Сетилен систем
From Wikipedia, the free encyclopedia
Сетилен систем — дел од нервниот систем кој овозможува добивање на информации од надворешната средина, преку специјални рецептори во периферијата, и пренос на тие информации низ серија од неврони и синаптички релеа до централниот нервен систем (ЦНС).[1] За некои од информациите кои се обработуваат од сетилниот систем животинскиот организам е свесен, а за некои не. Секогаш кога информацијата доаѓа до свеста за неа се вели дека е чувство, чувствена информација или сензација. Распознавањето на значењето на чувството се нарекува перцепција. Секој различен тип на чувство кое животното го доживува (допир, звук, болка, топло, ладно итн) се нарекува модалитет на чувството.[1]
Сетилниот систем е составен од три дела: 1) сетилни рецептори, структури кои ги примаат информациите од надворешната или внатрешната околина; 2) нервни патишта, кои ги пренесуваат информациите до специјални делови од кората на големиот мозок; и 3) центри во кората на големиот мозок каде се анализираат примените информации.[2] Сетилните рецептори се периферните делови на сетилниот систем. Природата на рецепторите варира од еден до друг сетилен модалитет. Рецепторите за вид, слух и вкус се специјализирани епителни структури, а соматосетилните и олфакторните рецептори се завршетоци на невроните од прв ред.[3] Независно од разликите кај рецепторите, нивната функција е иста: да ја претворат енергијата на стимулусот (електромагнетни бранови, притисок, звук, итн) во електрохемиска енергија по пат на процес наречен сетилна трансдукција.[1] Процесот започнува со деполаризација или хиперполаризација на сетилниот рецептор. Бидејќи овие промени се промени на мембранскиот потенцијал, тие се наречени рецепторски или генераторски потенцијал.[1]
Доколку рецепторот е нервен завршеток, рецепторскиот потенцијал ќе предизвика појава на дејствен потенцијал на местото на првиот Ранвиеров јазол. Доколку рецепторската мембрана се наоѓа на одвоена специјализирана рецепторска клетка, тогаш од неа се ослободува невротрансмитер, кој дифундира во вонклеточната течност меѓу рецепторната клетка и аферентниот неврон и се врзува за посебно место на мембраната на аферентниот неврон (соодветен рецептор за тој невротрансмитер, кој е мембранска белковина).[1][2] Ако промената на потенцијалот во аферентниот неврон е поголема од прагот на надразливост, се јавува дејствен потенцијал. Од висината на рецепторскиот потенцијал над прагот на надразливост ќе зависи честотата на дејствениот потенцијал, односно постсинаптичкиот потенцијал - повисокиот рецепторски потенцијал дава почести избивања на дејствениот потенцијал.[1]