Волтер Рoли
англиски аристократ, истражувач, писател и војник / From Wikipedia, the free encyclopedia
Волтер Роли (понекогаш и Волтер Рали; англиски: Sir Walter Raleigh, IPA: /ˈrɔ:li/, /ˈrɑ:li/ /; ок. 1552 – 29 октомври 1618) бил англиски истражувач, војник, писател, и миленик на кралицата Елизабета I. Тој е една од најзначајните фигури од елизабетанската ера, одиграл главна улога во англиската колонизација на Северна Америка, го потиснал бунтот во Ирска, помогнал Англија да се одбрани од шпанската армада и за време на Елизабета I имал политичка функција.
Сер Волтер Роли | |
---|---|
Портрет на Роли, 1588 | |
Лични податоци | |
Роден(а) | ок. 22 јануари 1552 (или 1554) Девон, Англија |
Починал(а) | 29 октомври 1618(1618-10-29) (на возраст од околу 65 г.) Лондон, Англија |
Потпис |
Волтер Роли е роден во протестантско семејство во Девон, син на Волтер Роли и Кетрин Шампернаун. За неговиот ран живот е малку познато, но во доцните тинејџерски години извесно време поминал во Франција, каде учествувал во религиозните граѓански војни.[1] Во своите 20-ти години учествувал во задушувањето на бунтот во Ирска; учествувал и во опсадата на Смервик.[2][3]
Подоцна, добил имот во Ирска и станал градоначалник на Југал во Источен Манстер, каде што во Миртл Гроув сè уште се наоѓа неговата куќа.[4] Брзо станал миленик на кралицата Елизабета I и во 1585 година бил прогласен за витез. Роли добил писмо со кралска повелба со која се овластува да ја истражува Вирџинија, за да го подготви местото за идни англиски населби. Во 1591 година, без дозвола од кралицата, тајно се оженил со Елизабет Трокмортон, една од дворските дами на кралицата, поради што тој и неговата сопруга биле испратени во Лондонската кула. По неговото ослободување, сопружниците се повлекле на неговиот имот во Шерборн, Дорсет.
Во 1594 година, Рoли слушнал за „Златен Град“ во Јужна Америка и отпловил да го најде. За неговите искуства оттаму во 1596 година ја напишал книгата „Откривање на Гвајана“ [5] но ги преувеличил работите; книгата придонела за легендата за „Ел Дорадо“. По смртта на кралицата Елизабета во 1603 година, Рoли бил повторно затворен во кулата, овој пат затоа што бил вклучен во Големиот заговор против кралот Џејмс I, кој не бил благонаклонет кон него.[6]
Во 1616 година, Рoли бил ослободен за да ја води втората експедиција во потрага по Ел Дорадо. За време на експедицијата, неговите луѓе ограбиле шпанска испостава, со што го прекршил условното помилување и мировниот договор со Шпанија од 1604 година. Рoли се вратил во Англија и за да им се удоволи на Шпанците, бил уапсен и погубен во 1618 година.
Томас Хариот можеби го запознал со тутунот.[7] Тој бил меѓу оние кои го популаризирале пушењето тутун во Англија. Во неговата ќелија набргу по неговото погубување била пронајдена кесичка со тутун на која на латински пишувало: Comes meus fuit in illo miserrimo tempore („Тоа беше мој придружник во тоа најмизерно време“).[8]