Симон Аспелин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Симон Аспелин (11 мај 1974) е поранешен професионален тенисер во игра на парови од Шведска. Тој станал професионалец во 1998 година. Неговиот успех главно бил во игра на двојки, освојувајќи 12 титули и стигнувајќи до светскиот број 7 во март 2008 година. Во категорија на машки двојки, Аспелин го освоил Отвореното првенство на САД во 2007 година и сребрениот медал на Летните олимписки игри 2008 година.
Незаборавен дел од кариерата на Аспелин бил кога тој и партнерот во двојки Тод Пери играле во четвртфиналето за мажи на првенството Вимблдон во 2006 година како осми носители во двојки против третите носители на тој турнир Марк Ноулс и Даниел Нестор. Ноулс и Нестор го добиле тој натпревар и резултатот во последниот сет бил 23 : 21.
На Отвореното првенство на САД во 2007 година, кога Аспелин со својот партнер Џулијан Ноул биле десетти носители, го постигнал најголемиот успех во својата кариера со освојувањето на УС Опен. Тоа бил неговиот прв Грен слем во кариерата. Во првите две кола победиле против Кубот/Скоч, а против Калери/Хорна буквално се прошетале низ натпреварот. Во третото коло продолжиле со добра игра и ги збришале осмите носители Џонатан Ерлих и Енди Рам. Во четвртфиналето, тие ги шокирале првите носители Боб и Мајк Брајан, откако претходно само неколку седмици имале загубено од нив. Во полуфиналето, тие се спротивставиле на нерангираните Жулиен Бенето и Николас Махут. Во финалето Аспелин и неговиот партнер ги победиле деветите носители, Павел Визнер и Лукаш Длоухи.Аспелин претходно никогаш не стигнал до полуфинале на еден Грен слем. Оваа победа ги ставила на позицијата бр. 5 во АТП листата за играчи во двојка во машка конкуренција, а исто со овој резултат Аспелин се искачил на 13то место на АТП листата во поединечна конкуренција. Неговиот рекорд во Дејвис купот во март 2009 година бил 3–5 (победи и одиграни) во двојки. Друг забележителен настап во 2007 година му бил финалето во Шангај против Ноулс/Нестор на тенискиот Мастерс куп кое го играл во пар со Џулијан Ноул. На Летните олимписки игри 2008 година, тој и неговиот колега Швеѓанецот Томас Јохансон ги победиле француската двојка Михаел Лодра и Арно Клемент со 7–6, 4–6, 19–17 во полуфиналето од турнирот. Натпреварот траел 4 часа и 46 минути. На крајот тие го освоиле сребрениот медал губејќи во финалниот натпревар.
Пред неговата професионална кариера, Аспелин се натпреварувал вкупно четири сезони на Универзитетот Пепердајн, во Малибу, Калифорнија. Еден е од само двајцата тенисери што заработиле сеамерикански статус во сите четири сезони на натпревари[1] и бил примен во Куќата на славните Пепердајн во есента 2010 година.
Во мај 2011 година, тој бил примен во Куќата на славните ИТА (интернационална тенисерска асоцијација).
Во јули 2011 година, Аспелин објавил дека се повлекува од професионалниот тенис. Тој го одиграл својот последен турнир во Бастад, каде стигнал до финалето, но не успеал да ја освои својата тринаесетта АТП титула.[2][3]