Пандемија на КОВИД-19 во Македонија
вирусна епидемија на КОВИД-19 во Македонија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Пандемијата на КОВИД-19 во Македонија започнала кон крајот на февруари 2020 година. Првиот дијагностициран случај во земјата била жена која го добила вирусот во Италија и таму ја поминала инкубацијата. Бројот на заразени започнал интензивно да се искачува од почетокот на март. Кон крајот на јули бројот на заболени во Македонија, броејќи од почетокот на пандемијата, достигнал 10 илјади.
Заболување | КОВИД-19 |
---|---|
Вирусен сој | SARS-CoV-2 |
Место | Македонија |
Прв случај | Скопје |
Настапила | 26 февруари 2020 |
Потекло | Вухан, Кина преку Италија |
Досегашни случаи | 341.404[1][2] |
Тековни | 1.032 |
Излечени | 330.866 |
Мртви | 9.506 |
Службен портал | |
koronavirus.gov.mk |
Државните установи ги донеле првите позначајни мерки за спречување од ширењето на вирусот на 10 март, затворајќи ги сите образовни установи и забранувајќи ги јавните настани. На 13 март поради големиот број на заразени и можноста за ширење на вирусот, била прогласена кризна состојба во соседните општини Дебар и Центар Жупа. Тие практично биле ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со задолжување на војската.
По предлог на техничката влада, вечерта на 18 март од страна на претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата била воведена вонредна состојба на целата територија, така што било првпат во историјата на државата да се воведе оваа мерка.
Пандемијата ја зафатила Македонија во време кога Собранието е распуштено поради распишувањето на предвремени парламентарни избори кои се одржале на 15 јули, а извршната власт до тогаш ја има техничка влада. Оваа влада предводена од Оливер Спасовски, првично составена за спроведување на изборите, практично го пренасочила својот мандат во справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја добила и законодавната власт.