From Wikipedia, the free encyclopedia
Дејан Савиќевиќ (роден на 15 септември 1966 година во Титоград, Црна Гора, СФР Југославија) — претседател на Фудбалската Федерација на Црна Гора и поранешен црногорски фудбалер.
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Со својата одлична техника и организација на игра стекнал многу обожаватели додека играше за Црвена Ѕвезда и Милан. По славната професионална кариера која траеше вкупно 19 години, исто како и краткиот и неуспешен ангажман како селектор во почетокот на XX век, тој се пренасочи кон административните работи станувајќи претседател на Фудбалската Федерација на Црна Гора, за време на летото 2004 година.
Уште како мал Дејан покажуваше склоност кон фудбалот и брзо го разви својот талент кон играта.
Савиќевиќ почна да игра фудбал летото 1981 година во младинските тимови на ОФК Титоград. Во тоа време имаше неполни 15 години што се смета за доста задоцнет почеток според професионалните фудбалски стандарди. Пред тоа, а дури и додека играше за ОФК Титоград, неговата активност со фудбалот се вртеше околу отворени турнири на бетонски и земјени површини со димензии кои се помали од оние на официјалното фудбалско игралиште. Бидејќи во Титоград во тоа време овој вид на мал фудбал беше многу популарен, се организираа многу турнири од полупрофесионален карактер во и околу градот. Иако беше премлад, Савиќевиќ играше за тим којшто беше составен од играчи од неговата улица (неформалното име беше Технохемија добиено по истоимениот спонзор) и тој многу брзо успеа да покаже дека е талентиран играч со одлична техника и контрола на топката.
За време на еднои пол годишниот престој во ОФК Титоград тој повремено настапуваше и со првиот тим, но воглавно играше во младинскиот состав. На инсистирање од страна на Милутин Фолиќ тогашниот главен тренер на фудбалскиот клуб Будуќност, во јануари 1983 година на 16-годишна возраст, Савиќевиќ се пресели на спротивната страна од градот во подобриот југословенски прволигашки клуб, фудбалскиот клуб Будуќност.
Од Јануари 1983 до летото 1984, покрај неколкуте настапи за првиот тим, младиот Савиќевиќ играше за младинскиот состав на Будуќност. Освен тоа, тој редовно настапуваше со Младинската репрезентација на Југославија исто како и со младинската селекција на СР Црна Гора (напоредно со идните истакнати професионални фудбалери како на пример Божидар Бандовиќ и Рефик Шабанаѓовиќ ) кои се натпреваруваа на годишните турнири против селекциите на другите Југословенски републики.
Летото 1984, во подготовките за претстојната сезона во Првата Југословенска Лига, новодојдениот главен тренер Јосип Дуванџиќ го назначи 17-годишниот Савиќевиќ за првотимец на сметка на застарената клупска легенда Анте Мироќевиќ кој во суштина беше принуден да се пензионира бидејќи му беше дадена позиција во тренерскиот персонал на клубот. Сезоната излезе дека е катастрофална бидејќи клубот едвај се избори за опстанок во лигата, додека на Дуванџиќ му беше даден отказ по само шест месеци на чело на клубот. Сепак лично за Савиќевиќ сезоната беше мал скок напред бидејќи забележа 29 прволигашки настапи, постигнувајќи 6 голови.
Пред почетокот на сезоната 1986/1987, тренерот Милан Живадиновиќ ја презеде контролата врз клубот и тимот започна многу добро, континуирано држејќи чекор, останувајќи во топ трите тима како што се одвиваше сезоната. Во втората половина од сезоната тимот на Будуќност го загуби здивот, завршувајќи на крајот на 7 место во лигата, но Савиќевиќ продолжи да ги зацврстува неговите организациски и голгетерски способности. Тој дебитираше за својата репрезентација во октомври 1986 година против Турција.
Од сезоната 1987/1988, поголеми тимови како што се Црвена Ѕвезда и ФК Партизан почнаа да покажуваат заинтересираност за неговите услуги, и Савиќевиќ наскоро достигна вербален договор за да премине во редовите на Црвена Ѕвезда. До крајот на март 1988 година, исто така и Хајдук Сплит се придружи во трката за неговиот потпис, и според тврдењата на Савиќевиќ, Хајдук Сплит ја понуди најголемата сума на пари од овие три тимови, но играчот сепак одлучи да го испочитува неговиот договор со Црвена Ѕвезда.
