![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/6/61/Flag_of_Yugoslavia_%25281946-1992%2529.svg/langmk-640px-Flag_of_Yugoslavia_%25281946-1992%2529.svg.png&w=640&q=50)
Знаме на Социјалистичка Федеративна Република Југославија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Знамето на втората Југославија (1945-1992, термин кој ги подразбира: Демократска Федеративна Југославија - ДФЈ, Федеративна Народна Република Југославија - ФНРЈ и Социјалистичка Федеративна Република Југославија - СФРЈ) претставува правоаголно поле со однос 2:1 (ширина:висина), поделено на три еднакви хоризонтални ленти обоени на следниов начин: најгорната сино, средната бело и најдолната црвено. Во центарот на знамето се наоѓа црвена петокрака ѕвезда која ја опфаќа целата бела лента, додека во сината и црвената навлегува само на по една третина од нивната висина. Петокраката е порабена со златно-жолта линија.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/8/8f/Flag_of_Yugoslavia_%281943%E2%80%931946%29.svg/640px-Flag_of_Yugoslavia_%281943%E2%80%931946%29.svg.png)
![](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/4b/FIAV_historical.svg/23px-FIAV_historical.svg.png)
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/6/61/Flag_of_Yugoslavia_%281946-1992%29.svg/640px-Flag_of_Yugoslavia_%281946-1992%29.svg.png)
![](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/4b/FIAV_historical.svg/23px-FIAV_historical.svg.png)
Симболиката на знамето е следнава: изборот на боите и нивниот распоред е направен врз основа на пансловенското знаме (кое е всушност идентично со основата на југословенското). Истиот факт е користен и при оформувањето на знамето на Кралството Југославија. Ова ја означувало природата на Југославија како заедница на јужнословенските народи. Од друга страна петокраката претставува симбол на државно-економскиот систем на Федерацијата - социјализам, како и стремежот за достигнување на неговиот највисок степен - комунизам. Златно-жолтиот раб може да е додаден од две причини: или по углед на петокраката на советското знаме или пак за да се раздвои црвената петокрака од позадината во црвената лента. Втората причина е поверојатна, бидејќи за време на НОБ, југословенските партизани го користеле истото знаме со таа разлика што петокраката стои само во белото поле и е без златно-жолт раб.
Постои и алтернативно толкување на боите на знамето: сината за Јадранското Море, белата за слободата и небото, црвената за крвта пролиена за време на НОБ, а петокраката, секако стремежот кон комунизам.
По распадот на СФРЈ во 1991-1992 година, Сојузна Република Југославија (a подоцна и државната заедница на Србија и Црна Гора) го задржува знамето, но од полето е отстранета петокраката ѕвезда.