From Wikipedia, the free encyclopedia
Вилијам Стенли Мервин (англиски: William Stanley Merwin), (30 септември 1927 година - 15 март 2019 година) — американски писател, поет и преведувач.
Вилијам С. Мервин | |
---|---|
Мервин во 2003 година | |
Роден/а | William Stanley Merwin 30 септември 1927 Њујорк, САД |
Починат/а | 15 март 2019 91) Хаику, Хаваи, САД | (возр.
Занимање | поет |
Националност | американска |
Образование | Вајоминшка богословија, Кингстон, 1944; Универзитет Принстон (следел предавања) |
Период | 1952–2019 |
Жанр | поезија, проза, превод |
Значајни награди | Награда ПЕН за превод 1969 Пулицерова награда за поезија 1971, 2009 Награда Ајкен Тејлор за модерна американска поезија 1990 Награда Ленор Маршал за поезија 1994 Танингова награда 1994 Награда Национална книга 2005 Награда „Златен венец“ 2005 Поет лауреат на САД 2010 Меѓународна книжевна награда Збигњев Хербер 2013 |
Сопруг/а | Дороти Џин Фери Дидо Милрој Пола Данавеј (1983–2017) |
Потпис |
Објавил над 20 книги поезија, за кои меѓу другите добил и две Пулицерови награди, за книгите Носач на скали (1970) и Сенката на Сириус (2009). Исто така бил многу плоден преведувач, преведувајќи претежно од романски јазици - делата на Данте, Неруда и други.
Роден е на 30 септември 1927 година во Њујорк. Неговиот татко бил презвитеријански свештеник и како петгодишен Мервин пишувал химни.[1] Учел на Принстон заедно со поетот Голвеј Кинел, студирајќи кај книжевниот критичар и поет Ричард Палмер Блекмур и поетот Џон Бериман.[2] Дипломирал во 1948 година, а потоа посветил една година на учење романски јазици.[2] Во тоа време пишувал драми во стихови и ги подучувал децата од португалското кралско семејство.[1] Почнал и да преведува. Се оженил со Дороти Џ. Фери.[3] Во 1950 година, отишол во Мајорка каде го подучувал синот на Роберт Грејвс.[3] Таму ја запознал својата идна сопруга Дидо Милрој. Потоа живеел во Лондон и јужна Франција. Откако добил стипендија, се преселил во Бостон.[2] Таму влегол во поетскиот кружок околу Роберт Лоуел, запознавајќи се со поетите Тед Хјуз, Силвија Плат, Едриен Рич и Доналд Хол, што ја зацврстило неговата одлука да се посвети на поетската вокација.[4] Подоцна се вратил во Европа со неговата сопруга Дидо Мелрој, каде се дружел со поетската двојка Тед Хјуз и Силвија Плат. Во 1968 година се развел по втор пат и живеел паралелно во Њујорк, Лондон и јужниот дел на Франција.[2] Во 1976 година Мервин се сели на Хаваите на стара плантажа со ананас што се обидува да ја врати во претходната состојба - во палмина шума.[3] Таму го проучувал зен-будизмот и се оженил со Пола Шварц.
Станал поетски советник на Конгресната библиотека во 1999 година, заедно со поетесите Рита Дов и Луиз Глик.[4] Во 2005 година бил прогласен за лауреат на Фестивалот на вечери на поезијата во Струга, Македонија.[4]
Се изјаснувал против војната во Виетнам и бил пацифист, политички активен и еколошки свесен. Коментирајќи ги историските настани од неговото време, тој рекол дека историјата е секако „пропадната компанија“.[1]
Починал на 15 март 2019 година во својот дом во Хаику-Пауел, Хаваи, на 91 година, во сон.[5]
Најголемо влијание врз формирањето на Мервин како поет имал Езра Паунд кога го посетил околу 1940 година како осумнаесетгодишник. По таа посета, Паунд му испратил разгледница на која му го напишал советот: „Читај ги семките, а не гранчињата“, која се однесувала на четиво кое Мервин треба да го прочита, т.е. да не чита веќе исполирани врвни книжевни дела, туку оние кои со некои свои идеи или сè уште неоформени постапки на крајот довеле до големите писатели кои ги усовршиле. Паунд, исто така, го советувал сериозно да се занимава со превод како вид на поетска вежба.[1]
Првата поетска книга на Мервин, Маската на Јанус (1952), ја добила наградата Јејл благодарение на поетот В. Х. Одн кој ја сметал за технички многу успешна. Пишувајќи ја, Мервин бил вдахновен од средновековната поезија што ја превел под влијание на Пунд и од класичната митологија. Во следните книги Зелено со ѕверовите (1956) и Пијан во печката (1960), Мервин го менува својот стил под влијание на исповедната поезија на поетите околу Роберт Лоуел и пишува подиректно и повеќе автобиографски.[2]
Во 1967 година, излегува книгата Вошки како одговор на Виетнамската војна[3] која повеќето критичари ја сметаат за негова најуспешна поетска книга,[6] додека самиот Мервин ја сметал за свое најмрачно и најмизантропско дело. Веќе во претходната книга Подвижна цел, Мервин почнал да ги напушта интерпункциските знаци, се залагал за усна поезија и ги заменил традиционалните врзани стихови со слободни стихови.[1] Следната книга, Носачот на скали (1970), ја добил Пулицеровата награда. Парите од наградата ги донирал против војната во Виетнам, а тоа В. Х. Одн го критикувал, нагласувајќи дека Пулицеровата награда нема политичка конотација.[3] Многу од песните во оваа книга се за исконската поврзаност на човекот со природата и оддалеченоста од неа, како и желбата за моќ и уништување,[7] кои се сите теми што се протегаат низ поезијата на Мервин, која инаку е склона кон критика на општеството и времето во кое живее поетот.[3] Во свет во кој има јадрено оружје и војни, а шумите сè побрзо исчезнуваат под градовите, Мервин во песната Елегија, која има само еден стих, се прашува: „Кому би му ја покажал“.[8]
Преведувачката работа на Мервин е многу разновидна, од Поемата за Сид до поезијата на Осип Манделштам и Пабло Неруда. Најмногу признанија добил за преводот на делата Сер Гавејн и Зелениот витез, како и за преводот на Дантевото Чистилиште.[9]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.