во кој обично се смета дека барем делумно се говорел ерменски јазик,[2] [8] [9] [10] [11] одиграл значајна улога во ерменскиот национализам.[12]
Урарту | |
---|---|
860 г.п.н.е–590 г.п.н.е | |
Главен град |
|
Говорени јазици | |
Вероисповед | Урартско многубоштво[3] |
Уредување | Монархија |
Историски период | Железно време |
• Основана | 860 г.п.н.е |
• Медијско освојување (или ахамединско освојување во 547[4]) | 590 г.п.н.е |
За географскиот регион и за државата која постоела таму се користат различни имиња:
Асирскиот крал Шалманесер I (околу 1274 г п.н.е.) во своите записи пишува за освојувањето на Уруатри која била лабава конфедерација на мали кралства и племенски држави на Ерменската Висорамнина. Уруартри се наоѓал во регионот околу езерото Ван. Наирските држави биле подложени на постојани напади од Средно и Нео-Асирското Царство.
Урарту повторно се појавил во натписи на асирски јазик во деветтиот век п.н.е. како моќен северен соперник на Новоасирското Царство. Кралот Арама (околу 860–843 г. п.н.е.) ги обединил наирските племенски сојузи и државички во едно обединето кралство. Престолнина на кралството, прво биле Сугунија, а потоа во Арзашкун.
Асирија во текот на првата половина на 9 век п.н.е. со децении била во период на привремена стагнација што му помогнало на Урарту да се издигне како моќна држава. За брзо време таа станала една од најголемите и најмоќните држави на Блискиот Исток.[18]
Сардури I (околу 832–820 г п.н.е.), син на Лутипри, основал нова династија и успешно се спротивставил на асирските напади од југ предводени од Шалманесер III. Тој ја консолидирал воената моќ на државата и престолнината ја преселил во Тушпа (денешен Ван, Турција, на брегот на Езерото Ван). Неговиот син Ишпуини (околу 820–800 г п.н.е.) ја анектирал соседната држава Мусасир, која станала важен религиозен центар на Урартското Кралство и го вовел култот кон Халди.[18]
Ишпуини бил прв урартски крал кој пишувал на урартски јазик (претходните кралеви оставиле записи напишани на акадски).[18] За поткрал го поставил својот син Сардури II. Откако го освоил Мусасир, Ишпуини бил нападнат од Шамши-Адад V. Неговиот наследник Менуа (околу 800–785 п.н.е.) исто така значително го проширил кралството и оставил пишани натписи. За време на заедничкото владеење на Ишпуини и Менуа, државата со која владееле од Наири почнале да ја нарекуваат Бјанили.[18]
Урарту врвот на својата воена моќ ја достигнал за време на владеењето на синот на Менуа, Аргишти I (околу 785–760 г. п.н.е.), и станало едно од најмоќните кралства на древниот Близок Исток. Аргишти I освоил територии покрај Аракс и Севан и ги одбил походите на Шалманесер IV против него. Аргишти исто така основал неколку нови градови, а најпознат меѓу нив е тврдината Еребуни во 782 година п.н.е. Во новиот град биле сместени 6600 Хетитски и Софенски воени заробеници.[19]
При својот врв, кралството Урарту на север се протегало до Арас и езерото Севан, и ја зафаќало тероторијата на денешна Ерменија и јужниот дел од денешна Грузија речиси до брегот на Црно Море; на запад до изворите на Еуфрат; на исток до денешен Табриз, езерото Урмија; а на југ до изворите на Тигар.
Асирскиот крал Тиглат-Пилесер III го поразил Сардури II од Урарту во првата година од неговото владеење (745 г. п.н.е.).
Во 714 г п.н.е., Урарту многу настрадал од кимериските напади и од походите на Саргон II. Бил ограбен главниот храм во Мусасир, а Саргон II кај езерото Урмија му нанесол тежок пораз на урартскиот крал Руса I. Потоа тој од срам се самоубил. [20]
Аргишти II (714–685 п.н.е.), син на Руса I, успеал да ги порази Кимерите, но неговата држава повеќе не била закана за Асирија. Во 705 г. п.н.е. со новиот крал на Асирија Сенахериб бил склучен мир. Склучениот мир придонел Урарту да започне еден долг период на развој и просперитет, кој продолжил и за време на владеењето на Руса II (685–645. п.н.е.).
