From Wikipedia, the free encyclopedia
Они (јап. [鬼], [おに] ) се еден вид на јоокаи, демони, огари или тролови од јапонскиот фолклор. Тие обично се прикажуваат како огромни фигури од чија глава се израснати еден или повеќе рогови. Стереотипно, тие се претставени со црвена, сина или бела боја на кожа, облечени во слабинска крпа (гаќи што ги покриваат гениталиите и слабината, но не и задникот) или тигарско крзно и носат железни канабоо палки.
Тие се популарни ликови во јапонската уметност, книжевност и театар,[1] и се појавуваат како типични негативци во добро познатите бајки на „Момотаро“ (Прасково момче), „Иссун-бооши“ и „Кобутори Џиисан“.
Описите на јоокаи они се разликуваат во голема мера, но обично се прикажуваат како гнасни, гигантски суштества слични на огари со еден или повеќе рогови кои излегуваат од нивните глави,[2] и со остри канџи и растурена коса.[3]
Тие се често прикажани облечени во гаќи од одрана кожа на тигар, носејќи железни палки наречени канабоо (金棒 ).[2] Овој приказ доведува до изреката „они (монструм) со железна палка“ (鬼に金棒 , они-ни-канабоо), што кога се вели за некого значи да се биде непобедлив.[4][5]
Нивната кожа е претставена со голем број на бои, но црвената, сината и зелената боја се особено чести.[6][7] Тие понекогаш се прикажани и со црна или жолта кожа.[2]
Повремено, прикажувани се и со трето око на челото,[2][8] или со дополнителни прсти на дланките или стапалата.[9]
Во една стара етимологија за зборот „они“ е дека тој произлегува од слогот „он“, т.е. кинеското „он'јоми“ читање на знакот (隠) што значи „да се сокрие или прикрие“, поради тоа што они суштествата имаат тенденција „да се кријат зад нештата или не сакаат да се појават“. Ова објаснување се наоѓа во речникот од X век Уамјоошоо, во кој е запишано дека они во тоа време имало различно значење, дефинирано како „душата/духот на мртвите“.
Знакот за они, 鬼 (пинјин: гуи; јитпинг: гуаи2) на кинески значи исто така мртов или дух на предците, но не нужно злобен дух.[2] Според тоа, кинеското (таоистичкото) потекло за концептот за они е предложено од Такахаши Масааки .[10]
Они биле синкретизирани со хинду-будистичките суштества како што се човекојадците јакша и ракшата, кои станале они кои ги измачуваат грешниците и го чуваат Џигоку (пеколот),[11] спроведувајќи казни изречени од судијата на пеколот, кралот Јама (Енма Даиоо).[6] Гладните духови наречени „гаки“ (餓鬼 ) исто така понекогаш се сметаат за еден вид на они (знакот „ки“ 鬼, исто така, се чита како „они“). Соодветно на тоа, злобните души невозможни за рехабилитација се претвораат во они по смртта. Само најлошите луѓе се претвораат во они додека се живи, и овие се истите тие они кои ги предизвикуваат проблемите на луѓето што се претставени во народните приказни.[12]
Некои научници тврдат и дека они се целосно засебен концепт од будистичката митологија.[13]
Според кинескиот таоизам и езотеричниот Онмјоодоо, филозофијата на јин и јанг, насоката кон североисток се нарекува „кимон“ (鬼門, „демонска врата“) и се смета за несреќен правец низ кој минуваат злите духови. Врз основа на дванаесетте хороскопски животни на главните правци, кимон бил познат и како „ушитора“ (丑寅), или правецот на „Волот и тигарот“. Една од теориите е дека изгледот на они, роговите кои изгледаат како на тие на говедата и „гаќите“ од кожа на тигар, се развиени како визуелен приказ на темелен на овој термин.[14][15][16]
Храмовите често се градат свртени кон таа насока, на пример, Енрјаку-џи храмот бил намерно изграден на Хиеи планината која е во кимон (североисточната) насока од Кјото со цел да го чува главниот град, а слично на ова и Кан'еи-џи бил изграден кон таа насока од Едо замокот.[17][18]
Сепак, скептиците се сомневаат дека ова можело да биде првичната намена на храмот Енрјаку-џи, бидејќи храмот е основан во 788 г., шест години пред Кјото да постои како престолнина, и ако владејачката класа би била толку „фенг шуи“ ориентирана, последователната североисточна преселба на главниот град од Нагаока-кјоо во Кјото сигурно ќе била сметана за табу.[19]
Јапонските згради понекогаш можат да имаат вдлабнатини во L форма гледајќи кон североисток, за да се заштитат од напади од они. На пример, ѕидовите околу Империјалната палата во Кјото имаат засечени агли во таа насока.[20]
Традиционалниот обичај на фрлање грав за да се истераат они се практикува за време на фестивалот Сецубун во февруари. Фестивалот ги вклучува луѓето како исфрлаат печена соја надвор од своите домови извикувајќи „Они уа сото! Фуку уа учи!“ („鬼は外!福は内!“ , „Излезете Они! Влезете Благослови!“)[16][21] Овој обичај прераснал во средновековниот ритуал „циуна“ (кинески:нуо) или они-јараи, обред извршен на крајот на годината за да се избркаат Они духовите.[16]
Регионално во Тотори префектурата во текот на оваа сезона, амајлии направени од лисја од божиковина и исушени глави од сардини се користат како заштитник од они.[22]
Во Јапонија постои и познатата игра наречена „они гокко“ (鬼ごっこ ) , што е иста како и играта „Ти бркаш!“ што ја играат децата во западниот свет. Играчот означен со „Ти!“ е наместо наречен „они“.[23][15]
Они се исто така прикажани во јапонските раскази за деца како што се „Момотаро“ (Прасково момче), „Иссун-бооши“ и „Кобутори Џиисан“.
Во поново време, Они изгубиле дел од својата оригинална „злоба“ и понекогаш заземаат позаштитничка функција. Мажите облечени во костими на Они честопати ги водат јапонските паради за да растеруваат каква било лоша среќа, на пример. Јапонските згради понекогаш вклучуваат кровни плочки со они лица, наречени „онигауара“ (鬼瓦 ), за кои се смета дека ја бркаат лошата среќа, слично на гаргојлите во западната традиција.[24]
Многу јапонски идиоми и поговорки, исто така, наведуваат на они. На пример, изразот „оја ни нину ко уа они но ко“ (親に似ぬ子は鬼の子 ) буквално значи „детето кое не личи на своите родители е дете на они“, и обично се користи од родителите за да ги укорат лошите деца.[5]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.