Гранични спорови меѓу Хрватска и Словенија
From Wikipedia, the free encyclopedia
По распадот на Југославија во 1991 година, Словенија и Хрватска станале независни земји. Бидејќи границата меѓу земјите не била детално одредена пред независноста, неколку делови од границата биле спорни, и на копно и на море, имено во Пиранскиот Залив.[1]
Според хрватскиот завод за статистика, двете земји делат околу 668 километри на граница.[2] Според Заводот за статистика на Република Словенија, границата се протега на 670 километри.[3] Границата претежно минува по оската југозапад-североисток.
Земјите се обиделе да го решат спорот, особено со договорот Дрновшек-Рачан во 2001 година што бил ратификуван од Словенија, но не и од Хрватска.[4] Поради спорната граница, Словенија ги блокирала разговорите за пристапување на Хрватска во ЕУ [5] додека не бил постигнат договор од двете земји и ЕУ за решавање на спорот со обврзувачка арбитража.[1][6]
На 29 јуни 2017 година, Постојаниот арбитражен суд донел обврзувачка одлука за границата, одлучувајќи за спорните делови од копнената граница, исцртувајќи ја границата во Пиранскиот Залив и пресудила Словенија да има директен пристап до меѓународните води на северниот дел на Јадранско Море преку коридор што минува низ хрватските води.[7] Тој пресудил и за неколку други спорни погранични области. Пресудата била поздравена од Словенија, но Хрватска изјавила дека нема да ја спроведе. Хрватска соопштила дека се повлекла од процесот во 2015 година, наведувајќи ги откриените разговори меѓу претставникот на словенечката влада и членот на арбитражниот суд како прекршување на арбитражните правила.[8][9][10][11] Словенија ја спровела пресудата на 29 декември 2017 година со континуирано противење од Хрватска.[12]