Вики
From Wikipedia, the free encyclopedia
Вики (/ˈwɪkiː/) — мрежно место каде е овозможено корисниците да додаваат, отстрануваат или уредуваат содржини преку својот прелистувач, понекогаш без потреба од регистрирање, со користење едноставен јазик за означување или семрежен уредувач на текст. Леснотијата на заемнодејството и користењето го прави викито делотворна алатка за соработувачко создавање содржини. Терминот вики може да се однесува на самиот соработувачки софтвер кој ја овозможува работата на такво мрежно место, или на определени конкретни вики мрежни места, како информатичкото мрежно место (и првобитен вики) WikiWikiWeb, или енциклопедиите на интернет од типот на Википедија.
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Името на првиот софтвер наречен вики — WikiWikiWeb, му го дал неговиот автор Вард Канингем. Канингем се сеќавал дека на Меѓународниот аеродром во Хонолулу еден шалтерски службеник го посоветувал да се качи на автобуската линија „вики-вики“ која сообраќала меѓу терминалите. Според Канингем „го одбрав вики-вики како алтернатива за „брзо“ и така избегнав да го наречам ова брз-веб.“ „Вики-вики“ е удвојување на „вики“, хавајски збор што значи брзо или бргу. Зборот понекогаш се користи и како бекроним за „она што го знам е“, што опишува функција на споделување, чување или размена на знаење.
Според Канингем, идејата за „вики“ потекнува од софтверот HyperCard што го напишал во доцните осумдесетти години. Во доцните деведесетти, се јави растечко прифаќање на викијата како потенцијално делотворен начин за развој на приватни и јавни бази на знаења, и овој потенцијал ги инспирираше основачите на енциклопедискиот проект Nupedia, кој подоцна прерасна во Википедија. Во првите години на XXI век, викијата беа прифатени во рамки на претпријатија како колаборативен софтвер. Често се употребуваа за комуникација на проекти, интранети и документација, во прво време на технички теми. Во декември 2002 година Socialtext го објави првото комерцијално вики решение со отворен код. Во текот на овој период, софтвер за вики со отворен код беше широко достапен, симнуван и инсталиран. Денес некои компании користат вики како нивен единствен колаборативен софтвер и како замена за статични интранети. Вики софтверот наводно повеќе се користи зад огнени ѕидови во приватни мрежи отколку на јавниот интернет.