From Wikipedia, the free encyclopedia
Скратифлација (англиски: shrinkflation) или намалување на пакувањето[2] — процес на намалување на големината или количината на артиклите, или дури понекогаш преформулирање или намалување на квалитетот,[3] додека нивните цени остануваат исти или се зголемуваат.[4][5] Зборот е стопеница на зборовите скратување и инфлација. Првата употреба на поимот „скратифлација“ на англиски јазик со неговото сегашно значење ѝ се припишува на економистката Пипа Малмгрен, иако истиот поим претходно го користел историчарот Брајан Домитровик за економија што се намалува, а истовремено трпи висока инфлација.[6]
Скратифлацијата им овозможува на претпријатијата да ја зголемат својата оперативна маржа и профитабилност со намалување на трошоците додека го одржуваат обемот на продажба, и често се користи како алтернатива за зголемување на цените во согласност со инфлацијата.[7] Здруженијата за заштита на потрошувачите ја осудуваат оваа практика.
Скратифлацијата е пораст на општото ценовно рамниште на стоките по единица тежина или зафатнина, предизвикано од намалувањето на тежината или големината на продадениот предмет. Цената за едно парче од пакуваниот производ останува иста или дури може да се зголеми. Ова понекогаш не влијае на мерите на инфлацијата, како што се потрошувачкиот ценовен показател или малопродажниот ценовен показател, односно може да не ја зголеми цената на потрошувачката кошница со малопродажни стоки и услуги, но многу показатели за ценовните рамништа, а со тоа и инфлацијата се поврзани со единиците за зафатнина или тежина на производите, така што скратифлацијата влијае и на статистички претставените показатели на инфлацијата.
Застапниците на потрошувачите се критични за скратифлацијата бидејќи тоа има ефект на намалување на вредноста на производот и тоа „скришум“.[8] Намалувањето на големината на пакувањето е доволно мало за да не биде веднаш воочливо за редовните потрошувачи.[9] Непроменетата цена значи дека потрошувачите не се предупредени за повисоката единична цена. Практиката негативно влијае на способноста на потрошувачите да направат информиран избор за купување. Утврдено е дека потрошувачите повеќе ги одвраќаат поскапувањата отколку намалувањето на големината на пакувањето. Добавувачите и трговците на мало се повикани да бидат на страната на корисниците. Според Ратула Чакраборти, професор по деловен менаџмент, тие треба да бидат законски обврзани да ги известат купувачите кога ќе се намали големината на пакувањата.[10] Корпоративните тела го оттргнуваат вниманието од намалувањето на производот со пораките „помалку е повеќе“, на пример со тврдење за здравствени придобивки од помали порции или еколошки придобивки од помалку пакување.[7]
Во 2023 година францускиот малопродажен синџир Карфур почнал да ги предупредува своите корисници за овие практики.[11][12]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.