From Wikipedia, the free encyclopedia
Конфуцијанство (кин. 儒学) — религија што ја основал кинескиот филозоф Конфуциј (551 - 479 п.н.е.) во кинеската покраина Шангтунг. Неговото подучување било во врска со моралот, добродетелта, природата и општественото уредување. Земји и култури кои се под силно влијание на конфуцијанството се Кина, Јапонија, Кореја, Тајван, Сингапур и Виетнам.
Конфуцијанството не се заснова врз верата во некој бог, туку врз следење на „Тао“ (патот), и учи дека мудроста на живеењето се состои од урамнотежениот живот, кој е во склад со природата. Значително место зазема култот кон предците и верата во духови.
Главна статија: Конфуциј
Конфуциј бил мудар филозоф од Кина, чие учење со векови е влијателно во Источна Азија. Неговите идеи не се прифатени додека бил жив, а тој самиот често се жалел дека не е ангажиран од ниеден феудален господар. Како што се случува и со други истакнати фигури, како Исус Христос, Сократ и Буда, Конфуциј не оставил зад себе ниеден напишан текст. Денешните текстови кои се поврзуваат со него се текстови запишани од неговите ученици. Најважната книга на конфуцијанството се нарекува „Аналекти“. Ова е уште повеќе искомплицирано со периодот на палење на книгите, за време на династијата Ќин во Кина, меѓу 213 и 206 г. п.н.е.
Првиот вистински конфуцијански систем е создаден од неговите ученици или од учениците на неговите ученици. Во текот на плодниот период на филозофијата во Кина, конфуцијанството го развиле во етичка и политичка доктрина личности како Менг-це и Сјин-це (да не се меша со Сун Це). Менг-це го збогатил ова учење со тврдењето дека природата на човекот во својата суштина е добра, за разлика од Сјин-це, кој го тврдел спротивното дека човечката природа е лоша и затоа е потребно да бидат учени и изложени на обреди.
Некои од учениците на Сјин-це, како Хан Феј и Ли Сји станале легисти (еден вид ран тоталитаризам, сосема различен од учењето на конфуцијанството).
Конфуцијанството онакво какво што опстојало до XIX и XX век, главно доаѓа од школите на неоконфуцијанството, предводено од Чу Сји. Неоконфуцијанството ги комбинира идеите на таоизмот и будизмот со постоечките конфуцијански идеи, и со тоа се претвора во покомплетен систем на метафизиката. Во исто време, многу форми на конфуцијанството историски се декларирале како спротивни на системот на верувања на будизмот и таоизмот.
За време на кинеската културна револуција (1949–1976), конфуцијанството е потиснато, но после тој период повторно е оживеан.
„ | Води ги луѓето со административни налози и постави ги на своите места со „кривичен закон“, и тие ќе ги избегнуваат казните, но нема да имаат чувство за срам. Води ги со одличност и постави ги на своите места со обреди, тогаш кај нив ќе се развие чувството за срам и самите ќе се доведат во ред. (Аналекти II, 3) | “ |
Погорниов цитат ја објаснува суштинската разлика меѓу легизмот и ритуализмот, како и меѓу европското и источноазиското општество.
Како што се случува со преводите на древни текстови, така и за овие текстови преводите се разликуваат во зависност од гледната точка на преведувачот. Некои преводи од XVIII век, поимот „обред“ го преведуваат со „ритуал“ во смисла на религиозно жртвување. Сепак, поимот „обред“ може да се сфати како изнаоѓање баланс меѓу спротивставени квалитети, кои инаку би воделе кон конфликт. Ритуалот ги дели луѓето на категории и гради хиерархиски врски преку церемонии и протоколи.
„ | Никогаш не им го прави на другите она што не би сакал тие да ти го направат тебе. | “ |
Едно од клучните концепти на конфуцијанството е: за да владееш со другите, прво треба да владееш со себеси. Ова натаму е развиено во првата од Четирите книги „Големото учење“, и тесно е поврзано со таоистичкиот концепт на ву веј: „Колку помалку кралот се труди, толку повеќе е сторено.“
Оваа идеја можеме да ја најдеме во шаманистичките верувања, како на пример дека кралот е оска меѓу небото, луѓето и Земјата.
Пресудно прашање во класичнотоконфуцијанство е отменоста, или „јунце“ (Chinese: 君子; буквален превод: „благородник“). Ги поттикнува сите луѓе да се стремат кон идеалот на „господинот“, „благородникот“, „совршениот човек“. Накратко описот на „совршен човек“ е оној кој е комбинација на квалитетите на светец, научник и вистински господин.
Најголем пример за совршен човек бил самиот Конфуциј.
Сјин-це во делот 22 од „Исправување на имињата“ изјавил дека древните мудри кралеви бирале имиња кои директно се во врска со реалноста, но подоцнежните генерации ја измешале терминологијата, исковале нова номенклатура и поради тоа веќе не можат да го одвојат правилното од погрешното. Самиот Конфуциј верувал дека општествениот неред е резултат на неуспехот да се сфати и да се живее во реалноста.
Повеќето религии се дефинираат како верба во еден или повеќе богови, организирано свештенство, верба во задгробен живот и воспоставени традиции. Според таквото дефинирање, конфуцијанството не е религија. Иако конфуцијанството може да вклучува обожување на предците, жртвување на духовите од предците и на апстрактно небесно божество, како и обожување или боготворење на древните кралеви, па дури и на самиот Конфуциј, сепак сите овие одлики ги наоѓаме како верувања во Кина далеку пред појавата на Конфуциј.
Општо земено, Кинезите и останатите народи од Источна Азија не го сметаат конфуцијанството за религија.
„Конфуцијанство“ на Ризницата ? |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.