Инвазија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Инвазијата ― воена офанзива во која вооружени сили од еден геополитички субјект агресивно и насилно навлегуваат на територија која му припаѓа на друг таков субјект, обично со цел: освојување; ослободување или повторно воспоставување контрола или власт врз територијата; принудна поделба на земјата; менување на власта или добивање отстапки од таа влада; или одредена комбинација од претходно наведеното. Инвазијата може да биде причина за војна, да биде дел од поголема стратегија за завршување на војна или сама по себе може да претставува цела војна.
За планирање и изведување на инвазија обично е потребен значителен стратешки напор. Целите на инвазијата обично се големи и долгорочни и потребна е голема војска за задржување на освоената територија. По правило, тактички инфилтрации од помал обем не се сметаат за инвазија и најчесто се квалификувани како престрелки, рации или извидување во борба. По дефиниција, инвазија е напад извршен од надворешна војска. Затоа, востанија, граѓански војни, државни удари и други акти на насилство не се сметаат за инвазии.