![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/c/c6/Pandora_Loison_cour_Carree_Louvre.jpg/640px-Pandora_Loison_cour_Carree_Louvre.jpg&w=640&q=50)
Пандора
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во старогрчката митологија, Пандора (на старогрчки Πανδώρα, што доаѓа од зборовите πᾶν “сè” и δῶρον “дарба”, “сè-надарена”) била првата жена. Според грчкиот поет Хесиод, Пандора била создадена така што секој од грчките богови й давал необични дарби. Како дел од казната на човештвото поради откривање на тајната за огнот, Зевс му наредил на Хефест да ја обликува Пандора од земја, а сите богови й давале “примамливи дарби”.[1] Другото име на Пандора, напишано покрај нејзината фигура на киликс со бела основа во Британскиот музеј, е Анесидора, “онаа која испраќа подароци оддолу во земјата”. Според митот, Пандора отворила ќуп (pithos), денес преведен како “Пандорината кутија” (види подолу), и ги ослободила сите зла на човештвото (освен чумата и болестите, злата не се детално наведени од страна на Хесиод), оставајќи ја само надежта внатре во ќупот откако го затворила. Пандора го отворила ќупот од љубопитност, тоа не бил злонамерен чин.
![]() | Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
![](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/c/c6/Pandora_Loison_cour_Carree_Louvre.jpg/640px-Pandora_Loison_cour_Carree_Louvre.jpg)
Митот за Пандора е многу стар, се појавува во неколку различни грчки верзии, а протолкуван е на многу начини. Сепак, во сите книжевни верзии митот е еден вид учење на теодицејата, поставувајќи го прашањето зошто постои зло во светот. Во седмиот век п.н.е., Хесиод, во своите поеми Теогонија (само накратко, без отворено да ја именува Пандора, стих 570) и Дела и Денови, ја пишува првата книжевна верзија на приказната за Пандора; сепак, грниња и урни со благодати и зла за човечкиот род се споменувале уште пред тоа, во Хомеровата Илијада:
Бесмртните не знаат за грижи, та сепак судбината што му ја пишуваат на човекот е полна со болка и тага; на подот на платата на Зевс стојат две урни, едната полна со лоши дарови, а другата со добри. Оној на кој Зевс, господарот на громот, ќе му даде мешани дарови, ќе види и среќа и малер; но оној на кој Зевс ќе му испрати само лоши дарови, ќе биде изложен на потсмев и омаловажување, ќе гладува до крајот на постоењето на овој свет, ќе се крева и ќе паѓа и нема да биде почитуван ни од боговите ни од луѓето.