И така Савиќевиќ се придружи на шампионите во лигата ФК Црвена Ѕвезда предводена од 23-годишниот офанзивен играч од средниот ред Драган Стојковиќ кој веќе се утврди себеси за водач на тимот. Клубот дополнително го имаше супер талентираниот 19-годишен играч од средниот ред Роберт Просинечки исто како и моќна надежна “олраунд” екипа. По само неколку денови откако потпиша за ФК Црвена Ѕвезда, 21-годишниот Савиќевиќ точно на време доби повик да ја отслужи задолжителната воена должност која би го држела надвор од терените за целата првенствена сезона 1988/1989. Тогаш имаше многу шпекулации дека тајмингот на повикот за отслужување војска е одмазда од страна на ФК Партизан ( воен клуб со многу врски до високите воени служби ) врз играчот во врска со потпишувањето со нивниот најголем соперник. Служејќи во блиската касарна во Топчидер, државните власти му дозволија да игра на европските натпревари на ФК Црвена Ѕвезда и на репрезентативните натпревари. Уште еден играч кој се приклучи кон клубот истото лето е Дарко Панчев, 22-годишен напаѓач со огромно голгетерско искуство од ФК Вардар Скопје, кој исто така замина во војска веднаш по потпишувањето.
Савиќевиќ, служејќи го воениот рок во тоа време, дебитираше за ФК Црвена Ѕвезда во текот на септември 1988 во судирот против ирскиот шампион ФК Дундалк во Купот на Европските Шампиони, постигнувајќи го својот прв гол за својот клуб во победата од 3-0 во реванш натпреварот. Шест недели подоцна, Савиќевиќ настапи и во епскиот двобој од второто коло против Милан, одигран во три натпревари кон крајот на октомври и почетокот на ноември 1988 година. Тој одигра важна улога во првиот натпревар на Сан Сиро каде што Црвена Ѕвезда тешко се избори за нерешен резултат од 1-1 а вредниот гол на гости го постигна Драган Стојковиќ. Реванш натпреварот во Белград беше уште подинамичен откако Савиќевиќ со одличен удар го доведе својот тим во водство од 1-0, но германскиот судија Дитер Поли го прекина и го поништи натпреварот поради густа магла која го опфати градот. Реванш натпреварот се одигра веќе наредниот ден, со идентичен резултат од 1-1, водејќи го натпреварот кон пенал завршница, каде што Италијанците победија со 2-4 откако Савиќевиќ и Митар Мркела неуспеаја да ги реализираат нивните удари од белата точка.
Првата сериозна сезона на Савиќевиќ со ФК Црвена Ѕвезда беше сезоната 1989/1990. За време на вон сезоната летото 1989 година, тренерот Бранко Станковиќ беше отпуштен и како замена беше донесен Драгослав Шекуларац . Промената добро му годеше на Савиќевиќ, бидејќи тој и уште еден клучен играч Драган Стојковиќ никогаш не се согласуваа со Станковиќ . Савиќевиќ му помогна на ФК Црвена Ѕвезда да освои три последователни титули во домашното првенство во сезоните 1989/90, 1990/1991 и 1991/1992, два државни купови во 1990 и 1992 година, исто како и Купот на Шампионите на Европа и Интерконтиненталниот куп, и двата во 1991 година. Во 1991 година, по европскиот успех на ФК Црвена Ѕвезда, Савиќевиќ се најде на делба на второто место во гласањето за европски фудбалер на годината ( Ballon d’Or ). Во изборот на весникот Спорт, тој беше прогласен за најдобар спортист на Југославија.
Огромната контрола и визија на Савиќевиќ, ги убеди шампионите на Серија А Милан да ги обезбедат неговите услуги за 30 милиони германски марки ( 9.4 милиони фунти ) пред почетокот на сезоната 1992/1993 како дел од 34-те милиони фунти за трансфери кои Силвио Берлускони ги инвестираше во клубот тоа лето. На веќе ѕвездената екипа во текот на истиот трансфер период пристигнаа и играчите од светска класа, Жан-Пјер Папин (во тој момент најскап светски трансфер вреден 10 милиони фунти но само за неколку недели, сè додека Јувентус го купи Џанлука Вијали од Сампдорија за 12 милиони фунти ) Звонимир Бобан, Џанлуиџи Лентини ( уште еден најскап светски трансфер на Берлускони за 13 милиони фунти) и Стефано Еранио.
