Растителна заедница
From Wikipedia, the free encyclopedia
Растителна заедница или фитоценоза[1] — збир раститенија кој се одликува со еднороден видов состав, кој е одреден пред сè од условите на стаништето и односите на таа заедница со останатите заедници од животната средина и е способна за самостојно постоење.
Растителната заедница се јавува како условен поим поради две причини. Прво, една растителна заедница не може реално да постои доколку не заемодејствува со другите составни делови на биогеоценозата — зооценоза, микробоценоза, биотоп; и второ, според денешната широко распространета концепција на континуитет на растителната покривка, не постојат групации (заедници) од растенија. Имено, ова тврдење се основа на индивидуалистичката хипотеза, разработена од страна на рускиот научник Леонтиј Раменски и американскиот научник Хенри Глисон. Според оваа хипотеза, секој вид е специфичен во однос на своите еколошки особености (односи со животната средина) и поседува еколошка валенца (амплитуда) која не се совпаѓа целосно со валенцата на другите видови (видот е распространет "индивидуалистички"). Секоја заедница се состои од видови чии еколошки амплитуди се испреплетуваат во дадените услови на средината. При измена на било кој чинител или група на чинители, постепено се намалува абунданцијата (обилноста, бројноста), при што исчезнуваат едни видови, а се појавуваат други, чија абунданција се зголемува. На овој начин се остварува преод од еден тип на растителна заедница во друг. Како резултат на специфичноста (индивидуалноста) на еколошката амплитуда на секој вид, овие преоди не се одвиваат синхроно, така што при постепената измена на животната средина, растителноста исто така се изменува постепено. Поради овој образец, растителните заедници не образуваат јасно определени единици, туку се поврзуваат со претходните заедници во постојано варирачки систем.