Заздравување на рана
From Wikipedia, the free encyclopedia
Заздравување на рана или цикатризација е сложен процес во кој кожата (или друго ткиво на орган) закрепнува по повреда[1]. Кај нормалната кожа, епидермата (последниот слој) и дермисот (внатрешниот или подлабокиот слој) се урамнотежени и формираат заштитна бариера од надворешната средина. Нормалниот (физиолошки) процес на заздравување на раната започнува веднаш штом се скине заштитната бариера. Класичниот модел на заздравување на рани е поделен на три или четири последователни епати кои се вкрстуваат: хемостаза (некои автори не ја сметаат како фаза), воспалителна фаза, фаза на размножување и фаза на реконструирање. По настанатата повреда на кожата, група од сложени биохемиски елементи почнува да ја поправа штетата по организиран шаблон. По неколку минути од повредата, крвните плочки (тромбоцитите) се насобираат кај местото на повредата за да ја згрутчат крвта. Згрутчувањето го контролира активното крварење (хемостаза).
Абразија на раката | ||||
Приближно денови по повредата | ||||
0 | 2 | 17 | 30 |
При воспалителната фаза, бактериите и отпадоците се фагоцитозираат и отстрануваат, а се испуштаат фактори кои ја започнуваат миграцијата и делбата на клетките кои се дел од фазата на размножување.
Фазата на размножување се одликува со ангиогенеза, таложење на колаген, создавање на гранулациско ткиво, епителизација и собирање на раната. Кај ангиогенезата се формираат нови крвни садови од васкуларни ендотелни клетки. При фиброплазијата и формирањето на гранулациско ткиво, фибробластите растат и создаваат нов привремен вонклеточна матрица (ECM) со излачување на колаген и фибронектин. Во исто време, настанува повторна епитализација на епидермата при која епителните клетки се размножуваат и се редат над раната за да обезбедат заштита за новото ткиво.
При собирањето, раната се смалува поради дејството на миофибробласти кои ги зграпчуваат краевите на раната и се собираат користејќи механизам сличен како кај мазните мускулни клетки. Кога улогата на клетките е при крај, непотребните клетки се подвргнуваат на апоптоза. Во етапите на созревање и реконструирање, колагенот се реконструира и повторно се соединува долж линиите на лангер, а клетките кои повеќе не се потребни се отстрануваат со апоптоза.
Сепак, овој процес не е само сложен туку и кревок, а е подложен и на прекини или може да биде неуспешен со што доаѓа до формирање на хронични рани кои не заздравуваат. Фактори кои можат да влијаат на ова се дијабетесот, венска или артериска болест старост и инфекција.