Така на Дејан му беше укажана можност да ги покаже своите способности во лигата кој претставуваше финансиски центар на европскиот клупски фудбал – лига каде што играа најдобрите фудбалери на светот. Во Серија А дебитираше на гости во Пескара на 13 септември 1992 година, два дена пред неговиот 26 роденден. Тој ден Милан победи со резултат од 4-5 на стадионот Adriatico.
Сепак неговата прва сезона за Милан под водство на тренерот Фабио Капело испадна прилично скромна, бидејќи настапи само на 10 натпревари во лигата, придонесувајќи 4 голови во успешната одбрана на титулата на Милан. Бидејќи трансферот на Савиќевиќ е повеќе на Берлускони отколку на Капело, тренерот прилично многу го игнорираше во текот на првата половина од сезоната. Ол-стар тимот на Милан во влијателниот Марко Ван Бастен веќе имаше креативен играч од средниот ред ,кој, кога не беше повреден беше приоритетната опција од страна на Капело низ поголемиот дел од сезоната. Дури 30-годишниот Руд Гулит кој сè повеќе стануваше маргинална фигура во Милан, под водство на Капело сè уште беше пред Савиќевиќ во изборот на тимот во поголемиот дел од времето. Како резултат на спроведувањето на правилото за тројца странци од страна на УЕФА во тоа време, Савиќевиќ често се наоѓаше себеси изоставен од екипата за време на натпреварите бидејќи во прилог на Гулит и Ван Бастен, списокот на Милан вклучуваше и висококвалитетни странци како Франк Рајкард, Папин и Бобан. Покрај тоа, Капело за својата тактика често претпочита играчи од средниот ред таканаречени “работници” како што се Деметрио Албертини и Стефано Еранио отколку скапите креативни странски засилувања.
Савиќевиќ и Капело брзо развија непријателски однос, првиот фрустриран од тоа што бил редовно изоставуван од првиот тим а вториот не сакајќи да ја промени победничката формула што го предводеше тимот до серија од одиграни натпревари без пораз во лигата од мај 1991 година (низата на одиграни натпревари без пораз ќе заврши по 58 натпревари во март 1993 година против Парма). Во ноември 1992 година, кога го прашаа како се справува со изоставувањето на играчите од светска класа како што се Савиќевиќ или Папин, Капело одговори: Многу е тешко за сите овие одлични играчи. Во повеќето клубови екипата се состои од 15 до 16 играчи. Ние тука имаме 24 играчи. Тие мора да го сменат својот менталитет исто како што јас сум морал да го сменам мојот. Ова е еден поинаков начин на вршење на должноста. Тоа значи дека тие мора да бидат подготвени да работат напорно дури и кога не се наоѓаат во тимот. Работа, работа, работа. Тоа е единствениот начин. Тоа не е лесно за нив.
До декември, Савиќевиќ беше толку незадоволен со својот статус во клубот што тој донесе одлука да го напушти во зимскиот преоден рок затоа што имаше понуди од Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид. Сепак тој реши да остане.
Дури на 24 јануари 1993 година Савиќевиќ го постигна својот прв гол – гол за победа од пенал во 78 минута од натпреварот на домашен терен против Џенова. Конечно запишувајќи се во списокот на стрелци, Савиќевиќ малку се охрабри и две недели подоцна, тој постигна уште еден гол против нискорангираната Пескара. Неговиот блескав момент во инаку неинтересната деби сезона во Серија А дојде на 7 март 1993 година на домашен терен против Фиорентина кога во второто полувреме ги постигна двата гола во победата на Милан од 2-0.
Како врв на фрустрирачката сезона, Савиќевиќ не беше вклучен во тимот што Капело го одведе во Минхен да се соочи со Олимпик Марсеј во финалето на Лигата на Шампионите во 1993 година.
