![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/e/e4/Third_Shahi_Snan_in_Hari_Ki_Pauri.jpg/640px-Third_Shahi_Snan_in_Hari_Ki_Pauri.jpg&w=640&q=50)
Кумб Мела
хиндуистички верски фестивал во Индија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Кумб Мела или Кумба Мела (хинди: कुंभ मेला; од Кумб = „пехар“ и Мела = „фестивал“, односно „фестивал на пехарот“) ― најголем верски фестивал во хиндуизмот и во светот.[1] Фестивалот се одржува приближно на секои 12 години, при што хидуистичките верници ја слават завршената револуција на Брихаспати (Јупитер). Фестивалот се одржува на четири свети места: Прајаграј (сливот на реките Ганг, Јамуна и Сарасвати), Харидвар (Ганг), Нашик (Годавари) и Уџаин (Шипра).[1] [2] Фестивалот се обележува со ритуално капење во водите на реките, но исто така на самите места се одржуваат панаѓури, едукација на верниците, верски проповеди на свети лица, масовни собири на монаси и забави.[3] [4] Верниците сметаат дека со капење во овие реки се стекнуваат со прајаскита (искупување, покајание) за грешките од минатото,[5] и дека самиот чин ги прочистува од гревовите.[6]
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/e/e4/Third_Shahi_Snan_in_Hari_Ki_Pauri.jpg/640px-Third_Shahi_Snan_in_Hari_Ki_Pauri.jpg)
Фестивалот на различните места се одржува на секои 12 години врз основа на хиндуистичкиот календар и меѓусебната астролошка положба на Јупитер, Сонцето и Месечината. Временската разлика на фестивалите во Прајаг и во Харидвар е околу 6 години, и двете места имаат Маха (главна) и Арда (половина) Кумб Мела. Годините на одржување - особено за Кумб Мела во Уџаин и Нашик - биле предмет на несогласување во 20 век. Фестивалите Нашик и Уџаин се прославуваат во иста година или со едногодишна разлика,[7] обично околу 3 години по Алахабад / Прајаграџшката Кумб Мела.[8] На други места во многу делови на Индија, се оржуваат слични, но помали фестивали кои се нарекуваат Мага мела или Макар мела. На пример, во Тамил Наду, уште од античко време се одржувала Мага Мела со ритуално капење во вода. Овој фестивал се одржувал во резервоарот Махамахам (во близина на реката Кавери) на секои 12 години во Кумбаконам; на фестивалот присуствуваат милиони јужноиндиски Хиндуси и се вика Тамилска Кумб Мела.[9] [10] Други места каде се собираат верници со ритуали за капење има во Курукшетра,[11] [12] Сонипат, [13] и Панаути (Непал).[14]
Времетраењето на фестивалот Кумб Мела во зависност од местото на одржување трае од еден ден[15] до три месеци.[16] На секој од овие фестивали присуствуваат милиони верници; најголем собир има кај Прајашката Кумб Мела, а втор по големина е собирот во Харидвар.[9] Според Енциклопедијата Британика и информациите од индиските власти, на Кумб Мела во 2019 година присуствувале над 200 милиони Хиндуси, а 50 милиони биле забележани во само еден ден на фестивалот.[1] Фестивалот е еден од најголемите мирни собири во светот и се смета за „најголемото собирање на верници во светот“.[17] Фестивалот се наоѓа на Списокот на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.[18] Организаторите на Кумб Мела навеле дека најголема еднодневна посетеност на Кумб Мела имало на 10 февруари 2013 година кога присуствувале 30 милиони верници,[19] [20] и 50 милиони на 4 февруари 2019 година.[21] [22] [23]
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/d/db/Sagar_Manthan.jpg/640px-Sagar_Manthan.jpg)