Преобразба на Отоманското Царство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Преобразба на Отоманското Царство — период во историјата на Отоманското Царство од околу 1550 до околу 1700 година, што се протега приближно од крајот на владеењето на Сулејман Величествениот до Договорот од Карловци на крајот на Војната на Светата лига. Овој период се одликува со бројни драматични политички, социјални и економски промени, кои резултирале со префрлање на царството од експанзионистичка, патримонијална држава во бирократско царство засновано на идеологија за почитување на правдата и дејствување како заштитник на сунитскиот ислам[1]. Овие промени во голем дел биле поттикнати од серија политички и економски кризи во доцниот 16 и почетокот на 17 век[2][3], кои биле резултат на инфлацијата, војните и политичкиот фракционеризам[4]. Сепак, и покрај овие кризи, царството останало силно и политички и економски[5], и продолжило да се прилагодува на предизвиците на светот што се менува. 17 век некогаш бил окарактеризиран како период на опаѓање за Османлиите, но од 1980-тите историчарите на Отоманското Царство сè повеќе ја отфрлаат таа одлика, идентификувајќи ја како период на криза, адаптација и преобразба[6].
Во втората половина на 16 век, Отоманското Царство се нашло под зголемен економски притисок поради зголемената инфлација, која потоа влијаела и на Европа и на Блискиот Исток. Демографскиот притисок во Анадолија придонел за формирање на банди, кои до 1590-тите се соединиле под локалните воени лидери започнувајќи серија судири познати како Џелали. Отоманската фискална несолвентност и локалниот бунт заедно со потребата да се натпреваруваат воено против нивните ривали Хабсбурговците и Сафавидите создале тешка криза. На тој начин, Османлиите преобразиле многу од институциите кои претходно го дефинирале царството, постепено разградувајќи го Тимарскиот систем со цел да се подигнат модерни армии на мускетари и четирикратно ја зголемиле големината на бирократијата со цел да се олесни поефикасно собирање на приходите. Во Цариград, промените во природата на династичката политика довеле до напуштање на отоманската традиција на кралско братоубиство и до владин систем кој многу помалку се потпирал на личниот авторитет на султанот. Други личности играле поголеми улоги во владата, особено жените од царскиот харем, за кои голем дел од овој период често се нарекува Султанат на жените. Променливата природа на султанската власт довела до неколку политички пресврти во текот на 17 век, додека владетелите и политичките фракции се бореле за контрола над царската влада. Во 1622 година, султанот Осман II бил соборен со јаничарско востание. Неговиот последователен регицид бил санкциониран од главниот судски функционер на царството, покажувајќи намалена важност на султанот во отоманската политика. Сепак, приматот на османлиската династија како целина никогаш не бил доведен во прашање. Од султаните од 17 век, Мехмед IV бил најдолго на престолот, владеејќи 39 години од 1648 до 1687 година. Царството доживеало долг период на стабилност под неговото владеење, предводено од реформски настроената фамилија на големи везири Ќопруловци. Ова се совпаднало со периодот на обновени освојувања во Европа, освојувања кои кулминирале со катастрофалната опсада на Виена во 1683 година и падот на семејството Ќопруловци. По битката била составена коалиција на христијански сили за борба против Османлиите, што довело до падот на Отоманска Унгарија и нејзино припојување од Хабсбурзите за време на Војната за Светата лига (1683–99). Војната предизвикала уште една политичка криза и ги поттикнало Османлиите да спроведат дополнителни административни реформи. Со овие реформи се ставило крај на проблемот со финансиската неликвидност и преобразба од патримонална во бирократска држава станала трајна.