На крајот од кампањата, по неговата потпросечна сезона, судбината на Савиќевиќ се одлучуваше меѓу челниците на Милан. Капело сакаше тој да го напушти тимот, додека Берлускони стоеше цврсто на ставот играчот да остане и да добива сè повеќе и повеќе можности да игра.
Вон сезоната во летото 1993 година донесе неколку промени во играчкиот кадар кои ќе завршат во корист на Савиќевиќ. Неговите главни конкуренти, двајцата играчи од средниот ред со офанзивни задачи Гулит и Ван Бастен си заминаа од тимот, првиот фрустриран бидејќи неговата улога во играта на Милан беше значително намалена премина во редовите на Сампдорија, а вториот направи пауза од една година сè со цел да заздрави од повредата на зглобот за која на крајот ќе испадне дека е фатална по неговата кариера. Освен тоа, Франк Рајкард премина во редовите на Ајакс, со што се ослободи уште повеќе простор. Новите летни странски засилувања Brian Laudrup и Florin Răducioiu малку играа под водство на Капело, сето ова ја направи конкуренцијата за трите странски места полесна за останатите странци Савиќевиќ, Бобан и Папин во текот на првиот дел од сезоната.
Од почетокот на новото домашно првенство, Савиќевиќ доби поголема можност да игра во првиот тим и неговата игра беше солидна. Иако често не играше на својата позиција и сè уште не беше редовен првотимец, тој почна да се прилагодува во клубот. Сепак, следуваат повеќе падови во кариерата. Прво, како што започна групната фаза во Лигата на Шампионите кон крајот на ноември 1993 година, Капело го постави во резервниот состав за првиот натпревар на гости во Андерлехт на што црногорецот бурно реагираше со тоа што одби да седне на клупата, предизвикувајќи многу напнатост во клубот. Неколку недели подоцна, во средината на декември, спротивставувањето продолжи откако Капело сосема го исфрли од составот за Интерконтиненталниот куп во Токио против ФК Саун Пауло предводен од тренерот Теле Сантана Да Силва во 1993 година, што доведе до уште една жестока расправија помеѓу играчот од средниот ред и тренерот. Овој вид на бунт се исплатеше за Савиќевиќ, бидејќи тој стана редовен првотимец сè до крајот на сезоната, оставајќи значителен придонес во освојувањето на титулите во Серија А и Лигата на Шампионите, и покрај тоа што не постигна ниту еден гол во своите 20 лигашки натпревари.
Формацијата која Капело ја примени во текот на сезоната беше исклучително дефанзивна 4-4-2 формација, која резултираше со 36 постигнати и само 15 примени голови на 34 натпревари во лигата. Со декемвриското засилување Marcel Desailly кој веднаш доби статус на редовен првотимец, одбраната дополнително се зацврсти. Сепак за неговата инспиративна и креативна игра, Савиќевиќ беше прогласен за Il Genio ( Генијалецот ) од страна на претседателот на клубот Берлускони со кого Дејан изгради одличен однос. Всушност, личната поддршка на Берлускони го задржа Савиќевиќ од напуштање на клубот во повеќето моменти кога тој не се согласуваше со Капело.
Сепак, оваа сезона заврши одлично за Савиќевиќ. Неговиот настап во финалето на Лигата на Шампионите на 18 мај 1994 година на олимпискиот стадион во Атина се покажа дека е најголемиот момент во неговата кариера, и најверојатно една од најдобрите поединечни изведби во натпреварувањето. Тој веќе покажа знаци на подобрување на формата и самодовербата во вториот дел од сезоната во Лигата на Шампионите, постигнувајќи два гола во текот на март, веднаш по зимската пауза во последователните натпревари против Вердер Бремен на домашен терен и на гости (иако голот на Сан Сиро го постигна по катастрофалната грешка од страна на одбранбениот играч на Вердер). Сепак, и покрај беспрекорното освојување на првото место во групата и лесната победа во полуфиналниот натпревар, Милан се најде во мал неред чекорејќи кон финалето откако двата централни играчи од одбраната Франко Барези и Алесандро Костакурта, јадрото на дефанзивната формација на Капело, беа суспендирани. Земајќи предвид дека противникот беше амбициозниот тим на Јохан Кројф ФК Барселона заедно со Ромарио и Христо Стоичков, Капело одлучи против огнот да се бори со оган со што испрати многу поофанзивно ориентирана формација. Тактичката промена му одговараше на Савиќевиќ, тој му асистираше на Даниеле Масаро за отворање на резултатот, а потоа со полуволеј удар од 35 јарди (околу 30 метри) постигна ефектен гол за недостижно водство од 3-0. Огромната храброст и техничка брилијантност на голот, одлуката да се оди на добро поставен лоб удар од десниот раб на шеснаесетникот на голманот на Барселона Андони Зубизарета кој беше нешто блиску до линијата во ситуација во која повеќето голмани би излегле понапред и би се одлучиле за силен удар бидејќи во близина немаше ниту еден играч од одбраната, му донесе многу пофалби и признанија.
