Мерлин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Мерлин — славен лик кој е најпознат како волшебникот од легендата за Артур. Општиот опис на овој лик најпрво се појавува во делото Historia Regum Britanniae од Џофри од Монмаут, напишано во 1136 г., а направено со соединување на претходни историски и славни ликови. Џофри ги споил постоечките приказни за Мирдин Вилт (Merlinus Caledonensis), северно-бритонски пророк и лудак што немал никаква поврзаност со кралот Артур, со приказните за романско-британскиот воен водач Амброзиј Аврелијан и од нив го создал ликот што го нарекол Мерлин Амброзиус (велшки: Мирдин Емрис).
Ликот којшто Џофри го направил, веднаш станал популарен, а особено во Велс. Подоцнежните писатели ја прошириле приказната за да создадат покомплетна слика за волшебникот. Традиционалната биографија на Мерлин го прикажува како камбион: роден од жена смртник, зачнат од инкубус, нечовечки извор од којшто ги наследува своите натприродни моќи и способности. Името на мајката на Мерлин обично не е наведено туку е дадено како Адхан во најстарата верзија на Проус Брут. Мерлин се преправа во стар мудрец и го помага раѓањето на Артур преку магија и интрига. Подоцнежните автори го опишуваат Мерлин како советник на кралот сè додека не биде маѓепсан и уапсен од страна на Дамата од езерото.