Палестинска војна (1947-1949)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Палестинската војна од 1947 до 1949 година, во Израел позната како Војна на независноста (на хебрејски: מלחמת העצמאות) или Ослободителна војна, а на арапски како ал-Накба (на арапски: النكبة, Катастрофа или Несреќа), се водела на територијата на Палестина под британска управа. Таа е првата од низата војни кои се одвивале во рамките на Израелско-палестинскиот конфликт, дел од поширокиот Арапско-израелски конфликт.
За време на војната Британската Империја се повлекла од Палестина која, пред британската окупација во 1917 година, била ејалет на Отоманското царство. Војната кулминирала со воспоставувањето на Држава Израел од страна на Евреите, и проследило целосна демографска трансформација на Палестина со раселувањето на околу 700.000 Палестинци (Арапи) и целосното уништување на повеќето нивни села и градови.[1]
Територијата која пред војната била под британска управа била поделена меѓу Државата Израел, која зазела околу 78% од истата, Кралството Јордан (тогаш познато и како Трансјордан), кое ја освоило и подоцна анектирало областа позната како Западен Брег, и Египет, кој го зазел Појасот Газа, територија крај брегот на Средоземното Море, каде била воспоставена т.н. Сепалестинска управа.