И покрај тоа што неговиот настап во финалето на Лигата на Шампионите предизвика голем публицитет, следната сезона 1994/1995 почна речиси на ист начин за Савиќевиќ. Неговата вредност во клубот очигледно порасна, но бидејќи Капело се врати на својот вообичаен начин на водење на тимот со тактики и одбрана која доминира врз офанзивна креативност, Савиќевиќ сè уште беше принуден да пропушти некои натпревари ( иако конкуренцијата за странски места стана полесна само со повратникот Гулит кој за време на средина на сезоната повторно замина, Бобан и Desailly како конкуренти. Покрај тоа, низ целата сезона Савиќевиќ го следеа непријатни повреди, така што Црногорецот се појави само на 19 од 34 лигашки натпревари. Сепак тој успеа да постигне 9 лигашки голови ( неговата најдобра сезона во однос на постигнати голови во Серија А ) вклучувајќи 4 голови на еден натпревар на 14 јануари 1995 година против Бари на стадионот Сан Никола, стадионот каде што ја освои европската титула со Црвена Ѕвезда.
И покрај тоа што тимот се наоѓаше на средината на табелата во Серија А во 1995 година, Савиќевиќ постојано играше добро за Милан на патот кон нивното трето последователно финале во Лигата на Шампионите, што за него кулминираше во спектакуларно полуфинале против Париз Сен Жермен, каде што тој постигна два гола во реванш натпреварот на Сан Сиро. Пред тоа, во првиот натпревар Савиќевиќ му асистираше на Бобан во судиското продолжение за единствениот гол на натпреварот. Без оглед на неговиот сјаен настап против ПСЖ и неговиот придонес кон тимот во 1995 година, тој не беше дел од тимот кој Капело го одведе до Виена за финалето во Лигата на Шампионите во 1995 година поради “повреда” иако Савиќевиќ инсистираше дека беше подготвен. Во финалето, многу негативниот и одбранбено ориентиран Милан создаде малку шанси и на крајот загуби од тимот на Ајакс предводен од Louis van Gaal со 1-0.
Новите странски играчи Паоло Футре и Џорџ Веа како и потпишувањето на Роберто Баџо ја зголеми конкуренцијата во средниот ред, но 29 годишниот Савиќевиќ успеа да даде добри резултати во сезоната со 23 настапи во лигата и 6 лигашки голови. Неговите најсјајни моменти се случија во градското дерби наречено Derby Della Madonnina каде што тој конечно постигна гол против градските соперници Интер. Во повеќе прилики Савиќевиќ ги покажа своите неверојатни технички способности и контрола над топката, како на пример кога ги дриблаше и танцуваше околу одбранбените играчи на Парма, Фернандо Коуто и Лујџи Аполони за да му асистира на Баџо за првиот гол против Парма на Сан Сиро, пред и самиот да постигне гол за конечен резултат од 3-0.
Во неговата кариера на Сан Сиро, Милан освои 7 трофеи, вклучувајќи 3 скудета (Серија А титули) 1992/1993, 1993/1994, 1995/1996, 1 Куп на Европските Шампиони 1993/1994, и 1 Европски Супер Куп, но беше критикуван во италијанските медиуми за тоа што не секогаш даваше се од себе против помалите екипи и на неговите настапи често играше топло-ладно.