Но, по Руса II, Урарту ослабнал поради постојаните напади на кимериските и скитските освојувачи. Како резултат на тоа, државата станала зависна од Асирија. За ова сведочи пишувањето на Сардури III (645–635 п.н.е.), син на Руса II, кој асирскиот крал Ашурбанипал го нарекува негов „татко“.[21] [22]
Според урартиската епиграфија, Сардури III го наследиле два крала - Руса III (исто така познат како Руса Ерименахи) (620–609. п.н.е.) и неговиот син Руса IV (609–590 или 585. п.н.е.). Има претпоставки дека Еримена, татко на Руса III, бил крал кој можеби владеел од 635 до 620 година. п.н.е., но малку се знае за него. Можно е Руса III да основал нова династија и неговиот татко Еримена да не бил крал.[23] [24]
Кон крајот на VII век п.н.е. (за време или по владеењето на Сардури III), Урарту бил нападнат од Скитите и нивните сојузници - Медијците. Во 612 година п.н.е., медискиот крал Кјаксар Велики заедно со Набополасар од Вавилон и Скитите ја освоиле Асирија. Медијците во 590 п.н.е. ја освоиле урартската престолнина Ван, со што практично Урарту престанал да постои како суверена држава. [25] [26] Сепак, некои историчари сметаат дека Урарту опстојал до средината на 6 век п.н.е. кога бил уништен од Кир Велики.[27]
Кралството Ван било уништено во 590 година п.н.е.[28] и на крајот од 6 век, на негово место бил основан сатрапот Ерменија.[29] За тоа што се случувало во регионот од падот на Кралството Ван и појавата на сатрапот Ерменија речиси не се знае ништо. Според историчарот Тураж Дарјаи, за време на ерменскиот бунт против персискиот крал Дариј I во 521 п.н.е., некои лични и топографски имиња кои се поврзуваат со Ерменија или Ерменците биле од урартиско потекло, од што може да се заклучи дека и по неговиот пад во Ерменија опстојувале урартски елементи.[30] Бехистунскиот натпис (околу 522 г. п.н.е.) Ерменија и Ерменците ги употребува како синоними на Урарту и Урартијци.[15] Топонимот Урарту не исчезнал, бидејќи се смета дека името на провинцијата Ајрарат во центарот на Кралството Ерменија е нејзин континуум.[31]
Инспириран од делата на средновековниот ерменски историчар Мовсес Хоренатси (кој ги опишал урартските ракотворби во Ван кои според него ги направиле легендарниот Ара Убавиот и кралицата Семирамида), францускиот научник Антоан-Жан Сен Мартен во 1827 година ѝ предложил на француската влада во име на Француското ориентално друштво во областа Ван да го испрати германскиот професор Фридрих Едуард Шулц.[32] Таму Шулц открил и препишал многу натписи со клинесто писмо, дел на асирски, а дел од нив на дотогаш непознат јазик. Шулц, исто така, ја открил стелата на Келишин, со асирско-урартски двојазичен натпис, сместена на преминот Келашин на денешна ирачко-иранска граница. Во 1828 година бил објавен збирен извештај за неговите првични откритија. Во 1829 година во близина на Башкале, Шулц и четворица негови слуги биле убиени од Курди. Во 1840 година биле пронајдени неговите белешки и биле објавени во Париз.
Во доцните 1840-ти, Сер Остин Хенри Лајард ги испитувал и опишал урартските гробници во тврдината Ван, меѓу кои и комората на Аргишти. Од 1870-тите, месното население почнало да ги ограбуваат руините на Топраккале, а пронајдените артефакти ги продавале на европски колекционери. Во 1880-тите наоѓалиштето кај Ван било подложено на лошо извршено ископување организирано од Хормузд Расам во име на Британскиот музеј. Речиси ништо не било соодветно документирано.
Првата систематска збирка на урартски натписи, а со тоа и почетокот на урартологијата како специјализирана област датира од 1870-тите, со кампањата на Сер Арчибалд Хенри Сејс. Германскиот инженер Карл Сестер, кој го открил наоѓалиштето на планината Немрут, собрал повеќе натписи во 1890/1. Валдемар Белк ја посетил областа во 1891 година, откривајќи ја стелата Руса. Понатамошната експедиција планирана за 1893 година била спречена од турско-ерменските непријателства.Откако Белк бил постојано напаѓан од Курди при ископувањата, Вилхелм II дипломатски интервенирал султанот Абдул Хамид II да му исплати на Белк сума од 80.000 златни марки како репарација. За време на Првата светска војна, регионот околу езерото Ван за кратко бил под руска контрола. Во 1916 година, руските научници Николај Јаковлевич Мар и Јосиф Абгарович Орбели, ископувајќи во тврдината Ван, откриле стела со четири лица. Во 1939 година Борис Пјотровски кој копал кај Кармир Блур, го открил Тејшебаи, градот на богот на војната, Тејшеба.
На 12 ноември 2017 година, било објавено дека археолозите за време на подводните ископувања околу езерото Ван во Турција откриле урнатини од урартски замок. Замокот датира од 8 или 7 век п.н.е. [33]
Економската структура на Урарту била слична со другите држави од античкиот свет, особено со онаа Асирија. Државата била во голема мера зависна од земјоделство за кое била потребна централизирана иригација. Посебните територии во рамките на државата морало да плаќаат даноци на централната власт: жито, коњи, бикови итн. Во мирнодопски услови, Урарту веројатно активно тргувал со Асирија каде продавал говеда, коњи, железо и вино.
Урартскиот пантеон најверојатно бил мешавина од хуриски, акадски, ерменски и хетитски божества.[34]
Урартскиот пантеон го предводеле три божества: Халди (врховен бог), Теиспас (Тејшеба, бог на громот и бурите, и понекогаш на војната) и Шивини (бог на сонцето). Нивниот крал истовремено бил и врховен свештеник или пратеник од Халди. Некои храмови посветени на Халди биле дел од комплексот на кралската палата, а други биле независни структури.
Со проширувањето на територијата, многу богови обожувани од освоените народи биле инкорпорирани во урартскиот пантеон. Главни богови и божици од урартскиот пантеон биле: [35]
Халди не бил урартски бог, туку бил акадско божество (што ја објаснува местоположбата на главниот храм за обожавање на Халди во Мусасир, за кој се верува дека бил во близина на денешниот град Равандиз во Ирак ).[36] Култот кон Халди се чини дека бил воведен за време на владеењето на Ишпуини.[36]
Многу од боговите споменати на Портата кај Мер можеби имаат ерменско потекло,[34] како Ара (или Арваа), [37] и можеби божицата Селарди (иако постои забуна околу полот и името на ова божество, некои сметаат дека се вика Меларди). [37] [38] [39]
Се претпоставува дека урартскиот пантеон одговара на планинските врвови сместени во Ерменските Висорамнини.[40]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.