Кмерско Царство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Кмерско Царство (кмерски: ចក្រភពខ្មែរ: Chakrphup Khmer или អាណាចក្រខ្មែរ Anachak Khmer) ― хинду-будистичко царство во Југоисточна Азија. Државата, која нејзините жители ја нарекувале Камбуџа, постоела од 802 до 1431 година на територијата на денешните држави Камбоџа, Виетнам, Тајланд и Лаос со центар во Ангкор. Историчарите овој период од историјата на Камбоџа го нарекуваат ангкорски период. Кмерското Царство управувало (или имало вазални држави под своја контрола) со поголемиот дел од континентална Југоисточна Азија,[1] а на север се протегало до Јужна Кина.[2][3] При својот врв, царството било поголемо од Византиското Царство, кое постоело во исто време.[4]
Кмерското Царство било основано во 802 година, кога кмерскиот принц Џајаварман II се прогласил за чакравартин (буквално „универзален владател“, титула еквивалентна на „цар“). Царството пропаднало откако сијамското кралство Ајутаја во 1431 година го освоило Ангкор; причините за падот на царството сè уште се предмет на научна дебата.[5]
Најголемо наследство на царството е наоѓалиштето Ангкор. Величествените споменици на Ангкор, како Ангкор Ват и Бајон, сведочат за огромната моќ и богатство на Кмерското Царство, импресивната уметност и култура, архитектонската техника, естетските достигнувања и разновидните системи на верување кои ги поддржувало своевремено. Со сателитски снимки било откриено дека Ангкор, за време на неговиот врв од 11-тиот до 13-тиот век, бил најголемиот прединдустриски урбан комплекс во светот.[4][6] Истражувачите, исто така, откриле дека Кмерското Царство го измислил првиот здравствен систем во светот, кој се состоел 102 болници.[7]