Репрезентативната кариера на Савиќевиќ која опфаќа 13 години е поделена на два посебни дела, првите шест години под водство на тренерот Ивица Осим кога земјата се викаше СФР Југославија и се состоеше од шест републики, и последните пет години под водство на тренерот Слободан Сантрач претставувајќи ја СР Југославија која се состоеше од Србија и Црна Гора.
Годините под водство на Осим беа обележани со бурниот однос кој го споделија овие двајца, со тоа што конзервативниот Осим често се сомневаше во талентите на Савиќевиќ, претпочитајќи играчи кои тој мислеше дека се позрели и сигурни за местата од офанзивните редови како на пример Златко Вујовиќ, Мехмет Баждаревиќ, Драган Стојковиќ па дури и ветеранот Сафет Сушиќ.
Под водство на Сантрач, без размислување Савиќевиќ беше првотимец, но поради ембаргото на ОН наметнато на СР Југославија и како резултат на спортските санкции, тој пропушти вкупно две и пол години од репрезентативната кариера. Освен тоа, бидејќи Југославија не продолжи со играње на натпревари до средината на 1996 година, тоа значеше дека Савиќевиќ беше спречен од играње на какви било натпревари за репрезентацијата, од кога имаше 25 години сè додека наполни речиси 30 години.
Савиќевиќ дебитираше за репрезентацијата додека сè уште играше за Будуќност, на 29 октомври 1986 година во квалификацискиот натпревар за ЕП 1988 година против Турција во Сплит. Самиот тренер Ивица Осим, кој ја предводеше репрезентацијата во неговиот четврти натпревар севкупно ( и неговиот прв натпревар како самостоен тренер бидејќи пред тоа ги делеше тренерските обврски со Иван Топлак ) го стави талентираниот 20-годишен играч во игра како замена за Харис Шкоро во 53та минута при водство на Југославија од 2-0 преку двата погодока на Златко Вујовиќ во првото полувреме. Дебитантот Савиќевиќ не трошеше време за да остави впечаток затоа што во 73та минута го постигна голот за 3-0 пред Вујовиќ да постигне хет трик за конечен резултат од 4-0. Сепак, и покрај тоа што Савиќевиќ го постигна дебитантниот гол, неговата слава беше преземена од друг дебитант 22-годишниот Семир Туце кој покажа голема самодоверба играјќи на левата крилна позиција во средината на теренот и поради тоа го имаше на насловните страници. Две недели подоцна Осим не го повика Савиќевиќ за важниот квалификациски натпревар на гости на Вембли против Англија, додека Туце доби повик и влезе во игра како замена во второто полувреме. Југославија загуби со 2-0.
Младиот Савиќевиќ ќе треба да чека цела година за неговиот втор репрезентативен настап. Во средината на октомври 1987 година, квалификациите за ЕП 1988 беа сè уште во тек со Југославија играјќи против Северна Ирска на стадионот Грбавица во Сараево и тој повторно ќе влезе како замена во второто полувреме овојпат го заменуваше Фадил Вокри. Југославија оствари лесна победа од 3-0, и Англија ја уништи Турција со 8-0 истиот ден, со што сцената беше поставена за решавачкиот натпревар помеѓу Југославија и Англија, каде што ќе се одлучи кој ќе оди го Германија. Ако Англија победи или биде нерешено ќе се квалификува а доколку победи Југославија, подоцна ќе треба исто така да победи против Турција на гости со цел да ја помине Англија и да се квалификува. Натпреварот се одигра на 11 ноември 1987 година на преполнетиот стадион од 70,000 гледачи на Маракана во Белград и повторно Савиќевиќ не доби шанса да игра додека Англија ја посрамоти Југославија со 1-4 и се квалификува на ЕП.
Еден месец подоцна, Осим на 21-годишниот Савиќевиќ му овозможи за првпат да настапи од самиот почеток на останатиот безначаен квалификациски натпревар против Турција во Измир.
Во наредниот период помеѓу двата квалификациски циклуса, Југославија одигра шест пријателски натпревари од март до септември 1988 година и Савиќевиќ се појави само на првите два натпревара (цели 90 минути против Велс и Италија кон крајот на март 1988 година ) како што неговиот незгоден однос со Осим, кој не беше отпуштен од страна на Југословенската Фудбалска Федерација и покрај тоа што не успеа да се квалификува за ЕП 1988, продолжи.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.