![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/f/ff/Blausen_0221_CervicalDysplasia.png/640px-Blausen_0221_CervicalDysplasia.png&w=640&q=50)
Рак на грло на матка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ракот на грло на матка е рак со потекло од грлото на матката - цервиксот.[1] Настанува како резултат на абнормален раст на клетките кои добиваат способност да се шират и да инвадираат други делови од телото.[2] Раните стадиуми се обично асимптоматски. Подоцна се јавуваат симптоми како абнормално вагинално крварење, карлична болка или болка за време на полов однос.[1] Иако крварењето за време на полов однос може да биде вообичаена појава, во одредени случаи може да биде и знак за постоење на рак на цервикс.[3]
![]() | Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Рак на грло на матка | |
---|---|
![]() | |
Местоположба на рак на грло на матка и пример на нормални и абнормални клекти | |
Специјалност | Онкологија |
Се смета дека инфекција со Хуман папилома вирус (ХПВ) е вклучена во развојот на повеќе од 90% од случаите на цервикален рак;[4][5] сепак голем број од жените кои имаат ХПВ инфекција не развиваат ваков тип на рак.[6][7] Дргите ризични фактори вклучуваат пушење, ослабен имунитет, орална контрацепција, започнување со полов однос во рана возраст и поголем број на сексуални партнери.[1][8] Ракот на грлото на матката обично се развива од претходни преканцерозни лезии во временски период од 10 до 20 години.[6] Постојат неколку типови на рак на цервикс. Околу 90% се од типот на сквамозен карцином, 10% од типот на аденокарцином и помал број отпаѓа на други типови.[8] Дијагнозата се поставува вообичаено со скрининг процедури и биопсија. Имиџинг методи се користат за одредување на проширеноста на ракот.[1]
ХПВ вакцината дава заштита од два до седум високоризични типови на оваа фамилија вируси и може да превенира и до 90% од сите случаи на цервикален рак.[9][10][11] Но поради тоа што сè уште постои ризик препорачано е да се продолжи со постојани ПАП тестови.[10] Други мерки на превенција вклучуваат: сексуални односи со помал број на партнери и задолжителна употреба на презервативи.[12] Скринингот со ПАП тест може да ги идентификува преканцерозните промени кои правилно лекувани го превенираат развојот на цервикален рак.[13] Лекувањето на цервикален рак се состои од комбинација на хируршки методи, хемотерапија и радиотерапија.[1] Стапката на пет годишно преживување во САД е 68%.[14] Исходот најчесто зависи од стадиумот во кој ракот се наоѓа во моментот на негово откривање.[8]
На глобално ниво, ракот на грлото на матката е на четврто место на најчест тип на рак и на најчеста причина за смрт од рак кај жените.[6] Во 2012 биле проценети 528,000 случаи на цервикален рак и 266,000 случаи на смрт од цервикален рак.[6] Ова претставува околу 8% од вкупните случаи на рак и случаи на смрт од рак.[15] Приближно 70% од сите случаи се јавуваат во земји во развој.[6] Во неразвиените држави е најчестата причина за смрт од рак,[13] а во развиени земји, распространетата програма за скрининг значајно ја редуцира инциденцата на појава.[16] Најпознатата клеточна линија што се користи во медицинските истражувања позната како ХеЛа е добиена од клетките на цервикалниот рак на Хенриета Лакс.[17]