Генеалошки ДНК тест
From Wikipedia, the free encyclopedia
Генеалошкиот ДНК тест — генетски тест заснован на ДНК кој се користи во генетската генеалогија кој ги разгледува специфичните местоположби на геномот на една личност со цел да ги пронајде или потврди генеалошките врски на предците или (со помала веродостојност) да ја процени етничката мешавина на поединецот кој се тестира. Бидејќи различни компании за тестирање користат различни етнички наводни групи и различни алгоритми за совпаѓање, проценките на етничката припадност за поединецот варираат помеѓу тестовите, понекогаш драматично.
Достапни се три главни типови на генеалошки ДНК тестови, при што секој гледа во различен дел од геномот и е корисен за различни видови генеалошко истражување: автосомно (атДНК), митохондриско (мтДНК) и Y-хромозом (Y-ДНК).
Автосомните тестови може да резултираат со голем број ДНК совпаѓања и кај машките и женските лица кои исто така се тестирале со истата компанија. Секој тест обично ќе покаже проценет степен на поврзаност односно блиско семејно совпаѓање, како први братучеди, втори итн. Најоддалечениот степен на врска е обично нивото „шести братучед или понатаму“. Меѓутоа, поради случајната природа на која и колку ДНК ја наследува секое тестирано лице од неговите заеднички предци, може да се направат прецизни заклучоци за врската само за блиски односи. Традиционално генеалошко истражување и споделување на семејните стебла, обично се потребни за толкување на резултатите. Автосомните тестови се користат и при проценка на етничката мешавина.
мтДНК и Y-ДНК тестовите се многу пообјективни. Сепак, тие даваат значително помалку ДНК совпаѓања, доколку ги има (во зависност од компанијата што го прави тестирањето), бидејќи тие се ограничени на врски по строга женска линија и строга машка линија, соодветно. Тестовите мтДНК и Y-ДНК се користат за да се идентификуваат археолошките култури и миграциските патеки на предците на една личност по строга линија на мајка или строга линија на татко. Врз основа на мтДНК и Y-ДНК, може да се идентификува хаплогрупата на личноста. мтДНК тестот може да го направат и машките и женските, бидејќи секој ја наследува својата мтДНК од својата мајка, бидејќи митохондриската ДНК се наоѓа во јајце клетката. Додека пак, Y-ДНК тест може да направи само маж, бидејќи само мажите имаат Y-хромозом.