Мајски државен удар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Мајскиот државен удар бил пуч во кој биле убиени кралот Александар Обреновиќ и неговата сопруга, кралицата Драга Обреновиќ. По мајскиот пуч, на чело на Србија дошла династијата Караѓорѓевиќ. Пучот имал големо влијание врз односите меѓу Србија и европските сили, бидејќи Обреновиќ политички се потпирал на Австроунгарија, а Караѓорѓевиќ на Франција.
Самиот настан, убиството на кралот и кралицата, го извршиле група офицери и цивилни заговорници, предводени од офицерот Драгутин Димитријевиќ Апис. Тоа било ноќта помеѓу 28 мај и 29 мај 1903 година (според стариот календар). На истиот ден, 35 години претходно, во Кошутњак бил убиен принцот Михаило Обреновиќ. Најистакнатите заговорници, предводени од Апис, подоцна, со многу новодојденци, основале милитаристичка организација од сенка, наречена „Обединување или смрт“, позната и по неформалното име „Црна рака“.