From Wikipedia, the free encyclopedia
Стокхолмски Архипелаг — најголем архипелаг во Шведска кој се наоѓа во Балтичкото Море кај градот Стокхолм, и е втор по големина архипелаг во Балтичко Море (најголемиот ѝ припаѓа на Финска).
Водата има pH вредност 7 (што значи дека е неутрална) или нешто пониска, споредено со pH вредноста на морската вода која изнесува 8,0. Присуството на органски примеси, како што се хумус, тресет, јаглен и други, ја прави водата да биде кафеаво обоена, посебно кон внатрешните делови од архипелагот. Соленоста варира меѓу слатководна вода и морска вода и е со слаб салинитет. На надворешните делови од архипелагот, соленоста достигнува вредност до 0,6-0,7 % (споредено со соленост на океанската вода која изнесува 3,0%), а за компарација, водата почнува да станува солена по вкус кога соленоста изнесува 1,5%.[1]
Стокхолмскиот Архипелаг почнал да се формира пред околу 800 милиони години, кога дното на Балтикот почнало да се подига. Денес овој архипелаг брои околу 30000 острови, островчиња и гребени, од кои околу 6200 острови се поголеми и се со вкупна површина од 2000 км2.[2] Архипелагот се наоѓа околу 60 км према исток од Стокхолм. Положбата му е во насока север-југ, со должина околу 150 км, почнувајќи на север од островот Архолм сѐ до островот Ландсорт на југ, и главно ја следи крајбрежната линија од покраината Седерманланд и покраината Упланд. Ширината на архипелагот изнесува 80 км и се протега од Стокхолм на запад, до малиот архипелаг Свенска Хагарн на исток. Архипелагот е одвоен од Оландските острови кои ѝ припаѓаат на Финска со канал наречен Јужен Кваркен. Поважни острови се: Даларо, Финхамн, Тринда, Хусаро, Ингаро, Љустеро, Моја, Родолга, Уго, Свартсо и Времде.
Поголемите градови (освен Стокхолм) се: Нинесхамн, Ваксхолм и Нортеле. Селото Итерби, кое се наоѓа на островот Ресаре од Стокхолмскиот Архипелаг, многу им е познато на хемичарите, поради исклучително богатите рудници со ретки елементи како што се: итриј, тербиум, ербиум, и итербиум и ретки минерали.
Низ архипелагот поминуваат бродски рути кон Стокхолм. Постојат три главни влеза, достапни за тешки товарни бродови и тие се кај Ландсорт, Сандхамн и Седерарм.
Стокхолмскиот Архипелаг, како и крајбрежниот долински пејзаж, бил обликуван во последното ледено време, а геолошкото формирање трае и денес.[3][4] Денешните контури датираат од времето на Викинзите. Островите се зголемуваат околу 3 мм секоја година. Во 1719 година островите броеле околу 2900 жители, кои главно се занимавале со риболов. Денес островите се популарно одредиште за одмор и рекреација, со околу 50.000 изградени куќи и викендици за одмор главно од Стокхолмѓаните. Фондацијата „Стокхолм архипелаг“ е посветена на зачувување на природата и културата на архипелагот и поседува околу 15% од површината на островите.
Жителите на островите од околу средината на 15 век, па сѐ до крајот на Втората светска војна, биле рибари и земјоделци. Пролетно-есенскиот риболовот, меѓу 1450 година па сѐ до средината на 1800 години, бил најинтензивен на надворешните делови од архипелагот, поради што риболовците во тој период останувале токму во тие делови од островите, а вон риболовната сезона се враќале назад во внатрешните делови од архипелагот каде им биле домовите. Стопанството кое се засновало на риболов и земјоделство се одржало сѐ до 1950-1955 година. Потоа, помладите, повоени генерации почнале да ги напуштаат островите и да бараат работа во градовите на копното. Денес, најголем број од малите фарми на островите се напуштени, а риболовот и рибарската преработувачка индустрија скоро се згаснати.
Многу поети, писатели и уметници биле фасцинирани од овие острови. Меѓу нив познати се: Август Стриндберг, Туре Нерман, Роланд Свенсон, Ернест Дидринг и Алистер Кроули. Членовите на познатата светска поп група АББА, Бјорн Улвеус и Бени Андерсон, многу од своите песни ги компонирале во својата викендица сместена токму на овие острови.
Едрењето е посебно популарна активност на островите. Позната е трката (шведски: Ornö runt) со едрилици околу Орно - најголемиот остров во архипелагот. Оваа трка се одржува секоја година почнувајќи од 1973 година, и ја организира клубот „Tyresö Boat Club“. Натпреварот е од отворен тип т.е. нема потреба од регистрација и може да учествува секој кој има едрилица. Постојат повеќе типа трки, а тие со семеен карактер се најмалку конкурентни.
Лизгањето на мраз е можно во тек на зимата кога се создава цврст слој од мраз на површината.
Посета на поголемите острови на архипелагот е можна преку цела година, но во тек на зимскиот период одредени рути зависат од зимските услови. Неколку туристички компании имаат редовни тури, а компанијата со најголем број на бродови е државна и е во сопственост на Стокхолм округот. Постојат и такси бродови за превоз. Во летниот период архипелагот е преплавен со приватни бродчиња полни со патници, кои имаат право (дозволено со закон) да се закотват било каде на островите, само да не е во непосредна близина на куќи.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.