Општини во Македонија
првостепена административна единица на Македонија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Општините во Македонија се административни единици од прв степен. Во август 2004 година, а дополнително во 2013, Македонија била реорганизирана на 80 општини од кои 10 го сочинуваат Градот Скопје, кој е посебна единица на локална самоуправа.
Во периодот од 1996 до 2004 година Македонија имала 123 општини, а со последната административна поделба бројот се намалил. Така, дел од општините останале непроменети, а дел биле споени со поголеми општини. По број на население и според пописот од 2002 година, најголема општина во Македонија е Куманово со 105.484 жители, а најмала е Вевчани со 2.433 жители. По површина, најголема општина е Прилеп која има 1.194 км2, а најмала е Чаир со површина од 3,5 км2.
Административната поделба на Македонија била сменета во 2013 година. Во 2013, по локалните избори на 24 март, општините Другово, Вранештица, Зајас и Осломеј престанале да постојат и биле припоени кон Кичево. Така бројот на општини од 84 се намалил на 80. Покрај општините, административно Македонија е поделена и на 8 плански региони, но тие не се сметаат за првостепена административна поделба, туку како плански региони за развој.